31 март 2022, Скопје – Бескаматни и поволни кредитни линии се ставаат на располагање на компаниите, за да се поддржат во време на енергетска криза, како дел од последниот пакет-мерки што го усвои Владата. Кредитните линии се воспоставуваат преку Развојната банка на Северна Македонија, за што Владата завчера на седница усвои информација и го задолжи министерот за финансии да ги потпише договорите за нивно администрирање со РБСМ.
Станува збор за три кредитни линии дизајнирани за поддршка на приватниот сектор и тоа:
бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании директно погодени од енергетската и економската криза преку директно кредитирање од РБСМ во износ од 5 милиони евра, бескаматна кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенси преку банки учеснички во вредност од 10 милиони евра и кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра. Интенцијата и начинот на кој се креирани трите кредитни линии е покрај овие 25 милиони евра буџетски средства да генерираат дополнителни двојно повеќе средства и тоа над 40 милиони евра и со тоа да се даде позитивен импакт во економијата.
Кредитната линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза преку директно кредитирање од РБСМ е наменета за микро, мали и средни трговски друштва, трговци поединци и занаетчии од секторот производство на храна согласно шифрата на дејност. Важно е да се истакне дека крајните корисници ќе ги добијат средствата без камата, односно камата е 0%, со шест месеци грејс период за отплата, притоа во зависност од времетраењето на отплатата предвидена e и грант компонента од 10% или 20%.
Преку бескаматна кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенси се обезбедуваат 10 милиони евра, за микро, мали и средни трговски друштва како и трговци поединци и занаетчии. Средствата ќе се пласираат преку комерцијалните банки коишто ќе изразат интерес за учество, а кои ќе треба да учествуваат со 50%, односно вкупниот ефект во стопанството да биде 20 милиони евра. Предвидено е банките да пресметуваат каматна стапка до 3,5% годишно за својот дел од кредитот (или просечно до 1,75% на вкупниот кредит), притоа истата кон деловните банки ќе биде целосно субвенционирана со што крајната каматна стапка за крајните корисници, односно за компаниите, ќе изнесува 0%.
Третата кредитна линија наменета за инвестиции во основни средства, односно енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) во износ од 10 милиони евра е наменета за микро, мали и средни трговски друштва, како и за трговци поединци и занаетчии и приватни здравствени установи. Ќе се пласира, исто така, преку комерцијалните банки при што 60% од проектот ќе се кредитира преку оваа кредитна линија, додека 40% од сопствени средства на инвеститорот или кредит од банката учесник. Услови под кои ќе се пласира кредитот кон крајниот корисник е отплата до 8 години со грејс период до 12 месеци за енергетска ефикасност и 12 години отплата со грејс период до 24 месеци за проекти за обновливи извори на енергија. Каматната стапка што ќе ја наплаќаат банките учеснички од крајните корисници е 1,6% годишно.