Вести|

15 ноември 2022, Скопје – Република Северна Македонија и Република Албанија ја унапредуваат соработката во областа на јавните финансии и процесот на пристапување во ЕУ, како и економската соработка преку практична имплементација на договорите за воспоставување заеднички граничен премин на Ќафасан и земно признавање на овластените економски оператори. Тоа е овозможено со потпишувањето на трите документи од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерката за финансии и економија на Р Албанија, Делина Ибрахимај во рамки на втората меѓувладина седница што се одржа вчера во Скопје.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими истакна дека Меморандумот ќе воспостави ефикасна и координирана соработка меѓу двете министерства за размена на информации од областа на јавните финансии и спроведување реформи што двете земји ќе ги доближат до стандардите на ЕУ и ќе го забрзаат патот до членство во ЕУ.

„Соработката меѓу двете институции воспоставена со Меморандумот ќе биде придонес кон напорите на нашите земји за побрзо изодување на патот по кој веќе зачекоривме. Размената на информации и искуства ќе значат побрзо спроведување на реформите. Министерството за финансии и Владата се посветени на агендата на ЕУ. Заедничката владина седница со Р Албанија што се одржа во Скопје е чекор во тие напори и чекор кон унапредување на соработката воопшто, особено економската. За зголемување на меѓусебната трговија, забрзување на протокот на стоки меѓу двете земји придонес се и протоколите што ги потпишуваме во рамки на оваа заедничка седница“, рече министерот Бесими.

Со Меморандумот ќе се воспостави ефикасна и координирана соработка помеѓу двете министерства. Тие ќе разменуваат информации за усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ во областа на јавните финансии, управувањето на јавните инвестиции, односно нивно планирање, распределба и спроведување на јавните инфраструктурни проекти, подобрување на процесот на планирање на Буџетот, како и спречување настанување нови финансиски обврски, даночни политики, сузбивање неформална економија и даночна евазија, внатрешна ревизија, како и реформа на управувањето со јавните финансии.

На тој пат особено е значајна меѓусебната соработка и унапредувањето на економските односи, а тоа е придонес кон забрзан економски развој на двете земји. Во таа насока се и потпишаните протоколи за воспоставување заедничка царинска контрола на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане и заемно признавање на издадените лиценци за овластени економски оператори.

Протоколот помеѓу Министерството за финансии – Царинска управа на РС Македонија и Министерството за финансии и економија – Генерален директорат за царина на Р Албанија е чекор во имплементацијата на Договорот помеѓу Владата на РС Македонија и Советот на министри на Р Албанија за воспоставување заеднички гранични премини меѓу Р Албанија и РС Македонија на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане. Тоа значи примена на концептот за заедничка гранична контрола меѓу двете земји што ќе придонесе кон намалување на времето на чекање и олеснување на движењето на граѓаните и стоките меѓу двете земји.

Исто така, во насока на олеснување на трговијата меѓу двете земји е и потпишаниот Протокол помеѓу Министерството за финансии – Царинска управа на РС Македонија и Министерството за финансии и економија – Генерален директорат за царини на Р Албанија за спроведување на Спогодбата за заемно признавање на одобренијата за Овластен економски оператор – безбедност и сигурност помеѓу Владата на РС Македонија и Советот на министри на Р Албанија.

Протоколот значи унапредување на безбедноста на трговијата, отстранување на бариерите во меѓусебната трговија, воспоставување поблиски односи, а сето тоа ќе доведе до посилен економски развој, како и усогласување со практиките во ЕУ. Со него ќе се овозможат едноставни и предвидливи процедури во царинската постапка, побрзо царинење на стоките, поголема сигурност и комуникација меѓу партнерите, како и подобри односи со царинските и другите државни органи.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *