17 ноември 2022, Скопје – Инвестицијата во човечкиот капитал во една земја е инвестиција во долгорочен и одржлив развој и придобивка за целото општество. Оттаму, инвестирањето во човечки капитал е еден од најзначајните приоритети на Владата на РС Македонија, а во остварувањето на тој приоритет клучен партнер е Светската банка. Начинот на кој ќе се креира посилен и поотпорен човечки капитал преку заеднички проекти во трите клучни сектори за развој на човечкиот капитал – образование, здравство и социјална заштита, денеска беше тема на состанокот што се одржа во Министерството за финансии на кој учествуваа министерот за финансии, Фатмир Бесими, министрите за образование Јетон Шаќири, за здравство Беким Сали и за труд и социјална политика Јована Тренчевска, како и Фадиа Садах, регионален директор за човечки развој за Европа и Централна Азија на Светска банка и претставникот на СБ во земјава, Масимилијано Паолучи.
„Во Програмата за работа на Владата за периодот 2022-2024 година, социјалната инклузија и развојот на човечкиот капитал се издвоени како еден од петте клучни приоритети на земјата. Како дел од нејзината цврста посветеност на агендата за развој на човечкиот капитал, Владата на РС Македонија, со техничка помош од Светска банка, работи на Стратегија за развој на човечкиот капитал, со што земјава се издвојува како прва во регионот која со стратешки документ го поплочува патот кон зајакнување на човечкиот капитал“, беше истакнато на состанокот.
Стратегијата во нацрт-верзија е одобрена од Владата, а целта е да обезбеди подобри услови за живот на граѓаните, да поттикне побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст, и да го намали нивото на сиромаштија преку инвестиции во трите клучни сектори: образование, здравство и социјална заштита.
„Човечкиот капитал е најзначаен фактор и игра суштинска улога во промовирањето на растот и развојот на една земја. Затоа еден од приоритетите во нашите политики е зголемување на инвестирањето во човечки капитал, односно во трите сектори – образование, здравство и социјална заштита. Така, средствата што се одвојуваат од Буџетот за овие сектори од година во година растат и тие од 180,1 милијарда денари во 2019 година, во 2022 година достигнаа 220,8 милијарди денари, а во наредната година тој износ се зголемува на 235 милијарда денари“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека ова се инвестиции што во овој момент и на краток рок не покажуваат ефекти, но затоа пак се инвестиции во иднината, инвестиции за идните генерации, во идниот раст и развој на државата и дека и покрај моменталната состојба и борбата за справување со последиците од енергетската и ценовната криза, Владата останува посветена на спроведување на реформите во овие области. Тие реформи се особено значајни за забрзување на растот и искористување на целокупниот потенцијал за раст.
Светска банка, како што истакна Фадиа Садах, гледа бројни предности во инвестирањето во човечки капитал. „Прво, тој директно придонесува за благосостојбата на луѓето во Северна Македонија и е основа за еднакви можности. Друго, помага да се создаде порамноправна распределба на придобивките од развојот, и конечно, овозможува поврзување помеѓу различните видови инвестиции, искористувајќи ги предностите на комплементарноста помеѓу човечкиот и физичкиот капитал“.
Таа додаде дека овие предности, колку и да се големи, не се материјализираат автоматски. „Затоа посветеноста станува особено важна, и ми претставува задоволство што гледам дека Владата на Северна Македонија дава висок приоритет на агендата за човечки капитал“, рече на состанокот.
На состанокот беше истакнато дека квалитетот на човечкиот капитал во земјава во периодот од 2010 до 2020 година е подобрен и дека индексот на човечкиот капитал од 0,54 се искачува на 0,56, но тоа не значи дека треба да се отстапи од реформите. Притоа, ресорните министри Тренчевска, Сали и Шаќири ги претставија реформите на кои работат и што се планира во наредниот период со цел подобрување на човечкиот капитал.
Во спроведувањето на реформите, земјата добива клучна поддршка од Светска банка преку спроведување повеќе проекти, а на состанокот беше потврдена и поддршката за понатамошна соработка во спроведувањето на програмските цели во овие три сектори во насока на поддршка на развојот на човечкиот капитал.
Преку проект за подобрување на социјалните услуги се спроведува амбициозна реформа на социјалната заштита. Проектот за унапредување на основното образование е фокусиран на унапредување на квалитетот на учење преку подобрување на образованото окружување, а во областа на здравството, преку проектот за итно справување со ковид-19 се зајакна здравствениот систем со цел справување со здравствената криза. Во подготовка се и нови проекти, и тоа во секторот здравство проект фокусиран на примарната заштита, во образованието проект за подобрување на квалитетот на средното образование, како и дополнително финансирање на проектот за подобрување на социјалните услуги.