Вести|

15 јуни 2022, Скопје – Поддршката за граѓаните и економијата со ребалансот не е само 76 милиони евра, коишто се предвидени во посебната програма за антикризни мерки. Ребалансот содржи повеќе средства за поддршка коишто се распределени во повеќе позиции и програми.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во „Тема на денот“, во Дневникот на ТВ Сител.

„Како одговор на кризата, уште во март пристапивме кон донесување на еден пакет-мерки, што беше и еден од најголемите, како учество во БДП во регионот. Ребалансот на Буџетот е одговор на дел од тие мерки, бидејќи иако во Буџетот имаше предвидено 50 милиони евра како бафер, ние настапивме со мерки што беа со многу поголем износ. Така што сега, со ребалансот, се прават усогласувања и се враќаат средствата во делот на одржување на растот и поддршката“, рече министерот Бесими.

Притоа наведе дека околу 11 милиони евра, коишто беа одземени од Програмата за поддршка на развојот и поддршка на инвестициите, сега се враќаат и тоа во поголем износ од истиот. Дополнителни 2,4 милијарди денари се одвоени за гарантиран минимален приход, за подобрување на состојбата на тие што ќе бидат погодени, како и за автономни мерки што ќе бидат вградени во системот. Исто така, одвоени се и 3,2 милијарди денари за земјоделството.

Министерот потенцира дека новите мерки ќе бидат дефинирани по усвојувањето на ребалансот на Буџетот.

„Владин тим ќе разговара со претставници на стопанските комори во делот на поддршка на стопанството и во делот на економско-социјалниот дијалог за категориите каде што истата е најпотребна“, рече министерот и појасни дека ќе се дефинираат домаќинствата што спаѓаат во категоријата која не може го обезбеди потребниот трошок и на истите ќе им се помогне, а воедно ќе се дизајнираат мерки така што дадените средства ќе се користат за трошоци за енергија и храна, односно за надомест за зголемените трошоци за исхрана и енергија. Во врска со поддршката во економијата, посочи, дека треба да се види ефектот од постојните мерки преку Развојната банка.

Со мерките, истакна министерот, продолжува поддршката на сите граѓани, преку продолжената примена на намалената стапка на ДДВ за електрична енергија од 18% на 5% до крајот на годината, дополнително на тоа е и воведувањето на новиот тарифен систем за пресметка на цената на електричната енергија, како и тоа што на регулираниот пазар цената на електричната енергија во земјава е под пазарната цена.

Министерот во интервјуто потенцира дека процените на сите меѓународни институции се дека кризата ќе трае и дека е потребно да се обезбеди доволно кондиција во Буџетот за да се издржи истата, а распределбата и дистрибуцијата на ефектот од кризата треба да биде порамномерно распределен на сите чинители. Односно, како што посочи, Буџетот, за да ги издржи мерките, истите мора да бидат потаргетирани и поефикасни, затоа што на крајот тоа се пари на граѓаните, собрани преку даноци, и истите не треба да се трошат на мерки што даваат помал ефект, како и кон категории што немаат потреба од буџетски поддршка, во фаза кога средствата на финансиските пазари се скапи.

Во Буџетот, како што рече, има предвидено и поголеми износи за финансирање, со цел да се остави простор за обезбедување средствата со поповолни услови на меѓународните пазари и воедно да се остави резерва за наредната година.

Дел од потребите ќе се финансираат на домашниот, а поголемиот дел на меѓународниот пазар, каде што се опфатени и кредитите за кои имаме склучени договори. На пример, 100 милиони евра за ЕСМ од ЕБОР, други кредити од Светска банка, ИПА, средства од програмата со ММФ и други.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *