2 март 2023, Скопје – РС Македонија води конзистентни, здрави и одржливи макроекономски политики. Новата реалност, наметната од неколкуте последователни кризи, бара да бидеме подготвени да носиме адекватни и ефикасни политики, од кои голем дел бараат и брзи реакции, а истовремено да ги заштитиме јавните финансии. Ова го порача министерот за финансии, Фатмир Бесими кој учествуваше на Вториот економски форум во Скопје, во организација на Делфи економскиот форум и Грчката бизнис-асоцијација.
„Во вакво глобално окружување се фокусираме кон намалување на трошоците и воедно да ги направиме поефикасни. Да дадеме јасни сигнали дека сме цврсто определени да водиме макроекономски и фискални политики што ќе значат фискална консолидација, а истовремено антикризните мерките да бидат таргетирани. Така праќаме јасна порака за кредибилноста на политиките коишто оставаат простор да имаме соодветна побарувачка за нашите хартии од вредност кога ќе излеземе на меѓународниот пазар“, рече министерот Бесими.
Тој истакна дека водењето здрави макроекономски политики е во насока на поддршка на економскиот раст, „Во таа насока се прават и значајни промени во структурата на расходите. Во Законот за буџети веќе се инкорпорирани дел од тие механизми што даваат таква сигурност, како што се дигитализацијата на системот на трезорот и создавањето нова единица за капитални инвестиции. Во структурата на расходите веќе се случуваат промени, така што оваа година, кога сè уште имаме мерки за справување со кризата, од вкупниот буџетски дефицит кој е на ниво од 4,6% или 700 милиони евра, 250 милиони евра се резервирани средства за антиркизни мерки, односно 1,6% се наменети за антикризни мерки. Во нормални услови, без овие антиркизни мерки би имале дефицит од 3%. Дополнително, капиталните расходи се на ниво од 800 милиони евра. Со ваквата структура создаваме услови за поддршка на растот, а притоа капиталните расходи се на ниво од 5,2% од БДП, кои, пак, во минатото се движеле меѓу 2 и 3%“, рече министерот за финансии.