19 јуни 2022, Скопје – Понуда и побарувачка. Основни економски закони и база на сите економски принципи. Соодносот на добрата и услугите што се нудат и побаруваат на пазарот го одредува пазарниот еквилибриум – цената. Ако понудата се зголеми а побарувачката остане иста – цената ќе се намали. Ако понудата се намали, при непроменета побарувачка – цената ќе расте. Обратното важи и на страната на побарувачката.
„Големата инфлација“ во седумдесеттите години од минатиот век, којашто се прошири низ светот, дојде главно преку страната на понудата. Растот на цената на нафтата, евтините пари, курсните шпекулации, бизнисмените и синдикатите кои бараа поголема заработка – во историјата сето ова е нотирано како причина за развој на оваа криза. Накусо за кризата во седумдесеттите: 1. донесе високи стапки на инфлација; 2. траеше повеќе од декада и 3. продуцираше еден економски феномен – стагфлација (стагнација проследена со високи стапки на инфлација).
Следбениците на кејнзијанската теорија дотогаш ја игнорираа можноста за стагфлација, бидејќи високите стапки на невработеност не се поврзуваа со ниска инфлација. Во кејнзијанската теорија стагнацијата и инфлацијата беа две спротивности, кои се исклучуваа една со друга, а нивниот однос се гледаше преку т.н. Филипсова крива. Идејата беше дека високите цени носат поголема заработка, поголемата заработка повисоко производство, а тоа повлекува проширување на капацитетите и раст на вработеноста. Но, работите не се одвиваа по тој редослед и неокејнзијанците го признаа тоа, односно дека инфлацијата произведена на страната на понудата, особено поврзана со ресурси и примарни производи, може да поттикне забавување на економската активност. Во таа насока е и теоријата на професорот Едмунд Фелпс, која покажа дека на долг рок, Филипсовата крива е вертикална на ниво на „природната стапка на невработеност“, која не е поврзана со инфлацијата, туку со реалните фактори на раст на економијата. Тој всушност ги вгради очекувањата за инфлација во Филипсовата крива и со тоа објасни дека во услови на непроменета понуда, зголемената парична маса предизвикува инфлација, теорија што е блиска до монетаристите. Инаку, во тој период, познатиот монетарист Милтон Фридман тврдеше дека инфлацијата е секогаш и секаде монетарен феномен, односно пуштањето повеќе пари во оптек од потребното во една економија неминовно води кон инфлација. Во околности на една ваква економска дебата, за да заврши Големата инфлација во САД следеше промена на претседателот на Федералните резерви, по што следеше и агресивно затегнување на монетарната политика со раст на каматите до 20%, вклучително и прифаќање рецесија, пред инфлацијата да се врати на ниски, едноцифрени стапки. Дебатата дали стагфлацијата беше предизвикана од брзото и прецврсто монетарно затегнување и регулација на пазарите, останува сè уште отворена во економската теорија.
Тековната ценовна и енергетска криза наспроти „Големата инфлација“ од 70-тите
Зошто овој вовед, дали на светот му се заканува нова криза по примерот на 70-тите којашто ќе заврши со високи стапки на невработеност и рецесија? – За среќа, не. Да, има прегревање на економиите како резултат на одговорот на острата рецесија што се случи за време на пандемијата. САД и ЕУ за една година се вратија на претпандемиското ниво, па дури и го надминаа, како резултат на мерките што се преземаа преку монетарните и фискалните политики. Но, нарушените синџири на снабдување, високата ликвидност, послабиот одговор на понудата во однос на побарувачката која се врати на претпандемиското ниво, сето тоа придонесе за брз раст на цените и искачување на инфлацијата на највиско ниво во повеќе земји во последните неколку децении.
Како резултат на силните ценовни притисоци, нарушувањата на глобалните синџири, неизвесноста што ја донесе војната во Украина, но и нормализацијата на монетарните политики, односно растот на цената на капиталот, Светска банка очекува годинава глобалниот раст да забави на 2,9%. Јунската проекција претставува значајно забавување за 1,2 процентни поена во однос на јануарската проекција, или во однос на постпандемиските 5,7% раст во 2021 година. Растот на доходот и намалувањето на сиромаштијата во економиите во развој и досега беа забавени, како резултат на пандемијата на ковид-19. Сепак, војната во Украина имаше свој дополнителен удел и очекувањата се дека во 2022 година тие ќе постигнат раст на БДП од 3,4% – или едвај половина од стапката во 2021 година, односно далеку под просекот во 2011-2019 година. Слична е и прогнозата за раст за земјите со среден приход, којашто за годинава е нагло намалена за 1,3 процентни поени во однос до јануарската проекција.
Она што е сепак поинакво во оваа ценовна криза во однос на „Големата инфлација“ од 70-тите години се инфлациските очекувања. Меѓународните финансиски институции, пазарите, инвеститорите – и покрај високата доза на неизвесност поврзана со војната во Украина, очекуваат дека следната година ќе следи стабилизација на инфлацијата, иако повисока во однос на онаа на која бевме навикнати во изминатата декада. Веќе на среден рок се очекува да се врати на ниските нивоа од пред пандемијата. Во 70-тите години, очекувањата беа нагорни. Еден пример што го посочува и нобеловецот Кругман за инфлациските очекувања во САД тогаш е следниов: работниците очекуваа повисоки цени, работодавците очекуваа повисоки цени, затоа и едните и другите се согласија за многу повисоко покачување на платите од аутпутот што го креираа, што придонесе за понатамошно разгорување на инфлаторната спирала и пролонгирање на кризата.
Уште неколку моменти што би сакал да ги споменам како разлика на тековните случувања во однос на 70-тите се подготвеноста на носителите на политики и значително зголемените механизми и безбедносни мрежи коишто со текот на годините се изградени, особено по глобалната финансиска криза. Исто така, 70-тите се карактеризираа со силен крах на берзите и депрецијација на доларот, што сега не е случај.
Почеток на крајот на „евтините пари“
Кога ги споменав безбедносните мрежи и носителите на политики, да се вратиме на 2022 година. Најголемите централни банки веќе почнаа со затегање на монетарната политика. Федералните резерви први започнаа со покачување на основната камата, па со најновата одлука донесена пред неколку дена истата е покачена за 75 базни поени, едно од најагресивните покачувања од 1994 година наваму. За годинава тие таргетираат камата од 3,4%, додека за 2023 од 3,8% и се силно посветени да се вратат на целната инфлација од 2% на среден рок. Исто така, и Европската централна банка, иако попрудентна во затегнувањето на политиката во однос на ФЕД, во јуни донесе одлука за покачување на основната каматна стапка од 25 базни поени, но во септември повторно ќе ја преиспита својата политика. Сите се посветени кон враќање на инфлацијата на целните 2%, но ова значи и дека заврши времето на „евтини пари“.
Во време кога монетарните власти ги поскапуваат парите, што треба да прават фискалните власти? По пандемијата, фискалниот простор за реакција е намален, особено за земјите во развој. Оттаму, при креирањето на фискалните политики мора да се земе предвид и овој момент, со оглед на очекуваниот раст на цената на пазарите на капитал. Фискални мерки треба да има во секој случај, но фискалниот одговор за време на пандемијата и во текот на оваа ценовна криза треба да се различни, бидејќи различна е и природата на кризата и тековните услови за финансирање и спроведување на мерките.
Силата на побарувачката за стабилизација на инфлацијата и поддршка за ранливите категории
„Таргетирани мерки“ е магичниот збор во секоја од анализите и извештаите на меѓународните финансиски организации. Тоа значи точно да се утврди на која целна категорија граѓани и фирми им се потребни мерки и потоа истите да се дизајнираат и имплементираат согласно целната група.
Според една публикација на ММФ, фискалните политики за време на тековната криза треба да се планираат согласно веќе постоечкиот систем на социјална заштита којшто се практикува во земјата. Препораките за фискални мерки ги даваат согласно три категории земји: 1. со силна социјална заштита, 2. со слаба социјална заштита, без субвенции за храна и енергија и 3. со слаба социјална заштита, со субвенции за храна и енергија.
За земјите со веќе воспоставен силен систем на социјална заштита се препорачува да не преземаат мерки против прелевањето на повисоките цени на енергијата во националните економии. Исто така, се препорачува таргетирана финансиска поддршка за ранливите домаќинства. Доколку тековната социјална политика не предвидува поддршка за домаќинствата од средна класа погодени од кризата, се препорачува да се размисли за таргетирана еднократна финансиска поддршка.
За земјите со послаб систем на социјална заштита, кои немаат субвенции за енергија и храна, се препорачува да ги прошират и надградат социјалните програми креирани за време на ковид-кризата. Исто така, на овие земји им се препорачува да ја искористат тековната криза како основа за зајакнување на системот на социјална заштита.
На земјите со послаб систем за социјална заштита, но кои веќе практикуваат субвенции за енергија и храна, исто така им се препорачува да дозволат постепен пренос на цените од светските пазари дома, а преку постоечкиот фискален простор да го калибрираат јазот помеѓу увозните и малопродажните цени.
Накусо, иако политички многу непопуларно, препораките се да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, со поддршка за најранливите. Ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Земете ја енергијата за пример. Побарувачката за енергија е нееластична на краток рок, на среден рок таа станува еластична, особено на горивата, што значи дека со растот на цената може да се намали побарувачката. Со тек на време, како резултат на намалената побарувачка, цената ќе се стабилизира.
Храната, од друга страна, се одликува со уште поголема ценовна нееластичност. Затоа, многу важен момент е обезбедувањето социјална сигурност на најранливите категории граѓани. Повторно се враќаме на терминот „прецизно таргетирани мерки“. На пример, доколку домаќинства со ниски приходи користат одредени горива за загревање, преку добро дизајнирани мерки да се влијае на цената на токму тие горива. Не се препорачува намалување на даноците за горива и храна. Напротив, наплатата на даноците треба да се насочи кон заштита на ранливите семејства. Со намалувањето на даноците за сите, значи дека се субвенционираат и оние на кои не им потребна поддршка за сметка на ранливите категории граѓани.
Исто така, ММФ препорачува да се имаат предвид и климатските промени при дизајнирање на мерките, со оглед дека горивата се една од целите кон која се делува.
Неодамнешната анкета на ММФ покажува дека најголем број од земјите веќе преземаа мерки за да го намалат преносот на цените од светските берзи врз националните економии. Најголем дел од земјите преземаа барем по една мерка од почетокот на годината, односно 26 од 31 развиена економија и 45 од 103 економии во развој. Токму помалиот фискален простор, но и веќе постоечките субвенции за храна и енергија кај земјите во развој се факторите за пониската бројка.
Домашната инфлација амортизирана за околу една четвртина годинава
Нашата економија има добар систем на социјална заштита. Со социјалната реформа што ја спроведовме во 2017 година, станавме прва земја во регионот која го воведе гарантираниот минимален приход. Исто така, имаме повеќе социјални трансфери кои таргетираат различни групи, вклучително и субвенции за електрична енергија за социјално загрозените семејства.
Но и покрај ова, нашата Влада досега презема повеќе мерки во насока на забавување на прелевањето на цените од светските берзи дома. Сега читателот ќе забележи дека ова е спротивно на она што го пишувам погоре, но ќе нагласам дека кај нас храната и енергијата учествуваат со многу висок процент во индексот на потрошувачките цени (CPI), оттаму оваа реакција беше неопходна за да се забави инфлаторната спирала. Како првична реакција беа даночни олеснувања, поддршка на енергетските компании за побавно зголемување на цената на електричната енергија, таргетирана финансиска поддршка за ранливите категории, административни ограничувања со кои ќе се влијае на цените и мерки за штедење енергија.
Во периодот јануари – мај 2022 година, стапката на инфлација имаше нагорна тенденција и достигна 9,1%, што ги отсликува ценовните притисоци на страната на понудата предизвикани од глобални фактори, коишто се пренесоа во домашната економија главно преку зголемените цени на прехранбените производи (12,8%), нафтените деривати (30,7%) и електричната енергија (9,4%). Овие категории учествуваа со 71% во растот на инфлацијата во овој период.
Согласно анализата направена во Министерството за финансии, оваа инфлација би била многу повисока доколку не беше брзата фискална реакција преку антикризните мерки. Согласно расположливите податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), во првата половина од 2021 година просечната цена на електрична енергија за домаќинствата била 4,37 денари по KWh без ДДВ, одосно 5,156 денари со 18% ДДВ. Имајќи предвид дека цената на електричната енергија во јануари – мај 2022 година е повисока за 9,4% во однос на истиот период лани, се доаѓа до пресметката дека цената во периодот јануари – мај 2022 година изнесува 5,641 денари по KWh со 5% ДДВ или 5,373 денари без ДДВ. Доколку на оваа сума се пресмета 18% ДДВ, цената би изнесувала 6,340 денари по KWh, односно зголемување за 22,9% наместо за 9,4%, поради намалувањето на ДДВ од 18% на 5%. Со тоа, придонесот на растот на цената на електричната енергија во вкупната инфлација би изнесувал 1,7 п.п. во периодот јануари – мај 2022 наместо 0,7 п.п., односно вкупната инфлација би била 10,1% наместо 9,1%. Ова е само директниот ефект, иако има и индиректни ефекти, преку избегнување следен, посилен бран поскапувања.
Понатаму, намалувањето на стапката на ДДВ од 5% на 0% за основните прехранбени производи (брашно, леб, масло, месо, сирење, млеко, јајца итн.) имаше влијание врз забавувањето на стапката на раст на инфлацијата, имајќи предвид дека храната има највисоко учество во структурата на индексот на трошоците на живот. Согласно пресметките, намалувањето на ДДВ-то за основни производи влијаеше врз намалување на вкупната стапка на инфлација за 1,5 п.п, односно годишната стапка на инфлација во април наместо 10,5% би изнесувала 12%. Сличен е ефектот и во мај 2022 година, односно намалувањето на ДДВ-то влијаеше врз намалувањето на стапката на инфлација за 1,4 п.п., односно годишната стапка на инфлација во април наместо 11,9% би изнесувала 13,3%.
Согласно овие груби пресметки, преку фискалната реакција кај храната и енергенсите, растот на инфлацијата е амортизиран за околу четвртина.
Нови таргетирани мерки со ребалансот на Буџетот
Проекциите на сите меѓународни институции се во насока на продолжување на инфлацијата, којашто се очекува да се стабилизира во 2023 година, а притоа економскиот раст ќе забави и дури во 2023/2024 година ќе се врати на претпандемската динамика на раст. Тоа значи дека оваа состојба ќе трае подолго во однос на првичните очекувања. Ако на тоа се додадат и најавите за недостаток на храна на светско ниво, како резултат на војната во Украина – состојбата станува покомплексна, а неизвесноста поголема.
Ова е силен екстерен шок, којшто ги опфаќа речиси сите економии во светот. Ова е преголем шок за да целосно се апсорбира од страна на економија во развој. Она што може да направиме е да делуваме мудро – да ја задржиме стабилноста, а истовремено да ги заштитиме оние на кои им е потребна поддршка.
Имајќи го ова предвид, потребна е фискална кондиција за да се издржат подолго време предизвиците, а притоа треба и да се одржи фискалната стабилност. Оттаму, мора да се интервенира со таргетирани мерки, кога на финансиските пазари веќе задолжувањето станува сè поскапо и секое откажување од денар приход во Буџетот ќе значи задолжување со повисока камата што ќе ја плаќаме ние и идните генерации.
Со ребалансот на Буџетот продолжуваме со мерки за поддршка на граѓаните и фирмите. Издвоени се резервни средства за нови антикризни мерки. Издвоени се дополнителни средства за поддршка на земјоделците за раст на домашните приноси, за да на тој начин се амортизираат ефектите од високата цена на увозната храна. Издвоени се дополнителни средства за ранливите категории граѓани и за раст на пензиите на пензионерите. Сите овие се таргетирани мерки, бидејќи од особено значење, покрај поддршката за надминување на кризата, е да се одржи макроекономската стабилност. Само стабилна економија може да продуцира силен и одржлив економски раст.
Со оглед на ограничениот простор, тука би требало да ја завршам оваа колумна. Но, сепак, треба да обратам внимание и на…
Координација на фискалната и монетарната политика за сузбивање на инфлацијата и избегнување на стагфлацијата
Не би можел да ја завршам оваа колумна на тема инфлација а без притоа да обрнам внимание на улогата на координацијата на фискалната и монетарната политика. Генерално, економистите се согласуваат дека инфлацијата е монетарен феномен. Ако се чита „на слепо“, монетарната власт би требало наеднаш да ги зголеми каматните стапки и со тоа да се намали побарувачката за пари и ликвидноста во економијата, што според монетаристите би требало да ја намали и инфлацијата. Сепак, иако макроекономистите ќе се согласат дека тоа е така, во исто време ќе укажат и дека со тоа економската и социјалната цена може да биде превисока.
Во вакви околности, коишто наликуваат на оние во 1970-тите, не смееме да дозволиме на сцена да се врати стагфлацијата. Инфлацијата предизвикана пред сѐ од страна на понудата, не може да се реши исклучиво со инструменти за намалување на побарувачката. Неопходна е координација на фискалната и монетарната политика, како одговор на овие појави во економијата.
Притоа, за да имаме ефикасен одговор преку мерки и политики, важна е точната дијагностика. На пример, кога имаме покачена телесна температура одиме на лекар, а прво што прави лекарот е мерење на температурата, кратка анамнеза и лабораториска анализа. Врз основа на резултатите пропишува соодветна терапија за заздравување, или доколку резултатите покажуваат посериозни компликации, нѐ упатува до специјалист од областа. Следствено, би заклучил за фискалната и монетарната политика, дека со професионален и координиран пристап ќе се дојде до најсоодветно решение за надминување на оваа криза, со што помалку последици и со подобри изгледи за заздравување и одржување на растот.
На среден и долг рок, потребно е преструктурирање на економијата кон зелена транзиција (енергетска независност и ефикасност), дигитализација, инфраструктурна поврзаност, зајакнување на човечкиот капитал и на доброто владеење (владеењето на правото и борбата против корупцијата), што воедно ќе придонесат за подобрување на деловната клима и на конкурентноста на нашата економија.
Фатмир Бесими, министер за финансии