Колумни|

28 август 2022 – Навршија седум месеци од почетокот на војната во Украина. Економските изгледи и понатаму остануваат со висока доза на неизвесност, со надолни ризици поради растечката инфлација, можноста за запирање на испораката на гас од Русија, растот на цената на електричната енергија и затегнувањето на условите за финансирање. Секоја финансиска институција што се занимава со прогнозирање, во своите извештаи ја наведува условеноста на економските проекции од развојот на ситуацијата во Украина, односно времетраењето на конфликтот и санкциите кон и од Русија. Секако, тука е и задршката во однос на новите бранови или соеви на ковид-19, којшто сè уште е закана. Инвеститорите се поделени – едни сметаат дека кризата го достигнала пикот и најлошото е зад нас, додека други сегашното зеленило на берзите го сфаќаат како осцилацилација пред „мечкин пазар“.

Бидејќи неизвесноста е единствената извесност што постои, и да знаеш како да живееш во несигурност е единствената сигурност (според познатиот американски автор и универзитетски професор од областа на математиката, Џон Ален Паулос), оваа колумна ја посветувам на согледување на тековните состојби и претпоставките за иднината, кои на читателот ќе му дадат поширока слика за случувањата, но воедно ќе му помогнат и да извлече корисни заклучоци за тоа кои се расположливите можности и стратегии. Во продолжение давам преглед на состојбите и очекувањата за европската економија, движењата на пазарите, препораките и мерките од страна на меѓународните финансиски институции и активностите од наша страна. Понатаму, тука се и системските промени коишто ќе нè направат поотпорни за некои нови предизвици во иднина.

 

Очекувања за европската економија можна контракција во второто полугодие, но позитивен БДП во 2022 година

Да почнеме од Европа. Ќе дадам една аналогија, според добропознатата изрека на Мeтерних – „кога Франција ќе кивне, Европа ја фаќа настинка“. Имено, нашата економија, како мала и исклучително отворена економија со изложеност од 140% од БДП и со околу 80% од извозот насочен кон ЕУ и 50% кон Германија, сосем е логично дека случувањата во ЕУ и Германија нè засегаат. Тие во голема мера се одразуваат на економските движења кај нас.

Инфлацијата во ЕУ продолжи да расте и во јули, и тоа во најголема мера како резултат на растот на цените на енергијата. Согласно податоците на Еуростат, таа достигна 9,8% во ЕУ, додека 8,9% во еврозоната, што претставува највисоко ниво од нејзиното формирање. Естонија, Латвија и Литванија забележаа стапки на инфлација од над 20%, додека 16 од 27 земји членки имаат двоцифрена инфлација. Јулските проекции на Меѓународниот монетарен фонд за економски раст во еврозоната во 2022 и 2023 година се повторно коригирани надолу, вклучително и за поголемите европски економии – Германија, Франција и Италија. Да нагласиме, сепак, дека се очекува раст на БДП и во 2022 и во 2023 година, само значително забавен во однос на претходните очекувања. Имено, според Прегледот на ММФ од јули, растот во еврозоната во 2022 година се очекува да биде 2,6% и 1,2% во 2023 година, што е за 0,2 и 1,1 процентен поен, соодветно, пониско во однос на априлските проекции. Растот на германската економија е проектиран на 1,2% во 2022 и 0,8% во 2023 година, што е повторно надолна корекција во однос на априлските проекции на Фондот за 0,9, односно 1,9 процентни поени.

Врз основа на Индексот за деловна активност (PMI – Purchasing Managers Index), или економски индикатор за трендовите во производството и услужната дејност, еврозоната во август контрахира. Додека светските ценовни притисоци се намалија во изминатите неколку месеци како резултат на разрешувањето на проблемите во синџирите на добавување, заканите што доаѓаат од растечката цена на природниот гас во Европа, како и високите притисоци кај домашните цени, ја одржуваат инфлацијата висока.

И претходно очекувањата за европската економија беа дека се можни негативни квартални резултати во текот на 2022 година. Сепак, дека развојот на ситуацијата оди на полошо се гледа преку растот на европските цени на гасот од крајот на јули за 50%. Постојаниот раст на цените на гасот и можноста тие да останат и понатаму високи, укажува на тоа дека еврозоната веројатно ќе претрпи поголема контракција отколку што првично се очекуваше (иако технички може да се зборува за рецесија, односно за негативен квартален раст на БДП, две тримесечја по ред – како што дадовме објаснување и погоре, очекувањата за годишниот раст се сè уште позитивни). Процените се дека цената на гасот ќе влијае инфлацијата во еврозоната следните месеци да се задржи на околу 10%. Понатаму, високите цени на гасот ќе ги зголемат трошоците на компаниите, кои, пак, ќе продолжат да ги пренесуваат тие трошоци врз цените на своите производи, така влијаејќи и на базната инфлација. Истовремено, растот на цената на гасот влијаеше на падот на еврото во однос на доларот, зголемувајќи ги цените на увозот. Во меѓувреме, домашно произведените ценовни притисоци се исто така високи. Сето ова ќе влијае врз растот на базната инфлација во еврозоната за која се очекува да достигне околу 5% следните месеци, а потоа да застане на 4,5% во 2023 година.

Цените на енергијата за европските домаќинства и фирми ќе биде повисока од претходните очекувања. Ова ќе повлијае врз довербата на потрошувачите, којашто ќе опаѓа, и сè помалку ќе бидат подготвени да ги трошат своите заштеди, што ќе се одрази врз потрошувачката во втората половина од годината. Цената на енергијата ќе има влијание и врз инвестициите. Зголемените трошоци и послабите изгледи за финална потрошувачка ќе повлијаат на фирмите да скратат на несуштествените проекти.

 

Затегнување на основната камата на ЕЦБ

Фискалната и монетарната политика ќе бидат затегнати. Иако се очекува поддршка од европските влади за апсорпција на дел од ефектите од покачените цени за енергија за домаќинствата и фирмите, сепак не може да се очекува дека тие ќе ги надоместат сите нови трошоци. Европската централна банка речиси сигурно ќе продолжи со затегнување на монетарната политика, а тоа ќе го забави растот. Се очекува ново зголемување на основната камата за 0,50 процентни поени во септември, а не е исклучено ниту ново затегнување во октомври. Послабата економија може да направи надолен притисок врз цените, но треба да се има предвид дека ударот е и врз понудата и врз побарувачката.

Согласно првичните информации на национална основа, погодена од енергетската криза, германската економија нема добар перформанс, со најниски вредности согласно ПМИ-индексот и кај производната и кај услужната дејност, од јуни 2020 година. Очекувањата се дека Германија и Италија ќе бидат најјако погодени од растот на цената на гасот. Германија од аспект на индустријата, додека Италија поради зависноста од гас во производството на електрична енергија. Француската економија е помалку зависна од гас од повеќето други земји, додека нејзината влада презеде мерки за поддршка на домаќинствата. Шпанија, пак, е помалку поврзана со европските енергетски пазари.

 

Генеза на проблемот Економската војна преку енергенсите меѓу Русија и ЕУ

И во претходните колумни пишував за заканите на руско-украинската војна врз европската економија. Околу 35% од гасот што го увезува Европа е од Русија, а цената на природниот гас влијае врз цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија, пак, влегува во цените на домашното производство, но и во увозните цени на останатите производи. Како дел од санкциите врз Русија, но и рускиот одговор на нив, Европа планира и го намалува користењето на рускиот гас, со забелешка дека притоа обезбедувањето соодветен супститут оди бавно. Како се одразува тоа, ќе илустрирам со податокот дека само најавата на руски Газпром дека ќе ја прекине испораката на гас преку Северен тек 1 во ограничен период од неколку дена после 31 август, придонесе за драстичен раст на цените на гасот и електричната енергија на европските берзи.

Цената на гасот достигна околу 300 евра по мегават час. Природниот гас поскапе и достигна цена од над 3.300 долари за 1000 кубни метри. Инаку за илустрација, овој енергент од средината на 2021 година досега е поскапен за неверојатни 700%!

Рекорди урива и цената на електричната енергија. На германската берза на крајот на август цените достигнуваа над 700 евра за мегават час за едногодишна испорака, додека на француската берза над 800 евра за мегават час. Инаку, пазарите на електрична енергија во Франција и Германија ја диктираат цената и на другите берзи низ Европа, како бугарската, унгарската, словенечката… Па така овие пикови се одразија и на сите регионални берзи и цената достигна и до 600 евра за мегават час. Инаку, во 2021 година, на европските берзи цената над 75 до 100 евра за мегават час се сметаше за висока, додека на регионалните берзи цените се движеа не повеќе од 50 до 75 евра.

Очекувањата на енергетските експерти се дека до крајот на зимата оваа состојба нема да се менува многу, освен во случај на прекин на војната во Украина и одлука на Германија да увезува руски гас преку Северен тек 1 и 2. Додека, пак, ако Германија, која доминантно влијае на цената на струјата на европските пазари, продолжи со намерата за престанок на користење руски гас, високите цени на енергијата ќе потраат неколку години.

Тоа што е карактерисично, како што пишува британско списание Економист, ова не е само класична војна на Русија во Украина, туку глобална хибридна војна меѓу автократските режими од истокот и демократските системи на западот. Тоа е глобална геополитичка војна со глобални економски импликации преку енергетски ресурси, технологии, економски и финансиски санкции од двете страни што на среден рок може да има сериозни импликации врз светскиот поредок (пред сè се мисли на односите на Русија и Кина во релација со ЕУ и САД), глобализацијата, економскиот, финансискиот и технолошкиот развој.

Ова што се случува на европскиот континент веќе е огромен економски шок од светски размери чии последици сериозно се чувствуваат и во нашата економија. Станува збор за сериозен економски шок што не може да се избегне и сите ќе го почуствуваме, но секој ќе мора да даде свој придонес во апсорбирање на овој надворешен економски шок со носење дел од товарот преку штедење, рационализација и реорганизација. Секако, и Владата ќе продолжи да биде активна и да помага во справувањето со истиот.

 

Владини мерки за апсорбирање на надворешниот шок

Како ќе се одразат европските проблеми врз нашата економија? – Каналите се впрочем исти како и претходно (пишував за ова и кога почна војната во Украина): тука се инфлаторните движења (кои ќе се пренесат, главно преку цената на енергијата, на домашните цени), трговијата (која ќе биде под влијание на попрудентната потрошувачка), како и инвестициската претпазливост.

Што може да се направи? Владата презема и ќе презема мерки, но имајќи во вид дека многу поразвиени економии од нас не можат да го апсорбираат шокот целосно, тоа не може да се очекува ниту кај нас. Во Економскиот преглед од јули, ММФ повторно ги повтори препораките дека треба да се оди кон системски и таргетирани мерки.

Препораките се да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, со поддршка за најранливите. Ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Побарувачката за енергија е еластична, односно растот на цената влијае на намалување на побарувачката, а со тек на време, како резултат на намалената побарувачка, цената ќе се стабилизира.

Мерки за амортизирање на растечките цени на електричната енергија преземаме веќе една година, преку субвенции на производството на ЕСМ и намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18% на 5% (на годишно ниво тоа го чини Буџетот на државата околу 50 милиони евра помалку приходи од ДДВ). Но, сите ние мора да бидеме свесни за големината на овој надворешен удар. Имено, цената на електричната на енергија на регулираниот пазар кај нас е 5 пати пониска во однос на пазарната цена на струјата – тоа е поддршката што ја даваме за домаќинствата и дел од компаниите коишто се мали потрошувачи. Разликата во цената на чинење и продажната цена на електричната енергија што се обезбедува од државната компанија ЕСМ на регулираниот пазар за домаќинствата, како и за загубите на преносната и дистрибутивната мрежа (што придонесува за пониска цена на електричната енергија и за делот на стопанството што е на либерализираниот пазар), надминува 200 милиони евра годишно. Но, цените на берзите продолжуваат да растат, а со тоа и трошоците за Буџетот. Затоа треба да се преземаат и други мерки покрај субвенционирањето и откажувањето од давачките. Итно треба да се преземат мерки за штедење електрична енергија од страна на сите институции во јавниот сектор и субјекти во приватиот сектор, како и во секое домаќинство. Едноставно, секој граѓанин треба да даде свој придонес – според максимата „ШТЕДИ И ПРОДОЛЖИ!“ по примерот на Велика Британија која пред бомбардирањата за време на Втората светска војна објави постери со слоганот „Смири се и продолжи!“ (Keep Calm and Carry On!). Тоа на среден рок треба да биде ориентацијата кон енергетската ефикасност, а понатаму и кон нови одржливи извори. Ако сите ние не станеме поодговорни, ништо не е постигнато. Само ќе ги префрламе трошоците од еден џеб во друг, бидејќи даноците ги плаќаме сите.

Во однос на другите мерки, во Буџетот имаме издвоено 76 милиони евра резервни средства за нови антикризни мерки. Обезбедивме и дополнителни средства во Буџетот, околу 100 милиони евра повеќе, за гарантираниот минимален доход и за субвенции за земјоделците. Ги зголемивме платите во здравството, полицијата, судството, поддржавме раст на минималната плата, а поддржавме и раст на платите во приватниот сектор преку субвенции. Обезбедени се и дополнителни 200 милиони надвор од Буџетот – 100 милиони преку Европската банка за обнова и развој за ЕСМ и 100 милиони евра преку Европската инвестициска банка за Развојната банка за поддршка на стопанството. Во преговори сме и со Европската комисија и со ЕИБ, во рамки на Програмата за економски развој, да се обезбедат средства во износ од 250 милиони евра за Гарантната шема. Најновата мерка што ја донесовме минатата недела за поддршка на ликвидноста на компаниите e постепено намалување на законски утврденото време за сервисирање на обврските на јавниот кон приватниот сектор.

Владата работи на нов пакет антикризни мерки. Премиерот со економскиот тим на Владата е во тесна координација со деловната заедница и сите општествени чинители со цел да се најдат најсоодвените решенија за поддршка на граѓаните и стопанството, особено за поддршка на најраливите категории со таргетирани мерки.

 

Долгорочно решение

Сите овие мерки делумно ќе го амортизираат шокот кој ќе дојде однадвор. Но, јас сум за тоа секогаш да се биде реален и да не се разубавува вистината. Зимата ќе биде тешка – и за Европа и за нас. Владините мерки ќе го ублажат ударот, но нема целосно да го спречат. Тоа нема да го направат ниту богатите економии. Она што сите треба да го направиме е да тргнеме од општата свест и да зборуваме кои се најдобрите опции за НАС, а не најдобрите опции за МЕНЕ. Разбирливо е дека секој тргнува од својот проблем и на секого неговиот проблем му изгледа најголем, но најоптимални резултати и најмали последици може да постигнеме само доколку размислуваме како целина, како едно.

Тука доаѓам до последната точка од мојата колумна и воедно до долгорочното решение, а тоа се системските промени. За да во иднина апсорпциската моќ на економијата во случај на криза биде значајно поголема – како и обезбедување поквалитетни јавни услуги – мора да има промени на приходната страна, секако поголема контрола и на расходната страна, што ќе се постигне преку системскиот Закон за буџети. Со цел обезбедување одржливи јавни финансии неопходно е ревидирање и рационализација на буџетските расходи преку системски и одржливи решенија. Тоа ќе значи и спроведување структурни реформи од страна на ресорните министерства и институции, и тоа за оптимизација и зголемување на ефикасноста на државната администрација, поквалитетно здравство и образование, ревидирање на субвенциите во земјоделство базирано на принос и обезбедување стратешки производи, социјално осигурување, подобрување на перформансот на јавните претпријатија, а воедно да се продолжи со натамошно намалување на сите неприоритетни трошоци, како што се патни трошоци, дневници, електрична енергија и други енергенси, мебел, возила и слично. Затоа сега е вистинско време да се зборува за оптималниот концепт на оданочување, вклучително и за мерки за сузбивање на сивата економија, кои ќе обезбедат доволно приходи за сигурносен заштитен слој (бафер) во идни вакви потреси. Дебатата е отворена и таа во континуитет се одвива со сите чинители со кои заедно ќе дојдеме до најоптималното решение. За мерки се потребни средства и тие мора да дојдат од некаде – од подобрена наплата или од заем. Ако даночниот систем беше поефикасно и поправично поставен со поголем опфат (тука зборувам и за сивата економија), апсорпциската моќ на економијата сега ќе беше поголема, а потреба за задолжување помала.

И сосем за крај, повторно ќе ја спомнам енергетската ефикасност и водењето зелена и одржлива економија. Во иднина просперитетни економии ќе бидат оние што ќе имаат висок степен на одржливост. Оваа и претходната криза ни покажаа дека е потребен повисок степен на приспособливост на економиите. Оние што ќе знаат брзо да одговорат на предизвиците, се оние што ќе успеат. Инвестициите во одржливите извори на енергија се еден сегмент од тоа. Друг сегмент е одржливото земјоделство. „Одржливост“ ќе биде клучниот збор во иднина. Во оваа насока, иновативноста и претприемништвото ќе дадат најголема додадена вредност, па затоа вреди да размислуваме за тоа.

„Не сме ја наследиле земјата од нашите родители, ја позајмуваме од нашите деца.“ (народна поговорка)

 

Фатмир Бесимиминистер за финансии

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *