Вести|

6 декември 2022, Брисел – Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска во Брисел учествуваше на билатералниот скрининг посветен на поглавјето 32, за кое  Министерството за финансии е водечка институција, а се однесува на финансиската контрола.

 „Подобрувањето на управувањето со јавните финансии во континуитет е  меѓу врвните приоритети на Владата, а воедно е приоритет и за пристапување во ЕУ. Како дел од реформата во јавната администрација е еден од клучните критериуми за оценување на напредокот на РС Македонија кон ЕУ. Процесот на постигнување на овој приоритет значи приближување на нашето законодавство до стандардите на ЕУ, подобрување на човечките капацитети и подобрување на целокупниот систем за управување со јавните финансии, а се води преку Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2022-2025, која се заснова на концептот СМАРТ финансии, како и преку Националната стратегија за борба против измама и заштита на финансиските интереси на ЕУ во РС Македонија 2022-2025 година, усвоена од Владата“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека новата Програма за реформа на управувањето со јавни финансии цели кон подобрување на среднорочната фискална рамка, зајакнување на процесот на буџетско планирање, зајакнување на системот за јавни набавки и подобрување на внатрешната и надворешната контрола преку зголемување на транспарентноста и отчетноста на работењето. Како дел од таа реформа беше усвоен Законот за буџети кој ја поставува основата за современа фискална политика, подобрени среднорочни фискални проекции и зголемена транспарентност. Оваа реформа беше нотирана и во Извештајот за напредокот на РС Македонија од Европската комисија.

Министерот истакна дека во изминатиот период во оваа област се направени многу напори за натамошно усогласување на националното законодавство со европското и дека се спроведени низа реформски активности, а за што добиваме поддршка од ЕУ.

РС Македонија, како што посочи Бесими, ќе продолжи со реформските активности. Фокусот ќе биде ставен на усвојување на новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола и методолошки алатки, како и на нивна имплементација со цел подобрување на транспарентноста, менаџерската одговорност и доброто управување со јавните средства. Во рамки на реформските активности следува и усвојувањето на Нацрт-законот за државна ревизија, кој треба да ја подобри соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието, а воедно и да ја подобри парламентарната контрола над спроведувањето на Буџетот и следењето на препораките на Државниот завод за ревизија, како и да се обезбеди воспоставување и ефикасно функционирање на координативната мрежа за борба против измами и да се подобри спречувањето, управувањето и известувањето за неправилностите што ги засегаат фондовите на ЕУ.

На состанокот во рамки на билатералниот скрининг беа претставени состојбата, усогласеноста и натамошните планови за усогласување во областа на јавната внатрешна финансиска контрола, надворешната ревизија, заштитата на финансиските интереси на ЕУ и заштитата на еврото.

Министерот Бесими вчера во Брисел учествуваше на билатералниот скрининг посветен на економските критериуми. Тоа е првиот чекор во процесот на пристапните преговори со ЕУ. Скринингот им овозможува на земјите кандидати да се запознаат со законите и стандардите на ЕУ и со обврските што произлегуваат од нив, како и со нивото на подготвеноста на земјите и нивните планови за натамошно усогласување. Во овој процес Министерството за финансии е водечка институција во осум области, односно поглавја, во четири кластери, од вкупно шест кластери.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *