9 април 2022, Скопје – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е најактивна меѓународна финансиска институција во земјава. Во изминатите 30 години, РС Македонија има континуирана поддршка при реализацијата на своите приоритети, а таа поддршкa продолжува и понатаму. Потврда за успешната и долгорочна соработка беше искажана денеска на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо, во рамките на Делфи форумот што се одржува во Грција.
„Зелената агенда е во фокусот на работата на Владата. Тоа се покажува дека е значајно особено во услови на енергетска криза и обезбедување енергенси од сопствени извори. На тој пат за проширување на капацитетите за производство на електрична енергија, значајна е поддршката од меѓународните финансиски институции, а особено од ЕБОР“, истакна министерот Бесими.
Потсетувајќи на мерките што ги презема Владата за справување со влијанието од ценовната и енергетската криза и потребата од евентуално дополнителна поддршка на стандардот на граѓаните и домашната економија, што директно зависи од развојот и времетраењето на настаните во Украина, министерот напомена дека за надминување на енергетската криза со помал притисок добредојдена е поддршката од меѓународни институции како во периодот на пандемијата предизвикана од ковид-19.
„Пакетот-мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите е 400 милиони евра. Поддршката кон ЕСМ со цел да се влијае да нема висок раст на цената на електричната, но и на топлинската енергија, почна уште минатата година и таа изнесува 10,6 милијарди денари. За да и понатаму се поддржува ликвидноста на компанијата, ЕБОР понуди кредитна линија што е во постапка на обезбедување. Значајно е тоа што кредитната линија се обезбедува со каматна стапка од околу 1%. Разговорите меѓу ЕБОР и ЕСМ се во тек и се очекува наскоро да бидат финализирани сите правни документи што ќе бидат потпишани по донесување закон за гаранција од страна на Собранието на РС Македонија“, посочи министерот Бесими.
На средбата беше потенцирано дека ова е огромна криза, којашто го зафати целиот свет, особено Европа, на чие тло се води војната, и тоа во период кога економијата сè уште не е закрепната од ковид-кризата, па за нејзино надминување потребни се заеднички напори и инвестиции.
За РС Македонија особено е значајна реализацијата на прекуграничната гасна интерконекција со Грција за која веќе се обезбедени дел од средствата и грант од ВБИФ и потребна е поддршка за затворање на финансиската конструкција. Инвестицијата се проценува на 53 милиони евра, а обезбедени се 25 милиони евра од ЕИБ и 12 милиони евра грант од ВБИФ.
На состанокот беше потенцирана поддршката што ЕБОР ја дава во реализацијата на инфраструктурните проекти од Коридорот 8, како и во изградбата на автопатот Скопје-Блаце.
Министерот Бесими истакна дека РС Македонија ја цени поддршка на ЕБОР за добивање на грантот од ВБИФ во вкупен износ од 230,35 милиони евра, од кои 152,45 милиони евра се наменети за кофинансирање на источниот дел од железницата на Коридор 8, односно последната делница Крива Паланка – граница со Бугарија. Притоа беше дискутирано во иднина Министерството за финансии и ЕБОР да иницираат активности за започнување на изградбата на западниот дел од железничката пруга на Коридорот 8, од Кичево до границата со Албанија.
Активното портфолио на ЕБОР во земјава во моментов изнесува над 900 милиони евра, од кои 83% од средствата се планирани во инфраструктурни проекти, 14% во финансискиот сектор и 3% во секторот индустрија, трговија и земјоделство. ЕБОР е активна во земјава од 1993 година и досега има одобрено 154 проекти во вредност од 2,2 милијарди евра.