16 декември 2022, Скопје – Собранието на РС Македонија ги усвои измените на Законот за данокот на личен доход, со што од 1 јануари 2023 година ќе продолжи да се применува рамниот данок од 10%, односно се укинува прогресивното оданочување и се одложува даночењето на каматите на заштедите до влезот на РС Македонија во ЕУ.
Ова е дел од Концептот на даночната реформа, што го подготви Министерството за финансии, а кој треба да придонесе за поголема праведност и поправична распределба на даночниот товар, со цел забрзан и одржлив економски раст.
„Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход, коишто денеска беа усвоени од Собранието, се дел од нашата определба да воспоставиме праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој додаде дека измените во ова законско решение се постигнати преку дијалог и инклузивен процес со сите засегнати страни што го спроведе Министерството за финансии и дека целата реформа се темели на Стратегијата за реформа на даночниот систем и има поддршка од Меѓународните финансиски институции.
„Со постојниот Закон беше предвидено од 1 јануари 2023 година да се примени прогресивно оданочување, коешто претходно беше одложено за период од три години. Затоа и ја отворивме темата и врз основа на анализите, заедно со сите општествени чинители преку организираните дискусии дојдовме до решението за укинување на постојниот модел. Во наредниот период ќе се изработи нов модел со кој ќе се постигне зацртаната цел“, потенцира министерот.
Со прифатените измени се проширува даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на личен доход, се обезбедува поголема праведност на даночниот систем и поправична распределба на даночниот товар по основ на данокот на личен доход помеѓу доходот од труд и доходот од капитал, а се врши и допрецизирање на постојните одредби.
Меѓу другото, измените предвидуваат оданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд стекнати од 1 јануари 2023 година, промена на концептот на оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, во однос на периодот на поседување, стапката на оданочување и начинот на пресметување и плаќање на данокот; се допрецизира и доуредува основaта за оданочување на немонетарните бенефиции на даночните обврзници кои остваруваат доход по тој основ, се укинува ослободувањето од оданочување на уплатената премија за животно осигурување, уплатенaта премиja за доброволно здравствено осигурување и уплатениот придонес во доброволен пензиски фонд за вработените лица, се утврдува третман на непризнат расход на целиот износ на уплатената премија за животно осигурување кај самостојните вршители на дејност, се доуредува постапката на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот што го остварува странско физичко лице и слично.
Во Собранието во наредниот период треба да се усвојат и измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за данокот на добивка, кои исто така се дел од Концептот на даночна реформа.