20 јуни 2022, Скопје – За да ја надминеме инфлаторната криза потребни се храбри и одговорни економски одлуки, кои нема да се водат од дневно-политичката агенда. Тие ќе се засноваат на економски закони, силна анализа и јасна цел – стабилизација, надминување на кризата и економски раст. Ова го нагласува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата колумна за инфлацијата, мерките и одржувањето на економскиот раст.
Бесими во колумната пишува дека во извештаите и анализите на меѓународните институции, препораките се сведуваат на исто, а тоа е дека земјите треба да дејствуваат со таргетирани мерки, односно мерки со кои ќе се утврди точно кон која категорија граѓани и фирми се однесуваат. Ова, како што посочува, е во интерес и во насока на одржување на фискалната и макроекономска стабилност на економијата.
„По пандемијата, фискалниот простор за реакција е намален, особено за земјите во развој. Оттаму, при креирањето на фискалните политики мора да се земе предвид и овој момент, со оглед на очекуваниот раст на цената на пазарите на капитал. Фискални мерки треба да има во секој случај, но фискалниот одговор за време на пандемијата и во текот на оваа ценовна криза треба да се различни, бидејќи различна е и природата на кризата и тековните услови за финансирање и спроведување на мерките“, истакнува министерот.
Тој наведува публикација на ММФ, во која се посочува дека фискалните политики за време на тековната криза треба да се планираат согласно веќе постоечкиот систем на социјална заштита којшто се практикува во земјата. Препораките за фискални мерки ги даваат согласно три категории земји, односно оние со силна социјална заштита, други со слаба социјална заштита, без субвенции за храна и енергија и трети со слаба социјална заштита, со субвенции за храна и енергија.
„Иако политички многу непопуларно, препораките се да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, со поддршка за најранливите. Ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Земете ја енергијата за пример. Побарувачката за енергија е еластична, особено на горивата, што значи дека со растот на цената може да се намали побарувачката. Храната, од друга страна, ја нема таа ценовна еластичност. Затоа, многу важен момент е обезбедувањето социјална сигурност на најранливите категории граѓани. Доколку домаќинствата со ниски приходи користат одредени горива за загревање, преку добро дизајнирани мерки може да се влијае на цената на токму тие горива. Не се препорачува намалување на даноците за горива и храна. Со намалувањето на даноците за сите, значи дека се субвенционираат и оние на кои не им потребна поддршка, за сметка на ранливите категории граѓани“, пишува министерот Бесими.
Тој, исто така, наведува дека иако нашата земја има силен социјален систем, сепак одлуката за обемниот пакет фискални мерки од почетокот на годината била во насока на забавување на инфлаторната спирала, поради високото учество на храната и енергијата, што е и постигнато.
Понатаму, како што најавува министерот, ќе се оди со таргетирани мерки и задржување на стабилноста на економијата.
„Со ребалансот на Буџетот продолжуваме со мерки за поддршка на граѓаните и фирмите. Издвоени се резервни средства за нови антикризни мерки. Издвоени се дополнителни средства за поддршка на земјоделците за раст на домашните приноси, за да на тој начин се амортизираат ефектите од високата цена на увозната храна. Издвоени се дополнителни средства за ранливите категории граѓани и за раст на пензиите на пензионерите. Сите овие се таргетирани мерки, бидејќи од особено значење, покрај поддршката за надминување на кризата, е да се одржи макроекономската стабилност. Само стабилна економија може да продуцира силен и одржлив економски раст“, истакнува министерот Бесими.