Вести|

3 ноември 2022, Скопје – Трета година предлагаме Буџет во време на криза. Буџет за справување со кризата и предвидени 250 милиони евра, Буџет за развој со капитални инвестиции од 795 милиони евра, а притоа се прави фискална консолидација.

Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во емисијата „Топ тема“, и потенцира дека она што го карактеризира овој буџет е продолжување на трендот на фискална консолидација, што значи фискална одржлива финансиска рамка што праќа јасен сигнал до инвеститорите дека и покрај кризата се оди кон стабилизирање на билансот на јавните финансии, односно на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

„Со овој буџет, ако гледаме номинално, остануваме на исто ниво на буџетски дефицит од 695 милиони евра како и во 2022 година, но процентуално во однос на БДП ако тоа значи 5,3% оваа година, за наредната година тоа претставува намалување на дефицитот како процент од БДП на 4,6%. За споредба, во 2020 година изнесуваше 8,1% од БДП, потоа во 2021 година проекцијата беше 6,1% а остваривме 5,5% буџетски дефицит и во 2022 година планиравме консолидација на 4,3%, но поради поголемиот ефект од енергетската криза со ребалансот проектиравме 5,3% буџетски дефицит од БДП“, појасни министерот.

Тој додаде дека треба да се има предвид дека и покрај глобалната криза од големи размери ние правиме фискална консолидација.

„Мојата должност како министер за финансии е да предложам Буџет што од макрофинансиски аспект и фискално кажано е одржлив на среден рок. И во време на криза ние одиме со фискална консолидација. Не се троши по други позиции повеќе од она што се приходи, за да не создадеме непотребни поголеми задолжувања. Притоа имаме поамбициозна динамика за капиталните расходи во Буџетот“, потенцира министерот и додаде дека е клучно што капиталните расходи се проектирани над нивото од дефицитот и дека со Буџетот се воспоставуваат и механизми и индикатори за нивна поголема реализација.

Исто така нагласи дека Буџетот за 2023 година е прв буџет што се предлага согласно новиот Закон за буџети, во којшто се опфатени фискални правила, кои меѓу другото се однесуваат и на нивото на буџетскиот дефицит и на јавниот долг.

Како што рече, јавниот долг поради кризата и справувањето со ефектите од истата забележа раст за 10% во 2020 година и достигна ниво од 61%, но дека во периодот потоа, преку политиките што се спроведуваат, тој се намали и сега е на ниво од 55,7% од БДП.

Меѓу дополнителните мерки за фискална консолидација е и планот за штедење од страна на сите институции, односно освен предвидените повеќе средства за електрична енергија, другите ставки во Буџетот за наредната година како дневници и патни трошоци, мебел, возила и слично се намалени.

Во Буџетот за 2023 година е инкорпориран пораст на минималната плата што ќе следи согласно утврдената методологија и потенцира дека нема да има намалување на платите во јавната администрација, туку дека се подготвува нова методологија за усогласување на сите плати со минималната, за што треба да завршат преговорите и да се направат законски измени.

Во интервјуто најави дека наскоро ќе биде соопштено и конечното решение во однос на почнатиот процес на даночна реформа, а решението што ќе се понуди нема да оди на штета на економијата и оти се тежнее кон обезбедување фер оданочување и даночен систем што ќе поддржи економски раст.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *