21 јули 2022, Скопје – Министерството за финансии е во интензивен процес на креирање и подготовка на мерки за поддршка на граѓаните и стопанството што ќе се применуваат во втората половина од годината. Процесот се одвива во консултации со меѓународните финансиски институции, се земаат предвид искуствата од другите земји, а денеска на заеднички состанок во Министерството за финансии, министерот Фатмир Бесими, со својот тим, дискутираше со претставници на бизнис-заедницата за мерките и политиките што се планирани како и за целите на ребалансот на Буџетот за 2022 година што беше усвоен од Собранието.
Соговорниците се согласија дека оваа криза има големо влијание и секој треба реално да ја согледа и да преземе дел од товарот. Тоа е трка што не бара спринт, туку долгорочни издржани решенија, беше порачано на состанокот. Затоа мерките треба да бидат таргетирани и насочени кон најпогодените од кризата.
„Нашиот пристап во работењето е инклузивност на сите засегнати страни. Ова е период во кој се соочуваме со криза и мора јасно да кажеме дека станува збор за голем екстерен шок на кој мораме да се приспособиме, да одговориме на предизвиците и одговорно да управуваме со јавните финансии“, рече министерот за финансии.
Тој ги запозна присутните со целите на ребалансот на Буџетот, при што акцент беше ставен на поддршката на стопанството и што сè се презема за да во наредниот период се одговори на предизвиците што ги носи кризата преку таргетирани мерки.
„Во ребалансот се предвидени 4,7 милијарди денари или 76 милиони евра за антикризни мерки, кои ќе бидат таргетирани и насочени кон поддршка на најпогодените категории граѓани и исто така кон најпогодените претпријатија. Дополнителната поддршка, којашто ќе значи влез на финансиски средства во економијата, вклучува: предвидениот поголем износ за поддршка на инвестиции, достапни средства за компаниите по поволни услови од кредитните линии на Развојната банка, 100 милиони евра за кои во моментов се разговара со Европската инвестициски банка, но, исто така, и програмите во ТИРЗ, Законот за финансиска поддршка на инвестиции, како и реализацијата на предвидените капитални инвестиции во Буџетот кои се планирани во износ од 520 милиони евра и се на историски највисоко ниво“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека во насоките по кои се движи Министерството во креирањето политики исклучително е важна соработката со приватниот сектор со кој заедно треба да се одговори на предизвиците од енергетската криза.
Претставниците на најголемите стопански комори во земјава ги поздравија досегашните мерки и политики што ги презема Владата во справувањето со кризата и упатија порака дека поддршката на претпријатијата е од големо значење особено во периодот што следи, бидејќи тие се извор на приход и за граѓаните што се вработени во нив, но и за на приходите во буџетот.
Потенцираа дека фокусот треба да се стави на поддршката во делот на електричната енергија, бидејќи фирмите нема да можат да го издржат долго енергетскиот удар. Стана збор и за даночната политика, за притисокот за раст на платите, а беше потенцирано и значењето на ИТ секторот кој бележи раст во услови на криза.
На состанокот, кој беше инициран од страна на министерот за финансии, присуствуваа претставници од Стопанската комора на РС Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, МАСИТ и Сојузот на стопански комори, како и директорките на Управата за јавни приходи и Царинската управа и претставници од Кабинетот на премиерот.