31 јули 2022, Скопје – Среднорочното проектирање и буџетирање, интегрираниот информатички систем за финансиско управување (ИФМИС), како и воведувањето Фискален совет и фискални правила и принципи се главните реформи предвидени во новиот реформски Закон за буџети, којшто помина на второ читање во Собранието и набрзо се очекува да се разгледува и на пленарна седница. Новиот Закон за буџети е ’рбетот на СМАРТ системот на јавни финансии, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Со Законот се воведува буџетирање базирано на успешност, преку воведување и следење на индикаторите за успешност (KPI – key performance indicators), со цел да се подобри ефикасноста и ефективноста на јавните расходи преку поврзување на трошоците во јавниот сектор со резултатите. Буџетирањето базирано на резултати има за цел да осигури дека клучните носители на одлуки и креатори на политики систематски ќе ги земат предвид резултатите што треба да се постигнат со реализација на расходите. Со тоа и постигнување на целта за дефинирање на приоритетите и политиките во Буџетот според концептот т.н. вредност на парите (value for money), што значи дека средствата во Буџетот ќе се распределат онаму каде што даваат најголем ефект во постигнувањето на целите за повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува Бесими.
Новиот Закон за буџети има механизми и за подобро планирање и спроведување на капиталните проекти. Буџетските корисници, како дел од процесот на подготовка на Буџетот, ќе треба да достават пред-физибилити или физибилити студија до Министерството за финансии за сите нови предлози за големи инвестиции, каде што ќе се основа организациона единица за оцена на инвестициите (PIMA – public investment management assessment).
Во Законот за буџети се дефинираат и фискалните правила, буџетскиот дефицит на ниво до 3% од бруто-домашниот производ, додека јавниот долг на ниво од 60%, кој, всушност, според новата методологија се смета за долг на општа власт (државата и општините), додека гарантираниот долг за јавните претпријатија и други институции од јавниот сектор што не се буџетски корисници се ограничува до 15% од бруто-домашниот производ. Исто така, се уредува воведувањето Фискален совет.
„Фискалниот совет ќе има за цел независно да ја оценува фискалната политика, стратегиите и нивното спроведување, како и макроекономските и буџетските проекции. Советот ќе биде составен од 3 члена – експерти од областа на јавните финансии, макроекономијата или економијата, предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка, а ќе ги избира Собранието“, посочува министерот Бесими.
Една од најважните реформи што ги носи новиот Закон за буџети е современиот Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС). Главната цел на ИФМИС е подобрување на ефикасноста и транспарентноста на работењето преку поврзување на постојните фрагментирани системи, на централизирана веб-базирана платформа, преку придобивките на најновите дигитални технологии.
„ИФМИС ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивното планирање до целосната реализација, што ќе влијае врз подобрување на буџетирањето и остварувањето на Буџетот. Системот ќе воспостави повеќегодишна буџетска рамка, ќе овозможи воведување функција за управување со јавните инвестиции поврзана со идниот систем за јавно приватни инвестиции, автоматизиран систем за надзор над обврските, вклучувајќи повеќегодишни обврски и централизирани податоци за преземените обврски, управување со основните средства и управување со долгот“, пишува министерот за финансии.
Примената на новиот Закон за буџети е предвидено да започне од почетокот на 2023 година, со исклучок на одредени одредби што се однесуваат на Фискалниот совет, стратешкото планирање, макроекономските проекции, Фискалната стратегија, внатрешната финансиска контрола и ИФМИС, како и организационата единица за реформа на Законот за буџети, коишто ќе се применуваат откако Законот ќе стапи на сила.