Вести|

5 јуни 2022, Скопје – Мерки треба да има – таргетирани и наменски, со цел најранливите категории да можат да ја пребродат кризата. Истите треба да бидат времени за да не се нарушат трајно пазарните принципи. Сè друго е долевање масло на огнот, бидејќи со вбризгување дополнителна ликвидност при недоволна понуда, која меѓу другото е условена од увозните инпути, само ќе направи уште повеќе притисоци за раст на цените. Моделот на таргетирани мерки, којшто ќе го примениме понатаму, е препорачан од Европската комисија и од меѓународните финансиски институции, како Светска банка и ММФ, пишува во новата колумна посветена на СЕФФ 2022 и одржување на растот во време на криза, министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Професорот Кругман многу убаво го образложи ова во своето излагање. Ситуацијата сега не е иста како во 1979 година (за информација – во почетокот на 80-тите години очекувањата за висока инфлација беа многу подолгорочни, работниците како резултат на тоа бараа поголеми плати, додека работодавците поради очекуваната инфлација беа подготвени да им ги исплатат, што резултираше со инфлаторна спирала, којашто се смири после повеќе години со силната контракција на економијата). Сега инфлаторните очекувања се пократкорочни – веќе следната година се очекува стабилизација. Професорот Кругман дури посочи дека во 2024 година повторно ќе ја имаме 2019 година, и дека тогаш дефлаторните тенденции повторно ќе станат актуелни. Прашањето е само како ќе стигнеме дотаму. Едната опција е благо забавување на економијата, другата е остар пад. И сето ова зависи од тоа како понатаму ќе се справуваме со инфлацијата. Дали ќе влеземе во инфлаторниот вртлог или интелигентно ќе го избегнеме. Наш предизвик во ова време на неизвесност е да го одржуваме растот“, пишува министерот Бесими.

Министерот Бесими понатаму објаснува дека првиот пакет-мерки беше насочен кон амортизирање на првите силни удари на кризата, како што се спречување на ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените, со што беа запрени инфлаторните притисоци за да се спречат повисоки стапки на инфлација.

„Даночните ослободувања беа направени во комбинација со мерките за замрзнување на цените и на маржите на производите. Вредноста на досега спроведените мерки за сузбивање на ценовната и енергетската криза е околу 615 милиони евра, што претставува еден од највисоките фискални стимули издвоени во регионот. За едновремено насочување на мерките кон ранливите категории граѓани, но и постепена фискална консолидација, новите антикризни мерки ќе бидат таргетирани. Грижата за граѓаните и економијата ќе продолжи, а исто така ќе продолжи и определбата за водење прудентна фискална политика, којашто е во насока на намалување на буџетскиот дефицит на среден рок. Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците – во насока на зголемување на приносите, како и средства за покачување на пензиите и за зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход, покачување на плати во значителен дел од јавниот сектор, во образованието, здравството, судството, обвинителството, полицијата и армијата“, посочува Бесими.

Понатаму, министерот пишува дека ни претстои еден значаен период, во кој креирањето на јавното мислење ќе биде еднакво важно, ако не и поважно од конкретните економски мерки што ќе се преземат. Ова е бидејќи инфлацијата зависи од три фактори – понуда, побарувачка и инфлаторни очекувања, со тоа што третиот елемент има силен импакт врз првите два.

Бесими посочува дека фискалната политика треба и ќе се насочи кон одржување на растот и фискална консолидација, како и кон спроведување на структурните реформи, бидејќи само стабилна економија може да продуцира одржлив раст и бидејќи структурните промени се неопходни за да се постигнат повисоки стапки на раст.

На крајот на колумната министерот за финансии истакнува дека платформата СЕФФ продолжува со додавање нови содржини, дискусии и одговори на нови прашања, како и дека фокусот ќе се насочи кон младите, младинските иницијативи, вмрежувањето, градењето партнерства, бидејќи во младите е иднината.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *