15 септември 2022, Скопје – Се воспоставуваат нови фискални правила и принципи што ќе се применуваат во постапката за изготвување, донесување и извршување на Буџетот на РС Македонија. Собранието го усвои новиот Закон за буџети, подготвен од страна на Министерството за финансии, а кој овозможува поголема транспарентност и отчетност на целокупниот буџетски процес.
„Ова законско решение ја продолжува определбата за стратешко планирање, давајќи среднорочна рамка на јавните финансии, односно среднорочно буџетско планирање. Ова е клучна реформа што се спроведува во јавните финансии и е составен дел од концептот СМАРТ финансии, а со цел да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика, како и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност“, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Фискалните правила во новиот Закон се дефинирани така што ја прават фискалната политика попредвидлива и поодговорна. Воедно, тие се усогласени и конзистентни со оние на ЕУ. Поставени се нови рокови за буџетскиот процес со што се поместува временската рамка за подготовка на Буџетот, предвидени се одредби за управување и располагање со финансиски и нефинансиски средства на државата и општините, со цел подобро користење и располагање со средствата на државата, потоа предвидени се општи одредби за управување со јавниот долг и издавање гаранции, со утврдени процедури за задолжување за потребите на централната и локалната власт, како и за издавањето гаранции.
Со Законот се регулира и воспоставување Фискален совет, среднорочно буџетско планирање, управувањето со средствата на државата и општините, како и фискална одговорност и основите за воспоставување интегриран информациски систем за управување со јавните финансии. Буџетот ќе има подобар приказ преку поголемиот број информации што ќе бидат прикажани и подобро структурирани.
Фискалниот совет, кој се воспоставува првпат, ќе обезбеди независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, Буџетот, извештаите за реализација на Буџетот, фискалните ризици и слично. Фискалниот совет ќе биде независно тело, во кое ќе членуваат експерти од областа на јавните финансии, макроекономијата или економијата. Ќе го формира Собранието, а членовите ќе бидат предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими истакнува дека Министерството за финансии, во соработка со експерти од меѓународни институции како ММФ, Светска банка, Европската Унија и Владата на Обединетото Кралство, со новиот Закон за буџети всушност изработи современ концепт за управување со јавните финансии.
Денеска, потребата од носење на Законот ја образложи заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.
„Современиот и модерен начин на управување со јавните финансии претпоставува и високо ниво на дигитализирани процеси, што треба да се имплементираат преку новиот систем на ИФМИС. Преку овој систем ќе се обезбеди подобро спроведување на сите процеси, како и мониторинг и контрола на истите“, вели Николоски.
Притоа, како што потенцира, новиот Закон за буџети ќе овозможи подобрување во управувањето со јавните финансии, зајакнување на среднорочното буџетирање и ќе обезбеди поголема контрола каде и на кој начин се трошат парите на граѓаните.
Утврдените правила и принципи од новото законско решение ќе се применуваат и при изготвување, донесување и извршување на буџетите на единиците на локалната самоуправа и на Градот Скопје.