Oд почетокот на енергетската криза и порастот на цените донесени се над 30 мерки со вредност од над 600 милиони евра за заштита на домаќинствата и економијата
13 март 2022, Скопје – Изминаа две турбулентни недели од црниот 24 февруари, кога Русија ја започна воената инвазија врз Украина. Ненадминлив удар за човештвото, поради досега изгубените илјадници човечки животи и семејни трагедии. Остар удар и врз светската економија и животниот стандард на милиони граѓани ширум светот. Зошто е погодено светското население? Бидејќи украинската криза не е само војна помеѓу две држави, туку војна помеѓу две многу важни алки во глобалните синџири на снабдување. Русија е најголемиот извозник на гас, втор најголем извозник на нафта, важен извозник на метали, додека заедно со Украина се едни од најголемите извозници на жито во светот.
Во текот на овие две недели, рубљата го пробиваше дното, цената на барел нафта го уриваше плафонот (за првпат од 2008 година се искачи на над 130 долари за барел), а меѓународната заедница презеде санкции за економска изолација на Русија. Стана јасно дека кризата во Украина ќе се одрази врз глобалната економија. ММФ веќе најави дека ќе ја ревидира надолу проекцијата за годинешниот економски раст, откако претходно во јануари беше намалена за 0,5 процентни поени на 4,4%. Европската централна банка веќе направи ревизија на својата проекција за раст на економијата во еврозоната од 4,2% на 3,7%, што во некоја мера е и позитивно, бидејќи засега не се очекува навлегување на европската економија во нова рецесија (што се добри вести и за нас, со оглед на поврзаноста на домашната со европската економија). Очекувањата на ЕЦБ за инфлацијата во еврозоната е покачена од проектираните 3,2% на декемвриската седница, на 5,1%. Тие очекуваат во 2023 година инфлацијата да падне на 2,1%, додека во 2024 година би се симнала под 2%, односно на 1,9%.
Она што се исправи како најголем предизвик пред креаторите на политиките е, секако, тоа дека ситуацијата во Украина придонесе за кулминација на ценовните притисоци на примарните производи на светските берзи. Овие ценовни притисоци започнаа во 2021 година, или она што е познато во јавноста, како енергетска криза. На почетокот на пандемијата 2019-2020 година имаше голем пад на побарувачката на енергија, и како резултат на тоа соодветно намалување на производството на нафта. Кога економиите почнаа да функционираат во рамки на „новото нормално“, производителите бавно реагираа на закрепнувањето на побарувачката. Истовремено, имаше повеќе локални случувања во контекст на енергетската криза. На пример, Кина на крајот од 2020 година целосно го блокираше увозот на јаглен од Австралија. На Бразил, кој две третини од својата електрична енергија ја добива од хидроцентрали, му се случи најголемата суша во изминатиот век. Истовремено, тука се и залагањата за зелена енергија и намалувањето на емисиите на CO2 во Европската Унија. Околу една петтина од зголемувањето на цената на електричната енергија може да се припише на напорите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Ова беше посочено и од европскиот комесар за климатски активности, Франс Тимерманс.
Растот на цената на енергијата на светските берзи, вклучително и на други примарни производи, ги подгреа вкупните ценовни притисоци кои преку меѓународните пазари се прелеаја во националните економии. Сега, тие притисоци, како резултат на кулминацијата на руско-украинската криза, стануваат сè посилни.
Првите мерки донесени летото минатата година
Како мала и отворена, нашата економија, како и најголемиот дел од економиите во светот, ги почувствува движењата на меѓународните пазари на примарни производи (енергија и храна). Како што се развиваше кризата, тие послабо се чувствуваа во текот на 2021 година, но засилија при крајот на годината и кулминираа на почетокот на 2022 година. Иако некој, веројатно за политички цели, ќе каже дека доцна носиме мерки, вистината е дека првите мерки Владата ги презема уште пред повеќе од половина година, со намалување на стапката на ДДВ за струјата. Со измените на Законот за данокот на додадена вредност, даночната стапка за прометот на електричната енергија за домаќинствата во јули минатата година го намаливме од 18 на 5 проценти, заклучно јуни 2022 година. Со воведувањето повластена даночна стапка, овозможивме граѓаните да не го почувствуваат првичниот удар од зголемувањето на цената на енергијата. Понатаму, со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и на парното, Владата на двапати (на крајот на 2021 и на почетокот на 2022 година) на Електрани на Северна Македонија им префрли по 5,3 милијарди денари, или вкупно околу 10,6 милијарди денари. Ова резултираше со многу помала корекција на цената на електричната и на топлинската енергија од реалната пазарна вредност, односно цената изнесува околу 20% од пазарната.
Исто така, во декември беа замрзнати цените на дел од основните прехранбени производи, додека по завршувањето на оваа мерка, беше донесена мерка за ограничување на маржата за овие производи.
Во контекст на заштита на животниот стандард на граѓаните беше и покачувањето на минималната плата и на пензиите, со цел да се заштитат граѓаните што имаат пониски приходи од просечните.
Сега, две недели по отпочнувањето на руско-украинската криза, излегуваме со пакет од 26 мерки, кои имаат за цел да го заштитат стандардот на граѓаните и да ја поддржат економијата. Вредноста на најновиот пакет-мерки е проценет на околу 400 милиони евра, но доколку се земат предвид и претходните мерки што ги спроведе Владата минатата година и на почетокот на оваа година, сумата што досега е издвоена за ублажување на ценовните шокови кон граѓаните е околу 615 милиони евра. Оваа сума е блиску до онаа што Хрватите ја предвидуваат за справување со ценовните притисоци, или околу 635 милиони евра. За споредба, Грција предвидува 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн.
Кога ќе се споредиме со регионот, ние во моментот имаме и најниски цени на основните производи, како што се оние на маслото за јадење, шеќерот, брашното и горивата. Така на пример, литар дизел кај нас е за околу 0,3 евра, или околу 18 денари поевтин во однос на Србија, Хрватска и Црна Гора. Ако литар сончогледово масло кај нас чини 1,5 евра, во Хрватска е 2,2 евра, во Црна Гора 1,89 евра, во Косово 1,77 евра, Босна и Херцеговина 1,76 евра и Србија 1,7 евра. И цените за килограм брашно и килограм шеќер кај нас, во споредба со регионот, се пониски до 20 евроценти.
Кога ги правам овие споредби не би сакал читателот да ме сфати погрешно. Никој никого не теши дека нашите соседи плаќаат поскапи цени. Правиме соодветна економска анализа на состојбите за да можеме да ја добиеме целосната слика за ситуацијата. Во таа насока ќе се навратам на пакетите-мерки што тие ги спроведуваат и планираат, како и другите европски земји, бидејќи притисоците се чувствуваат секаде и сега сите излегуваат со активности и мерки.
Што преземаа нашите соседи и европските земји?
Доколку се анализираат мерките што се планира да се спроведат и се спроведуваат во земјите во регионот и во европските земји, тие можат да се категоризираат во трансфери за ранливи категории население, намалување на даноците за енергенси и регулирање на малопродажните цени.
Така, хрватскиот пакет, со чие спроведување се очекува намалување на инфлациските притисоци во втората половина на годината, се состои од мерки со кои се намалува стапката на ДДВ и мерки за директна финансиска помош. Тие предвидуваат намалување на ДДВто на гасот од 25% на 13%, но во првата година на 5%, ДДВто за огревно дрво го намалуваат на 13%, додека стапката за основните прехранбени производи како свежо месо и риба, овошје, зеленчук, масла за јадење и храна за бебиња на 5%, на ниво на лебот и млекото. Со стапка од 5% ќе се даночат и средствата за хигиена и спортските и културните билети. Исто така, предвидуваат и директна финансиска помош за најранливите категории граѓани, како корисниците на социјална помош и пензионерите, но ќе ги поддржат и претприемачите и земјоделците.
Мерките во Словенија се насочени кон таргетирани финансиски трансфери. Тие, исто така, предвидуваат поддршка за пензионерите, корисниците на социјална помош, корисниците на инвалидски и детски додаток, многудетните семејства и згрижувачките родители. Воедно предвидуваат и тримесечно ослободување од обврската за доплата за поддршка на производителите на енергија од обновливи извори и високо ефикасно комбинирано производство, како и надоместоците за дистрибутивната и преносната мрежа, за сите домаќинства.
Србија донесе мерки за подобрување на енергетската ефикасност преку финансиска поддршка на домаќинствата. За да ја намали инфлацијата, Србија воведе мерка за замрзнување на цените на брашното, шеќерот, сончогледовото масло, свинското месо и млекото и забрана за извоз на некои основни производи.
Црна Гора неодамна донесе мерки за намалување на акцизата за горивата за 20% и еднократна помош од 50 евра за пензионерите чија пензија е под просечната. Донесена е и одлука за зголемување на залихите на храна и гориво, како и одлука за воспоставување стокови резерви, бидејќи од 2003 година Црна Гора нема стокови резерви.
Во Грција, Бугарија и Албанија воведени се модели со кои се врши субвенционирање на цените на електричната енергија за домаќинствата и за бизнисите, додека во Косово се воведени рестрикции во снабдувањето со електрична енергија од по два часа дневно поради зголемената потрошувачка, ниското домашно производство, високите цени на увозот и нарушувањата предизвикани од нерамнотежата во европската преносна мрежа.
Државите во ЕУ дејствуваат со слични мерки. Германија објави намалување на доплатата на давачката на цената на електричната енергија, додека изготвени се и мерки со кои ранливите домаќинства ќе можат целосно да ги покријат сметките за греење. Германија превидува и еднократни грантови за домаќинствата со ниски приходи, кои ќе бидат исплатени во текот на летото, кога домаќинствата ќе ги добијат сметките од добавувачите на енергија.
26 мерки за цените на храната, горивата, поддршка на ранливите категории и на фирмите
Кога нашата Влада го конципираше пакетот од 26 антикризни мерки во насока на заштита на стандардот на граѓаните, секако предвид ги имавме и искуствата од другите земји во Европа и во регионот. Сепак, мерките се дизајнирани согласно потребите на нашата економија и граѓаните.
Доколку се анализира последниот пакет-мерки, истите може да се групираат во неколку категории. Така, според видот предвидовме даночни мерки, финансиска поддршка, административни ограничувања со кои ќе се влијае врз цените и мерки за штедење енергија. Доколку се групираат согласно насоката на делување, имаме мерки што се однесуваат на амортизирање на порастот на цените на храната и на горивата, ќе се влијае за поголема енергетска ефикасност и ќе се поддржат фирмите.
Во однос на мерките што ги насочивме кон намалување на цената на храната, ја намаливме повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5% на 0%. Ова се однесува на основните производи како леб, шеќер, брашно, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца.
За позначаен ефект, оваа мерка ќе биде спроведувана паралелно со замрзнување на маржите на некои основни производи за човечка исхрана. Така, во периодот од април до јуни годинава, предвидено е административно замрзнување на маржите, со цел спречување прекумерен профит, во период на енергетска криза и повисока стапка на инфлација, кога цените на прехранбените производи се подложни на чести нагорни корекции.
Во рамки на пакетот-мерки, предвидовме и автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини што имаат царински давачки од сите земји, како пченица, брашно тип 400 и сончогледово масло за јадење.
За најранливите категории граѓани предвидовме во периодот од април до јуни да им доделиме ваучери во вредност од по 1.000 денари секој месец, кои би се користеле за купување основни производи. За сите пензионери, започнувајќи од мартовската а завршувајќи со мајската пензија, предвидени се дополнителни субвенции од по1.000 денари како дополнување на пензијата.
Во однос на цените на енергенсите, преземавме повеќе сериозни даночни олеснувања и олеснувања преку пресметката. Една од нив е повластена стапка на ДДВ од 5% за електрична енергија за домаќинства до крајот на годината. Исто така, дадовме препорака за воведување блок-тарифи за помала потрошена количина електрична енергија истата да биде тарифирана со пониска цена, со што ќе се заштитат тие што имаат помал доход, но воедно и ќе се мотивираат за дополнително штедење во користењето на електричната енергија. Исто така, преку Програмата за енергетска сиромаштија, на домаќинствата со ниски примања месечната сметка за потрошена електрична енергија ќе им се намалува за 600 или 800 денари, согласно висината на примањата. Владата ќе го продолжи и субвенционирањето на цената на електрична енергија на регулираниот пазар, во услови на европска енергетска криза и значително зголемена берзанска цена на електричната енергија. Ќе се продолжи и субвенционирањето на цената на парното греење.
Во насока на ублажување на цените на горивата, кои деновиве го достигнаа највисокото ниво во изминатите 14 години, ја намаливме стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан. Мерката се очекува да има влијание врз заштита на куповната моќ на крајните потрошувачи, вклучително и на земјоделците што произведуваат во мал обем.
Исто така, во оваа насока ја намаливме акцизата за горивата, врз основа на движењата на берзанските цени. Со измените на Законот за акцизи, акцизата ќе се намалува за 1, 2 или 4 денари по литар за безоловен бензин, дизел и екстра лесно гориво, во согласно со средната дневна берзанска цена на „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“.
Исто така, за поддршка на увозниците, тие ќе бидат ослободени од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Мерката ќе има позитивен ефект врз ликвидноста на компаниите, за износот на данокот што би го платиле при нивен увоз.
Веќе изјавив, а ќе истакнам и тука, овие неколку дена покажавме како институциите во системот делуваат со највисока ефикасност во интерес на граѓаните. По објавувањето на мерките, Министерството за финансии преку Владата достави до Собранието измени на Законот за ДДВ и Законот за акцизи. Собранието во петокот во доцните вечерни часови, пред полноќ, едногласно ги усвои измените, додека Владата веднаш потоа донесе одлука со која се операционализираат даночните олеснувања. Регулаторната комисија за енергетика, веднаш по објавувањето на законите и одлуките во „Службен весник“, свика седница на која утврди нови цени на горивата, односно ги намали цените на горивата за 7% до 9%. Горд сум што покажавме едно ниво на германска ефикасност, а во интерес на граѓаните.
Но, да се вратиме на пакетот антикризни мерки. Предвидовме и повеќе мерки за зголемување на енергетската ефикасност. Една од нив е препораката до општините да го реорганизираат јавниот превоз, но и препораката за штедење и разумно користење на електричната енергија, бидејќи како ќе ни биде на сите нас, зависи од секој еден поединец. Секој од нас, граѓаните, треба да сфати дека цената што ја плаќа за електричната енергија е само 20% од реалната цена, поради владините субвенции. Кога се однесувате нерационално како потрошувач, се однесувате нерационално кон државниот Буџет, односно кон заедничките средства на сите граѓани.
Предвидовме и повеќе мерки за поддршка на фирмите, како на пример, финансискиот инструмент преку Европската банка за обнова и развој со кој ќе се обезбеди пристап до финансии за малите и средни претпријатија (но и домаќинства) за инвестиции во обновливи извори на енергија и решенија за енергетска ефикасност. Предвидена е и нова кредитна линија за поддршка на компаниите кои се соочуваат со енергетската криза и за стимулирање инвестиции во обновливи извори на енергија преку комерцијалните банки. Исто така, на располагање е и Гарантниот фонд, преку Развојната банка, за издавање портфолио гаранции за микро, мали и средни трговски друштва и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз преку гарантирање кај портфолио гаранциите.
Продолжуваме со стратегијата за финансиска консолидација
Од каде пари за овој обемен пакет-мерки? Од овие 400 милиони евра, колку што вреди вкупниот пакет, околу 90 милиони евра се откажување од приходи, а околу 310 милиони евра се директни фискални расходи. Сепак, не сите мерки ќе се реализираат истовремено. Дел се на кус рок, како што се даночните ослободувања и субвенциите за ранливите категории граѓани, додека има и среднорочни мерки коишто се однесуваат на фондовите за поддршка на компаниите. Дел од средствата ќе се обезбедат и од меѓународните финансиски организации, како ЕБОР. Според пресметките на Министерството за финансии, економското влијание на мерките се очекува да биде над 500 милиони евра со оглед на мултипликативниот ефект на некои мерки и со Планот за забрзан раст, според кој, покрај буџетските средства се мобилизираат и средства од приватниот сектор.
Финансиската поддршка за граѓаните и стопанството е извонредно важна во економски турбулентни години. Во таа смисла, прераната фискална консолидација (предвременото повлекување на финансиската поддршка за стопанството и за ранливите категории граѓани) би го одолговлекла периодот на закрепнување и на крајот, и би можела да резултира и во повисок јавен долг како процент од БДП. Во таа смисла останува отворена дебатата за меѓугенерациската солидарност и дистрибуција на доходот и долгот. Во текот на годината ќе има и реструктурирање на Буџетот, како што впрочем има и секоја година, при што ќе се пренасочат одредени средства кои реално нема да се искористат кон овие позиции.
Пред да ја завршам оваа колумна, би сакал да истакнам дека дури и во сценарио на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи, фискалниот простор дозволува дополнителна интервенција, во насока на заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Но, тоа што е многу важно за сите нас во ова време на криза и високи цени на основните прехранбени производи и енергенси, е дека сите можеме да дадеме голем придонес со сопствени чекори, ако штедиме и порационално ги користиме енергенсите во овој период, со цел разликите во цените помалку да се одразат на сопствениот доход без оглед дали е на ниво на поединец, семејство или претпријатие.
За крај би додал, никој не вели дека ќе биде лесно, но тврдам дека од моја страна како министер за финансии, а и од страна на моите колеги од Владата ќе има борба за да граѓаните што помалку ги почувствуваат притисоците од руско-украинскиот конфликт. Тоа впрочем го докажавме и со антикризните мерки за време на пандемијата со кои значително беа амортизирани ефектите врз економијата и за кои добивме најдобри оценки од меѓународните финансиски институции. Во меѓувреме, на среден и на долг рок остануваме на добро поставената макроекономска и фискална рамка во која предвидуваме фискална консолидација и забрзан раст, во насока на развој на нашата економија.
Будно следење, навремена и одговорна реакција кон предизвиците во време на голема неизвесност и потребата за успешно управување со очекувањата
И покрај очекуваното ублажување на ефектите од ценовната и енергетската криза со преземените мерки од страна на Владата, неизвесноста останува голема, а со тоа и можноста за шпекулации останува актуелна. Пред нас останува тешка и одговорна задача, да следиме будно како се движат настаните, континуирана консултација и транспарентна комуникација, за да се одржи кредибилитетот на институциите, а со тоа и да се избегнат евентуалните шпекулации со што ќе може подобро да се управуваат очекувањата како клучна детерминанта во успешноста на социоекономските политики. А тоа во време на криза не е едноставна задача. туку заедничка мисија на сите чинители во општеството, на носителите на политиките, на политичките партии, бизнис-заедницата, експертската и академската заедница, медиумите, граѓанскиот сектор, едноставно на секој граѓанин.
Фатмир Бесими, министер за финансии