29 август 2022, Скопје – Проекти во вредност од над 150 милиони евра со поддршка од КФВ банка се спроведуваат во земјата. Динамиката на нивното спроведување и идна соработка на нови проекти беа тема на денешната средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими со амбасадорката на СР Германија во земјава, Анке Холштајн и новиот директор на канцеларијата на КфВ банка во РС Македонија и Косово, Мориц Реме.
KфВ банка е дел од Банкарската групација КфВ којашто е одговорна за финансиска соработка со земјите во развој. Банката со поддршка од Амбасадата на Сојузна Република Германија во земјава ја спроведува финансиската соработка во рамки на билатералната развојна соработка со СР Германија. Обезбедува долгорочен капитал и поттикнува инвестиции во инфраструктурата, финансиските системи и заштитата на животната средина. Нејзината мисија во Република Северна Македонија е промовирање на одржливиот развој, поддршка на процесот на транзиција и поддршка за пристапување кон ЕУ.
Министерот за финансии на средбата изрази благодарност за континуитетот во поддршката што ја добива земјава од СР Германија и КФВ банка и очекува, со новото раководство на Банката, истата да продолжи и тоа со поголемо темпо. Станува збор за програма за наводнување на Северна Македонија во вредност од 80 милиони евра, втора фаза од Ветерниот парк во Богданци со 18 милиони евра поддршка од КФВ банка, спроведување топлификација на Битола со 39 милиони евра од КФВ, како и реконструкција на студентските домови во износ од 20 милиони евра.
„Тоа е значајна поддршка што РС Македонија ја добива од КФВ банка, а од особено значење во моментов е поддршката во секторот енергетика, за зголемување на капацитетите за производство на електрична енергија и воведување топлификација во Битола “, истакна министерот Бесими.
Од КФВ банка постои интерес за соработка на повеќе проекти, како што се Ветерниот парк Миравци, поставување фотоволтаични централи во ТЕ Битола и соларно парно греење во Битола, како и реализација на третата фаза од рехабилитацијата на шест големи ХЕЦ.
На средбата беше истакнато дека реализацијата на капиталните инвестиции е еден од приоритетите на Владата. Оваа година со ребалансот, иако е криза, имаме предвидено рекордно ниво на капитални инвестиции во износ од 520 милиони евра. Тоа се средства што ќе значат поддршка за компаниите кои ќе бидат вклучени во реализацијата, а на долг рок нивната реализација ќе значи придонес во економскиот раст, подобра конкурентност на економијата, но и подобра регионална соработка преку подобрената инфраструктура. Сето тоа на долг рок значи одржлив економски раст.
СР Германија е наш значаен поддржувач и партнер на нашиот пат кон евроинтеграција и развој на општеството. Воедно е и нашиот најзначаен трговски партнер. Владата на СР Германија досега има инвестирано во земјава 500 милиони евра.