31 мај 2022, Скопје – Преку половина милијарда евра, односно 523,6 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти со ребалансот на Буџетот. Се инвестира во патниот дел од коридорите 8 и 10, како и во железницата, изградба на магистралните гасоводи, крупни проекти од областа на животната средина, здравството, образованието итн. Јавните инвестиции во инфраструктурата се од особено значење за придвижување на економската активност, но и за привлекување на странските инвеститори. Како што посочи нобеловецот Пол Кругман на Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ, за да дојдат странските инвеститори, потребна е амбициозна агенда за инфраструктурни проекти.
„Она што треба сега да се стори, веднаш, и верувам дека се адресира тој проблем, е да осигурите дека ако сакате нешто, на пример фабрики од Холандија, Германија, ако сакате да користат производство тука, она што е најважно е инфраструктурата за транспорт“, порача Кругман во Скопје на првиот ден од СЕФФ.
Подобрувањето на инфраструктурата е еден од приоритетите на Владата на што упатува и високиот износ на капитални инвестиции предвидени и во Буџетот за 2022 година и сега со неговите измени. Капиталните инвестиции се проектирани на 32,2 милијарди денари и се за 37,8% повисоки во однос на претходната година. Планирани се значајни инвестициски вложувања во патната инфраструктура како што се коридорите 8 и 10. Меѓу нив се делницата Тетово – Гостивар/проширување на автопатот, изградба на автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делницата Гостивар – Букојчани, делницата Прилеп – Битола, делниците Ранковце – Крива Паланка и Крива Паланка – граница со Бугарија, како и автопатските делници Кичево – Букојчани и Кичево – Охрид. Предвидена е и изградба на автопатска делница Скопје – Блаце, патна делница Штип – Радовиш итн.
Темата на годинашното издание на СЕФФ е „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“. На првиот ден учесниците, меѓу кои владини претставници од регионот, високи претставници на меѓународни финансиски институции, претставници на бизнис-заедницата и експерти дебатираа за фискалните и монетарните политики и регионалната соработка. Дебатата продолжува денеска на теми поврзани со зелена транзиција, инфраструктура, поврзаност и трговија, финансиски иновации и инвестиции во услови на неизвесност, нови предизвици за добро владеење и човечкиот капитал во 21-от век.
СЕФФ е замислен да функционира како платформа за дијалог на економски и финансиски теми. Целта е да ги поттикне сите чинители да понудат решенија што ќе можат да се искористат во решавањето на предизвиците со кои се соочуваме во моментов, но и решенија за подобра иднина.