3 февруари 2023, Скопје – Интенцијата да се зголемат платите на вработените во Министерството за финансии беше моја и на раководството во институцијата и на таа интенција остануваме, но зголемувањето ќе го бараме преку системско решение или одредба за која нема да има дилеми околу правното толкување, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Останувам на интенцијата дека вработените чија работа е директно поврзана со буџетските прашања и што е исклучително важно, треба да имаат трипати повисока плата и тоа треба да се реши. Идејата беше ова да се реализира во рамките на Законот за буџети, бидејќи се однесува на таа област, и таму да се даде таква можност, но од правен аспект, во моментот кога требаше да се имплементира и да се направат пресметките за исплата, имаше различни толкувања. Затоа оставивме простор, наместо да се исплати платата па потоа вработените да треба да враќаат дел од износот, да се констатира што е реалната состојба“, рече Бесими.
Тој додаде дека секој вработен ќе го добие она што му следува согласно закон, и дека не е интенцијата некому да се одземе. „Напротив, тоа прашање не беше резултат на некои преговори, ниту со вработените во Министерството за финансии, ниту со синдикатот, тоа беше моја лична иницијатива и на раководството на Министерството затоа што реално гледавме потреба и притисок од пазарот на трудот“, рече министерот.
„Нема никаква дилема дека тоа што е право на вработените ќе се оствари и тоа беше интенција што произлезе од нас, како раководство во Министерството, за да се направи едно разграничување дека Министерството за финансии визави другите министерства е поддршка за сите институции во Владата со цел нивно непречено функционирање. Затоа бараме системско решение, како што беше направено минатата година, со коешто се реши прашањето за минималната плата и за пензионерите“, рече министерот.
Тој појасни дека со тоа системско решение минималната плата, веќе од март, ќе има раст и истото е веќе предвидено во Буџетот за 2023 година. Тоа значи дека со усогласувањето, согласно со утврдените критериуми, платата на сите вработени во државната администрација ќе се зголеми за дополнителни околу 2.200 денари. Тоа значи дека платата на државен советник којашто изнесува 39.000 денари ќе има зголемување од 5%, а кај другите плати и повеќе. Тоа се однесува за сите вработени, не само за вработените во Министерството за финансии, а значајно е тоа што во јавниот сектор нема да има вработени коишто ќе земаат плата под минималната“, појасни министерот Бесими и додаде дека дополнително, во последните неколку години, имаше и неколку зголемувања на платите во различни области: во судство и обвинителство 15%, во образованието 15%, во високото образование 8% и 7%. Инспекторатите, три последователни години добија по 10%, а зголемување имаше и во здравството, МВР, Армијата и други институции.
Министерот појасни дека системското решение се бара преку нов закон на кој работат Министерството за информатичко општество, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии или преку дополнителна интервенција во Законот за буџети и дека со тоа решение ќе се заштити стандардот на граѓаните и интегритетот на вработените во јавниот сектор.