1 април 2022, Скопје – Министерството за финансии заедно со Светска банка работи на воспоставување инвестициски фондови во земјава за поддршка на компании во сферата на зелената и дигиталната трансформација. Решенијата што се во фаза на подготовка, а се дел од нацрт-студијата подготвена од страна на СБ, беа дискутирани на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со Мисијата на Светска банка за иновации и конкурентност предводена од Масимилијано Паолучи, постојан претставник на СБ во земјава.
Станува збор за инвестициски фонд во ФИТР за микро, мали и средни претпријатија за инвестиции во зелена и дигитална трансформација , како и стратешки инвестициски фонд за поддршка на инвестиции во ТИРЗ и за инфраструктурата во зоните.
Воспоставувањето на овие фондови произлегува од потребата за финансиска поддршка на компании што се во фаза на основање и компании на кои им требаат средства за развој, но не можат да ги обезбедат во традиционалниот банкарски сегмент, како и за инвестиции на компаниите во проекти за намалување на штетното влијание врз животната средина и енергетската ефикасност.
Инвестициите во иновации, нови производи, дигитална трансформација, проширување на нови пазари, модернизација на опремата, подобрување на продуктивноста и воведување еколошки стандарди во производството ќе придонесат за закрепнување на претпријатијата во постковид периодот и за забрзан економски раст.
Двата фонда се дел од предвидените финансиски инструменти во Планот за забрзан економски раст на Министерството за финансии, со кој ќе се поддржат инвестиции од јавниот и приватниот сектор, а во насока на достигнување просечни годишни стапки на раст од над 5%. Приоритетни области се подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на животот, а се насочени кон повеќе приоритетни области како што се зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија.