30 септември 2022, Скопје – Државата за само девет месеци годинава извршила поврат на ДДВ кон стопанството во износ од 30,7 милијарди денари. Тоа е историски највисоко ниво на поврат на ДДВ извршен кон стопанството досега. Само за споредба, износот вратен кон фирмите во деветте месеци од оваа година е за 48,9% поголем за разлика од повратот на ДДВ извршен за цела 2021 година, додека споредено со 2020 и 2019 година тој износ е повисок за над 70%, односно 72,8% и 75,5%, соодветно.
Ова укажува на зајакнатиот инспекциски надзор од страна на Управата за јавни приходи, поголемата ефикасност во наплатата на даночните приходи што овозможи забрзана реализација на поврат на ДДВ.
Податоците за извршениот поврат на ДДВ по години покажуваат дека тој износ од година во година расте. Така што, за цела 2019 година е направен поврат од 17,5 милијарди денари, во 2020 година 17,8 милијарди денари, во 2021 година 20,6 милијарди денари и во 2022 година, за само девет месеци, е извршен поврат за 10,1 милијарда денари повеќе во споредба со 2021 година.
Извршениот поврат на ДДВ за деветте месеци од 2022 година е за 19,3 милијарди денари повисок во однос на повратот извршен во првите девет месеци од 2014 година. Така што, за првите девет месеци од 2014 година бил извршен поврат во износ од 11,4 милијарди денари, во 2015 година 12,1 милијарда денари, во 2016 – 11,6 милијарди денари, во 2017 – 13,8 милијарди денари, во 2018 – 17,5 милијарди денари и во 2019 и 2020 година по 18,2 милијарди денари и во 2021 година 30,7 милијарди денари.
Повратот на ДДВ кон стопанството значи поддршка на ликвидноста и конкурентноста на компаниите, а особено е значајно што се врши тековно и навреме и тоа им дава одредена сигурност на компаниите. Истово е особено важно во услови на криза, како што е случај во последните години со пандемијата на ковид-19 и актуелната енергетска и ценовна криза.
Ваквата динамика во процесот на поврат на ДДВ ќе продолжи и во иднина, со оглед на тоа што овој процес ќе биде целосно автоматизиран.