Вести|

1 ноември 2022, Скопје – Со заштеди во Буџетот и прераспределби помеѓу буџетските корисници обезбедивме дополнителни 3,75 милијарди денари (61 милион евра) за да се справиме со енергетската криза, односно средства за ЕСМ, за домашно производство на енергија и надминување на последиците од енергетската криза.

Ова, како што истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во Собранието, е предвидено со Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, која денеска беше усвоена во Собранието.

Со оваа одлука се прераспределуваат вкупно 5,15 милијарди денари, коишто се обезбедени по основ на заштеди на ставки што не се приоритетни и каде што има помала реализација од планираната, како и од средства што не се реализирани во програми согласно механизмот КАПЕФ.

„Целта на прераспределбата е да се одговори на предизвиците од актуелната енергетска и ценовна криза. Затоа и најголемиот дел од прераспределените средства во износ од 3,75 милијарди денари се насочени во програмата за мерки за справување со ковид-19 и други антикризни мерки, односно тие ќе бидат насочени кон ЕСМ за производство на електрична енергија од домашните капацитети, со што се овозможува пониска цена за крајните потрошувачи на регулираниот пазар, односно за домаќинствата и околу 70 илјади компании, како и средства за нови антикризни мерки “, рече министерот.

Со Одлуката, како што додаде, се обезбедуваат дополнителни средства и за општините, за проекти во животната средина и слично.

Дополнителни 291 милион денари се обезбедуваат за општините, преку дотации од ДДВ . Односно локалните самоуправи ќе добијат дополнителни 0,5% од наплатениот ДДВ претходната година. Средствата, согласно последните измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, ќе се распределат во два нови дополнителни дела, 0,25% за перформанси и 0,25% за изедначување, односно средства за подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините.

Исто така, се обезбедуваат 2,25 милиони денари за подобрување на условите во казнено-поправните установи, 200 милиони денари за ТИР зоните за поддршка на инвестициски вложувања и за градежни активности, потоа во повеќе потпрограми се обезбедуваат дополнителни средства за заштита на животната средина, како и 60 милиони денари за мерки за контрола и искоренување на болеста африканска чума кај свињите.

Обезбедени се и 20 милиони денари за заштита на Дојранското Езеро, односно потребните средства за електрична енергија за непречено функционирање на хидросистемот на Дојранското Езеро.

Средствата се обезбедени со заштедите, меѓу другото, преку кратење на непродуктивните трошења кај повеќе буџетски корисници, како што се договорни услуги, купување возила, мебел, патни трошоци и слично.

Ова е само континуитет во она што се презема од страна на Владата од почетокот на оваа криза, а одлуките се носат врз основа на длабински анализи на состојбите и согласно укажаните потреби.

Со ребалансот на Буџетот за 2022 година беа обезбедени 4,7 милијарди денари за енергетската криза, а сега со оваа одлука се обезбедуваат дополнителни 3,75 милијарди денари што ќе се искористат за да се излезе од кризата со најмали последици.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *