Вести|

26 мај 2022, Скопје – Градењето економска отпорност на подолг рок ќе се постигне преку забрзување на зелената и дигитална транзиција на Западен Балкан и Турција, како и со соодветно користење на финансиската поддршка од ЕУ преку Инструментот за претпристапна помош и Европскиот фонд за одржлив развој плус. Во услови на голема неизвесност од состојбата со пандемијата и влијанието на руската инвазија врз Украина, подготвеноста за обезбедување добро насочена, транспарентна и привремена поддршка за ранливите домаќинства и компаниите, доколку е потребно, е неопходна. Ова се едни од суштинските заеднички заклучоци од Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, што беа усвоени во Брисел на 24 мај 2022 година, по што започнаа подготвителните активности за следната Програма на економски реформи (ПЕР) за периодот 2023-2025 година, а истите ги презентираа на заедничката прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Во овој поглед, министерот Бесими истакна дека од суштинско значење ќе биде одржувањето ценовна стабилност и поддршката за одржлив раст оваа година. Покрај тоа, при забрзување на растот на среден рок фокусот ќе биде ставен на поттикнување на зелената транзиција, зајакнување на човечкиот капитал, зајакнување на конкурентноста на домашните компании и нивна интеграција во глобалните синџири на вредности, како и формализација на сивата економија.

„Покрај пакетот од 26 мерки како одговор на актуелната криза, со ребалансот на Буџетот што го донесе Владата предвидени се дополнителни средства во случај на потреба од нови мерки. Понатаму, во постојното окружување, во кое енергетската криза го попречува растот, еден од клучните предизвици во претстојниот период ќе биде енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Еден од главните столбови на кои се заснова оваа тригодишна програма е зајакнувањето на човечкиот капитал што претставува клучен предизвик при зајакнување на конкурентноста и економскиот раст. Одржувањето и зајакнувањето на човечкиот капитал е повеќедимензионално прашање и бара континуирани инвестиции и пристап, процес во кој фокусот треба да се стави на подобрување на квалитетот на образованието“, рече министерот Бесими.

Откако економијата ќе закрепне, на среден рок, фискалната политика треба сè повеќе да се фокусира на намалување на дефицитот и долгот и на обновување на фискалните бафери.

Осврнувајќи се на периодот по оваа криза, сите учесници на Економскиот и финансискиот дијалог, како што беше истакнато, се согласија дека дијалогот за економски политики треба да продолжи со својата клучна улога во обезбедувањето заеднички договорени насоки за политики со цел поддршка на среднорочно одржливо економско заздравување и помош на партнерите за проширување постепено да ги исполнуваат економските критериуми за пристапување во ЕУ.

„Насоките за политики за Република Северна Македонија во 2022 година се фокусираат на обезбедување поддршка на ранливите домаќинства и компании на краток рок и на консолидација на Буџетот на среден рок. ЕУ одлучи да преземе поголема одговорност за својата безбедност, како и понатамошни одлучни чекори кон градењето отпорност во Европа. Ова значи намалување на зависноста, дизајнирање нов модел на раст и инвестиции за 2030 година, а исто така и развој на поголема енергетска диверзификација. Нашите партнери се поттикнати да го следат овој пример“, истакна евроамбасадорот Гир.

Приоритетните структурни реформи договорени на Дијалогот вклучуваат брзо воведување фискални правила и формирање Фискален совет, што се заснова на напредокот постигнат при подготовката на новиот Закон за буџети, на имплементацијата на Стратегијата за реформа на даночниот систем со мерките за зголемување на приходите, како и на подобрувањето на управувањето со јавните инвестиции.

За заздравувањето ќе придонесат и понатамошните напори за справување со корупцијата, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на транспарентноста и зајакнување на институциите и социјалниот дијалог, беше истакнато на прес-конференцијата.

Монетарната политика, како што беше заклучено на Дијалогот, е соодветно приспособлива. Порастот на инфлацијата главно е одраз на глобалните фактори, меѓутоа, гледајќи нанапред, очекувањата за инфлација треба внимателно да се следат. Банкарскиот сектор остана стабилен.

Претставници на земјите членки на ЕУ, министрите за финансии на Западен Балкан и Турција, Европската комисија и Европската централна банка, како и претставници на централните банки на Западен Балкан и Турција се состанаа на почетокот на оваа недела во Брисел во рамките на годишниот Економски и политички дијалог. Дијалогот има за цел да ги подготви Западен Балкан и Турција за нивното идно учество во Европскиот семестар, што е највисоко ниво на координација на економската политика на Европската Унија. Заменик-министерот за финансии, Филип Николоски и вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска ја претставуваа нашата земја во Брисел.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *