2 декември 2022, Скопје – Даночната реформа не значи зголемување даноци и даночни стапки. Даночната реформа се однесува на проширување на даночната основна по два основа – намалување на сивата економија и ревидирање на даночните ослободувања. Целта на оваа даночна реформа и претставениот Концепт е воспоставување современ даночен систем којшто ќе биде поправеден, потранспарентен, поедноставен и поквалитетен. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.
„Пристапот во оваа реформа е да нема нови даноци и зголемување на даночните стапки, туку проширување на даночната база. РС Македонија има широка листа на производи, во која се вклучени над 3000 тарифни броеви. Сега таа листа ќе се ревидира и ќе се изготви согласно новата тарифна ознака што се користи во ЕУ. На таа листа со повластена стапка остануваат сите основни производи и домашни производи што се користат кај нас, но ќе се ревидираат луксузните производи што се на листата“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека реформата се заснова на инклузивност и дека овој Концепт што ќе има етапна примена и ќе стартува од 1 јануари 2023 година ги содржи препораките од дебатите што ги организираше Министерството за финансии со експертската јавност, невладиниот сектор, политичките партии, бизнис заедницата и други заинтересирани страни, а поддршка за целиот процес има и од меѓународните институции.
„Во дебатата добивме повеќе аргументи во однос на воведувањето на прогресивното оданочување, кое законски требаше да стапи на сила на 1 јануари 2023 година. Дебатата отвори повеќе прашања и за да се постигне правичност и рамноправност, ќе се избере друг модел на кој ќе се работи во наредниот период“, посочи министерот.
Тој додаде дека се прифати и барањето на бизнис-заедницата за реинвестираната добивка, имајќи ја предвид актуелната состојба и влијанието на енергетската криза.
„Се прифати барањето на бизнис-заедницата со аргумент дека е време на енергетска криза и инфлација, а им претходеше кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Тој аргумент во оваа фаза беше прифатлив. Останува во наредниот период да се работи на модел реинвестираната добивка да се насочи кон поддршка на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, дигитализацијата, зајакнувањето на човечкиот капитал, односно да се мотивираат инвестициите онаму каде што има поодржливи решенија. Тоа е стратешки интерес“, истакна Бесими и додаде дека и во однос на хонорарците решението се дефинираше преку дебатата, а Владата беше подготвена да го имплементира она што произлезе од тој процес.
Во интервјуто се осврна и на енергетската криза и на мерките што се преземаат, нивото на јавниот долг, како и реализацијата на капиталите инвестиции.