Вести|

25 мај 2022, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска во Виена учествува на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Еуромани“. Форумот се смета за најважен собир за учесниците на финансискиот пазар заинтересирани за регионот на Централна и Источна Европа и на едно место обединува министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на големи банкарски групации, инвестициски фондови, меѓународни финансиски институции, регионални групации и претставници од осигурителниот сектор.

На Форумот, министерот се осврна на политиките што ги спроведува Владата за надминување на кризата, како и напорите што ги прави земјата за да создаде поволно деловно опкружување.

„Одржувањето контакти со инвеститорите во овие времиња е од клучно значење. Со цел да ја зајакнеме конкурентноста за привлекување инвеститори, нашите напори се насочени кон одржување на што поповолно деловно опкружување. Тоа не значи дека се потпираме само на конкурентноста во однос на нивоата на платите. Напротив, продолжуваме да се фокусираме на подобрување на инфраструктурата, на доброто владеење и особено на човечкиот капитал и тоа преку модернизација на образовниот систем. Во постојното опкружување, во кое енергетската криза го попречува растот, планираме да ги зголемиме инвестициите во обновливи извори на енергија. Заедно со започнатите структурни реформи, создаваме можности за продолжување на соработката не само со сегашните туку и со потенцијалните странски инвеститори“, рече министерот.

Тој потенцира дека нашиот пристап во привлекувањето инвестиции е изменет и истиот е насочен кон инвестиции и инвеститори што носат поголема додадена вредност. Исправноста на овој пристап веќе ги дава резултатите преку постигнатите договори за нови инвестиции во износ од 200 милиони евра само во 2021 година, што е околу 20% од целокупното инвестициско портфолио во ТИРЗ во периодот 2010-2020 година. Во последните 18 месеци се зголемува бројот на потенцијални инвеститори кои пристапуваат до Дирекцијата за ТИРЗ, но исто така забележително е и проширување на капацитетите од страна на постојните инвеститори.

Новиот пристап подразбира и реструктурирање на постојното портфолио, со што фокусот е ставен на фармацевтското производство, енергијата, транспортот, како и инвестиции со значителен потенцијал за раст. Нашата географска положба, конкурентното ниво на плати и квалификуваната работна сила се предностите што може да влијаат врз инвеститорите да го пренесат своето производство во нашата земја.

ЕУ е наш главен трговски партнер и повеќето странски директни инвестиции доаѓаат од Европа. Во овој контекст интеграцијата на РС Македонија и целиот Западен Балкан е од примарен политичко безбедносен и геостратешки интерес за регионот и за ЕУ. Нашата земја е посветена на својата ЕУ-агенда и само ЕУ со сите земји од овој регион ќе биде силна, издржлива, безбедна и просперитетна.

Форумот на Централна и Источна Европа над 25 години на едно место ги обединува издавачите, инвеститорите, посредниците и креаторите на политики од Централна и Источна Европа и пошироко со цел поврзување и добивање корисни сознанија, но воедно и за да помогнат во поставувањето на агендата за годината што претстои.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *