Тоа се фактите што се неоспорно постигнати со политиките што ги спроведуваме и најзначајно што се постигнати во услови на криза. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на Конференцијата „Година на нови можности“ говорејќи на тема „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“.
„Управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување. Експанзивна фискална политика која беше водена во периодот на пандемијата, преку таргетирана поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и социјална помош за невработените и ранливите категории на граѓани, резултираше со пораст на буџетскиот дефицит на 8,1% од БДП во 2020 година, придонесувајќи за нагло зголемување на јавниот долг на 59,7% од БДП, достигнувајќи рекорден јавен долг од 61 % во 2021 година, која со континуирана заложба за фискална консолидација можеме да се пофалиме дека заклучно со 31.12.2022 година се спушти на ниво од 57,1% од БДП,“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека значајно е тоа што нивото на јавниот долг се намали во услови на криза и дека тоа е под Мастришкиот критериум (60%).
„Буџетскиот дефицит, исто така, може да кажеме дека се движи во рамки на Мастришките критериуми (3 % од БДП). Ако се земе предвид дека од остварениот дефицит од 4,3 % околу 2 % отпаѓа на справување со кризата, ние сме постигнале дефицит кој е во рамки на европските правила“, истакна Бесими и додаде дека тој тренд на намалување на дефицитот продолжува и од почетокот на оваа година, а бројките покажуваат дека е за 35 % понизок од остварениот дефицит во тој период од 2022 година.
Оцени дека ова беше навистина специфична година во која требаше да се преземат политики со кои требаше да се обезбедат стабилни, ефикасни и одржливи јавни приходи, а тие политики добија потврда и од меѓународните институции.
ММФ врз основа на одржливите економски политики и здравата основа, го одобри пристапот на земјата до средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност, инвеститорите исто така во текот на 2022 година ги препознаа политиките и обезбедивме средства за буџетскиот дефицит и отплата на стари обврски по поповолни и пониски цени, а последната потврда на политиките се и од Агенцијата „Стандард и Пурс“.
„Со напорите за фискална консолидација ќе продолжиме и од реформите не отстапуваме. Го донесовме Законот за буџети, поставивме фискални правила. Почнавме реформа за воспоставување современ модерен даночен систем, кој ќе значи праведност, ефикасност, транспарентност и ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации, а сето тоа во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Даночната реформа која како концепт ја воспоставивме не значи зголемување на даноци, туку е во насока на проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободување, а кои создаваат нееднаков третман на даночните обврзници“, рече министерот Бесими.
На панелот учествуваа гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, академик Абдулменаф Беџети и Глигор Бишев, советник на премиерот.
Гувернерката Ангеловска Бежоска се осврна и на улогата на координацијата на макроекономските политики во одржување на стабилноста на економијата, особено во услови на криза.
Академик Беџети порача дека се неопходни даночните реформи согласно Стратегијата донесена пред повеќе од една година.
Фискалната историја од пред еден век па се до денес, вклучувајќи ја и последната инфлациска и енергетска криза ни покажува дека токму големите економски кризи се причина повеќе за забрзување на реформите а не обратно“, наведе Беџети.