13 октомври 2022, Вашингтон – Потврдата од ММФ дека РС Македонија може да користи средства од Програмата за претпазливост и ликвидност – ПЛЛ е добар сигнал за политиките што ги презема Владата во време на криза. Мерките што ги донесовме за поддршка на граѓаните и стопанството во првата половина од годината придонесоа да се ублажи инфлацијата за 3 процентни поени. Поддршката ќе продолжи, но таа ќе биде стриктно таргетирана, за најранливите категории граѓани и компании.
Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, во Вашингтон, каде што учествува на Годишните средби на ММФ и Светска банка.
„На почетокот, уште во март годинава, донесовме општи мерки за заштита од ценовниот шок, коишто се однесуваа на намалување или укинување на даноците кај дел од производите и ограничување на маржите. Тие даваат ефект на краток рок па затоа во првата половина од годината само со примена на тие мерки имавме за 3 процентни поени ублажена инфлација. Дел од мерките се однесуваа на електричната енергија. И во сите светски извештаи на меѓународните институции тоа се мерки што се користат на краток рок за да се елиминира шпекулативниот ефект на пазарот и токму тоа и се постигна. Потоа полека тие се трансферираа во таргетирани мерки. Што значи, товарот се пренесува делумно преку Буџетот од каде што се покриваат оние што се најпогодени а остатокот се остава на пазарот. Ние тоа го правиме во целиот овој период“, вели министерот Бесими.
Тој истакна дека се соочуваме со криза која од економски аспект е многу поразлична од онаа за време на пандемијата на ковид-19 и дека затоа мора да има фискална консолидација за разлика од периодот на корона-кризата кога имаше и монетарна и фискална експанзија.
„Сега има монетарна рестрикција и затоа мора да има фискална консолидација, односно да трошиме помалку и многу таргетирано. Значи, моментално сме во фаза кога таа поддршка што ќе ја дадеме треба да биде стриктно таргетирана за да можеме да го скратиме или да го намалиме дефицитот. Нема друг рецепт. Едноставно, секој треба да биде свесен за тоа што се случува на светската сцена од аспект на енергенсите и финансиски, и дека доколку даваме поддршка истата мора да биде многу таргетирана“, посочи министерот Бесими.
Тој потенцира дека ова е сериозна криза од глобални размери и дека нема да биде доволно шоковите да се покријат само од Буџетот. „Тоа мораме сите да го сфатиме, и граѓаните и стопанството. За да ја надминеме оваа состојбата прво се преземаат мерки, што ќе бидат таргетирани, затоа што не може да се потроши Буџетот во сразмер што не е одржлив. Второ, на финансиските пазари на светско ниво парите се скапи и нема доволно финансиски средства што е другиот аспект на ограничување во оваа криза. Трето, ние работиме покрај на таргетирани мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и стопанството и на среднорочни и долгорочни решенија за зголемување на енергетската ефикасност, обезбедување енергетска независност, обновливи извори на енергија и зголемување на општата свест за штедење во овој период. Притоа работиме и на реформи што ќе значат одржлива основа во однос на политиките за одржлив раст во наредниот период, по завршувањето на кризата“, рече министерот за финансии.
Во однос на инфлацијата во земјава посочи дека таа е директно поврзана со она што се случува на европскиот пазар. Појасни дека тоа е резултат на големата отвореност на нашата економија во однос на другите земји од регионот и дека она што се случува на европскиот пазар, особено во Германија, следствено се пренесува и кај нас.
Во интервјуто министерот наведува дека во 2023 година се очекува стабилизирање на цените и дека не се очекува состојба на стагфлација. Иако ќе има забавен раст, сепак ќе има раст, кој се очекува да биде околу 3% оваа и следната година.