2 јуни 2022, Скопје – Во насока на едновремено насочување на мерките кон ранливите категории граѓани, но и постепена фискална консолидација, новите антикризни мерки ќе бидат таргетирани. Грижата за граѓаните и економијата ќе продолжи, а исто така ќе продолжи и определбата за водење прудентна фискална политика, којашто е во насока на намалување на буџетскиот дефицит на среден рок. Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците – во насока на зголемување на приносите, како и средства за покачување на пензиите и за зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход.
Веднаш по усвојувањето на ребалансот, во најкраток рок ќе започне имплементацијата на новите антикризни мерки. Новиот модел на таргетирани мерки, којшто е во насока на последните препораки на меѓународните финансиски институции ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност, има три цели: заштитa на најранливите категории, праведна распределба на средствата и постепена фискална консолидација, што е од големо значење за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на домашната економијата воопшто.
Со ребалансот на Буџетот, и покрај одредено проширување на дефицитот, тој е сепак под нивото од 2021 година, и значително под нивото од кризната 2020 година. На среден рок се планира стеснување на буџетскиот дефицит преку: подобрување на наплатата на буџетските приходи, мерки за намалување и спречување на сивата економија, намалување и реструктурирање на буџетските расходи, кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите, промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање Развоен фонд.
Со првиот пакет-мерки беа амортизирани првите силни удари на кризата, како спречување на ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените со што ги запревме инфлаторните притисоци за да спречиме повисоки стапки на инфлација. Даночните ослободувања беа направени во комбинација со мерките за замрзнување на цените и на маржите на производите. Вредноста на досега спроведените мерки за сузбивање на ценовната и енергетската криза е околу 615 милиони евра што претставува еден од највисоките фискални стимули издвоени во регионот.