8 април 2022, Атина – „Околу 615 милиони евра се издвоени досега за амортизирање на ценовните шокови. Владата минатата година презеде мерки за амортизирање на порастот на цените, а годинава дополнително беше донесен сет од 26 мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и фирмите, но и за финансиска поддршка на фирмите преку Развојната банка. Кризата може да се искористи како можност за обединување и понатамошно проширување на Европската Унија и на НАТО. Стратешкото позиционирање на малите и отворени економии е клучно во време на зголемена поларизација“, порача Бесими во своето обраќање на Делфи форумот, што се одржува во Грција, а на кој присуствуваа високи претставници од 36 земји.
Во однос на последиците од руско-украинската војна, Бесими посочи дека РС Македонија иако има мала економска соработка со Русија и Украина, сепак ги чувствува ефектите од војната коишто во нашата економија се рефлектираат индиректно и тоа преку глобалниот пораст на цените на енергенсите и на основните прехранбени производи, како и преку забавените економски активности и инфлациските притисоци во Европа како наш најголем трговски партнер. Дополнително, Русија и Украина претставуваат еден од најголемите извозници на метал во нашата земја, што се очекува да се рефлектира врз нашата метална и градежна индустрија.
„Во услови на пораст на цените, во јули минатата година ја намаливме стапката на ДДВ за прометот на електричната енергија за домаќинствата од 18 на 5%, заклучно со јуни годинава. Истата мерка, сега со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните, ја продолжуваме до крајот на годината“, потенцира Бесими.
Војната во Украина, исто така, го привлече вниманието на политиката во врска со потребата од зајакнување на домашното производство на храна и енергија.
„Намалената зависност од увоз на енергија и храна и диверзификацијата на увозот треба да ја зајакне отпорноста на нашите економии на идни кризи“, рече Бесими и додаде дека и покрај климатските промени, имаме релативно поволни временски услови за зголемување на домашното производство на храна, повикувајќи ги земјоделските и прехранбените компании од Грција и од регионот да инвестираат во проекти во нашата држава.
Исто така, истакна дека на ниво на држави треба да дизајнираме планови за вонредни ситуации во случај на дополнително намалување или во најлошо сценарио целосно запирање на испораките на гас од Русија во ЕУ.
„Доколку постои иницијатива, подготвени сме да учествуваме во потенцијална заедничка акција на ниво на ЕУ за заедничка набавка на природен гас. Властите дополнително треба да изградат фискални бафери и да создадат фискален простор за справување со потенцијални идни интервенции“, вели Бесими.
Притоа, како што посочи, треба да се стремиме да го диверзифицираме увозот на енергија и да ја намалиме зависноста од енергија.
„Инвестициите во инфраструктура за производство на енергија ќе бидат висок приоритет во наредниот период. Владата, исто така, е насочена кон забрзување на зелената и дигиталната трансформација, со посебен акцент на енергетската ефикасност. И јавниот и приватниот сектор треба да поддржат проекти за зголемување на енергетската ефикасност, истовремено подигајќи ја јавната свест за важноста од заштедата на енергија“, истакна Бесими на Делфи форумот што се одржува од 6 до 9 април во Грција.