21 ноември 2022, Скопје – Постепена фискална консолидација, добра стратегија и издржан план за забрзување на растот, инвестиции во човечкиот и физичкиот капитал, дигитализација и одржливост се петте клучни чекори за забрзување на економскиот раст по заздравувањето на економијата од тековната глобална криза. Ова во својата најнова колумна, посветена на Буџетот и економските стратегии, го пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими.
За да зборуваме за забрзување на економскиот раст и користење на јавните финансии за стимулација на растот, пред сè треба да постои фискален простор. Но, од друга страна, силното фискално затегнување, особено во време кога економскиот раст забавува, може да предизвика контракција на економијата и негативни последици, посочува министерот Бесими.
„По надминувањето на првиот и најсилен удар од пандемијата, започнавме со постепено намалување на буџетскиот дефицит. Со новиот Предлог-буџет за 2023 година, буџетскиот дефицит се намалува за 0,7 процентни поени во однос на проекцијата за 2022 година. Наша цел е на среден рок тој постепено да се сведе под 3%, односно под Мастришкиот критериум“, истакнува тој.
Во рамки на стратешкиот и плански пристап за забрзување на економскиот раст, Бесими го посочува Планот за заздравување и забрзување на растот, во кој по примерот на Јункеровиот план, се планира мобилизирање приватен, покрај јавниот капитал за инвестиции.
„Со средствата ќе се поддржат проекти во јавниот и приватниот сектор кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, животната средина, дигитализацијата, иновациите, човечкиот капитал и општествената инклузивност“, пишува министерот.
Тој во колумната ги посочува и јавните и приватните инвестиции како мотор на економскиот раст и развој.
„Инвестирањето, како во човечкиот така и во физичкиот капитал, е оној мултипликативен дел од равенката за бруто-домашниот производ. Оттаму, фокусот го ставаме на инвестициите, вклучително и со новиот Предлог-буџет. Инвестициите во човечкиот капитал се издвоени како еден од петте клучни приоритети на Владата. Ќе посочам дека со техничка помош од Светска банка, работиме на Стратегија за развој на човечкиот капитал, со што земјава се издвојува како прва во регионот која ќе добие ваков стратешки документ. Во однос на инвестициите во развој на инфраструктурата, нашата заложба е со секој буџет тие да бидат повисоки. Структурата на Буџетот се менува во интерес на развојната компонента“, истакнува Бесими.
Како начин за дополнително стимулирање на економскиот раст, министерот ја истакнува дигитализацијата. Таа е катализатор на растот на продуктивноста на трудот и капиталот, како и начин да се добијат производи и услуги по пониска цена.
Како последен од чекорите за постигнување долгорочен економски раст и развој, Бесими ја издвојува одржливоста, односно одржлива енергија, одржливо земјоделство, одржливи финансии итн. Тој вели дека одржливоста е сплет на паметни и прилагодливи политики кои даваат резултат на подолг период. Затоа во рамки на инвестициската агенда, Владата го вклучува и овој аспект, додека кај финансиите покрај фискалната консолидација се и развојните буџетски политики и фискалната децентрализација.