Колумни|

8 април 2023, СкопјеДоколку финансиите се крвотокот на економијата, тогаш инфраструктурата е ’рбетот на економскиот развој – таа го подобрува пристапот до услугите, креира нови работни места и ја поттикнува економската активност.

 

Изминатата недела започна најголемата градежна офанзива во поновата историја на нашата држава, изградбата на четирите автопати долж Коридорот VIII и Коридорот X-d. Како што и претходно пишував, изградбата на четирите делници нов модерен автопат од шест ленти, поточно 110 километри нова, модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа, на потезите Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола, е од исклучително економско и геополитичко значење, како за нас, така и за регионот. Вкупната инвестиција во овие автопати е 1,3 милијарди евра, којашто заедно со поврзаните инвестиции ќе достигне ниво од 10% од нашиот БДП. Изградбата на коридорите VIII и X-d се очекува да донесе значајни финансиски и економски придобивки за државата, стопанството и населението. Севкупно гледано, оваа инвестиција ќе има директен позитивен ефект врз реалниот сектор на државата.

 

Автопатите на коридорите VIII и X-d со економски ефект над 2% годишно од номиналниот БДП

Да зборуваме со бројки! Директниот ефект од изградбата на коридорите VIII и X-d врз номиналниот бруто-домашен производ на државата се проценува на дополнителни 2% годишно, за време на реализацијата на проектот. Инвестициите по основ на овие проекти, во периодот од 2023 до 2027 година, се движат од 240 до 320 милиони евра годишно.

И домашните фирми и граѓаните ќе имаат финансиски придобивки од изградбата на автопатите на коридорите VIII и X-d. Околу 50% од градежните работи на овие патишта ќе бидат реализирани од страна на домашни претпријатија, коишто би заработиле околу 700 милиони евра по овој основ. Дополнителен ефект врз стопанството ќе има и растот на побарувачката во одредени индустрии кои ќе бидат поддршка на изградбата, како што се производство на градежни материјали, земјоделство, храна и прехранбени продукти, транспорт и складирање и други услужни дејности.

Придобивки ќе има и за населението. Една од најважните придобивки се новите работни места. Ангажирањето домашни подизведувачи и домашна работна сила ќе има позитивно влијание врз пазарот на труд во државата и воедно ќе влијае врз намалувањето на стапката на невработеност. Процените покажуваат дека за изградба на автопатите директно ќе бидат ангажирани околу 3.000 работници од градежната индустрија, а индиректно, од други индустрии, над 5.000 работници. Тоа се околу 8.000 работни места вкупен ефект од четирите нови автопати на коридорите VIII и X-d.

Исто така, населението ќе има финансиски придобивки од експропријацијата на земјиштето, за што се предвидуваат околу 210 милиони евра. Овие средства ќе им бидат исплатени на граѓаните чие земјиште ќе биде предмет на експропријација, а со тоа ќе се придонесе за зголемување на потрошувачката моќ на овие граѓани.

Земајќи ги предвид економските и финансиските придобивки за стопанството и населението, инвестицискиот мултипликатор и севкупниот ефект на овој проект врз растот на бруто-домашниот производ се проценува на повеќе од 2% од номиналниот БДП годишно.

Изградбата на четирите нови автопати дополнително носи економски придобивки кои не можат да се квантифицираат. Со изградбата на делниците ќе се подобри транспортот, што ќе резултира со намалување на трошоците за транспорт и на оперативните трошоци за возилата. Воедно ќе се подобри и безбедноста на транспортот. Сето ова ќе придонесе за полесно патување и отворање нови бизниси во регионот, со што ќе се зголемат и регионалните можности за нови вработувања. Побрзото поврзување ќе донесе придобивки во делот на регионалното планирање на просторот и ќе ја зголеми вредноста на земјиштето. Изградбата на автопатите ќе има и позитивно влијание врз развојот на туризмот, на регионот, а секако ќе ја зголеми и трговската размена.

 

Економска теорија: Мултипликативниот ефект на инвестициите во инфраструктурата

Постојат емпириски докази дека инвестициите во инфраструктурата повеќе го стимулираат растот на бруто-домашниот производ во споредба со  другите фискални расходи. Во економската теорија, идејата за примена на инфраструктурните инвестиции како економски стимул постои уште од кејнзијанската школа. Според кејнзијанската теорија, високата стапка на невработеност и негативниот економски резултат во време на рецесија се припишуваат на намалената агрегатна побарувачка. Потрошувачите трошат помалку, фирмите продаваат и заработуваат помалку, оттаму се кратат трошоците и отпуштаат работници, што влијае врз вкупната куповна моќ и побарувачката и придонесува за продолжување на негативниот циклус. Според оваа теорија, едно од решенијата е намалената побарувачка од страна на приватниот сектор владите да ја надоместат преку раст на јавната потрошувачка. Иако ова буквално би значело секаков вид јавна потрошувачка којашто би го затворила производниот јаз во економијата, самиот Кејнз посочува дека потрошувачката треба да има мултипликативен ефект, или секоја потрошена пара од страна на владата треба да стимулира дополнителна потрошувачка во приватниот сектор. На пример, владата ангажира градежни фирми да изградат патишта, кои за таа намена вработуваат и плаќаат градежни работници; градежните работници платата ја трошат за своите животни потреби купувајќи производи и услуги што, пак,  стимулира отворање нови работни места во други производствени и услужни дејности.

Ендогената теорија за економски раст вели дека владите можат да го забрзаат економскиот раст преку политики за стимулирање на конкурентноста и иновативноста. Согласно оваа економска теорија, капиталните инвестиции во образованието, здравството и телекомуникациите носат додадена вредност во економијата.

Теоријата на понудата, или макроекономскиот концепт којшто вели дека економскиот раст се заснова на зголемувањето на понудата на стоки и услуги, исто така ги третира инвестициите во ифраструктурата, особено во транспортот. Согласно оваа доктрина, унапредувањето на транспортот би придонело за подобрување на факторите за ефикасност и продуктивност на производството, преку пониски производствени трошоци за фирмите и поголема мобилност на трудот.

Инвестициите во инфраструктурата се погодни бидејќи отвораат различни профили на работни места, од високо до нискоквалификувани (на пример, градежни инженери, архитекти и градежни работници). Скоро сите крупни инфраструктурни проекти траат по неколку години, а во текот на тој период се обезбедуваат сигурни работни места. Работниците на овие проекти ја подигаат локалната економија преку потрошувачката, додека по завршување на проектот на населението му останува инфраструктурата којашто обезбедува јавна услуга, го олеснува животот или ја подобрува продуктивноста на населението. Така, кон крајот на 2021 година, кога се чуствуваа последиците од енергетската криза, претседателот на САД, Бајден го потпиша Законот за инвестиции во инфраструктурата и нови работни места, вреден 1,2 трилиони долари, а насочен кон обнова на патишта, мостови, водоводи, обновливи извори на енергија, широкопојасен интернет и друга инфраструктура.

 

Јавните инвестиции како двигател на приватните инвестиции

Во контекст на мултипликативниот ефект и инвестициите во инфраструктурата, има уште еден аспект што треба да се земе предвид, а тоа е стимулирањето на инвестициите од приватниот сектор. Добар пример за тоа е „Јункеровиот план“, каде што „едно евро мобилизира 15“. Имено, поранешниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер во 2014 година, со цел да ја раздвижи економската активност во ЕУ по рецесијата предизвикана од Светската финансиска криза, но и за да ја подобри инфраструктурата во земјите од ЕУ, го претстави „Инфраструктурниот инвестициски план на ЕУ“ или попознат како „Јункеров план“. Вкупната вредност на овој план изнесуваше 335 милијарди евра инвестиции во инфраструктура. Специфичноста на Планот е во тоа што со него беше креиран фонд, којшто мобилизираше повеќе средства од јавни и приватни извори за финансирање проекти од клучно економско значење, како што се транспортна и енергетска инфраструктура, енергетска ефикасност, широкопојасно поврзување итн. Европскиот фонд за стратешки инвестиции (European Fund for Strategic Investment – EFSE) имаше мултипликативен ефект на инвестициите во сразмер 1:15, така што средствата од фондот мобилизираа 15 пати повисоки инвестиции.

 

План за забрзување на економскиот раст – развојни фондови и инструменти

На истите премиси е базиран и владиниот План за забрзување на економскиот раст, чија цел е најоптимална употреба на ресурсите и забрзување на растот на среден рок. Овој план е сеопфатна рамка за забрзување на растот и финансирање на истиот, којшто се заснова на: 1. Раст на инвестициите – раст на јавните инвестиции и мобилизирање двапати повеќе инвестиции од приватниот сектор со вкупен ефект од 12 милијарди евра во следните неколку години; 2. Забрзување на економскиот раст, удвојување на традиционалниот раст на посакуваните годишни стапки од околу 5% и 3. Фискална консолидација – помал долг, како резултат на помал јаз помеѓу приходите и расходите. Дополнително, кон овие цели е поттикнувањето побрза реализација на инвестициите преку низа механизами (вклучително и механизмот КАПЕФ), кои ќе го подигнат просекот од  периодот 2011-2019 година, којшто изнесуваше 72%, за најмалку 10 процентни поени. Преку инвестициите ќе се поддржат јавни проекти, јавно-приватни партнерства и институционални реформи во областите зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, човечки капитал, физичка инфраструктура и социјална кохезија. Извори на финансирање, покрај државниот буџет, се и ќе бидат меѓународни финансиски институции, приватни инвеститори и банки и развојни партнери.

Со Планот е предвидено креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. За финансирање јавни капитални проекти, како и финансирање проекти од приватниот сектор, во Планот се предвидуваат и јавно-приватни партнерства, концесии и други инструменти. Еден пример е Фондот за поддршка на извозни компании преку поволни кредитни продукти. Со формирањето Фонд за инвестиции би се поддржале покрупни проекти,  образовни проекти како на пример, изградба на градинки, училишта, спортски сали и сл., при што при изборот на компаниите што би биле вклучени во целиот процес би се дала предност на мали и средни компании. Фонд за зголемување на финансиски средства (Fund of Funds) би бил начин за финансирање растечки фокусирани бизниси, како мали и средни компании во развој и експанзија со седиште во РСМ. Стратешки инвестициски фонд би бил наменет за финансирање на инфраструктурата и инвестициите. Овој фонд би ја обезбедувал потребната финансиска поддршка за покривање на обемната инфраструктура и агенда на инвестиции во слободните економски и индустриски зони. За воспоставување дел од овие фондови можно е да се користат веќе воспоставените институционални капацитети, како Фондот за иновации и технолошки развој, Развојната банка и Технолошко индустриската развојна зона. Покрај фондовите, начин за мобилизација на средства е и краудфандингот (crowdfunding – групно финансирање).

Порај фондовите, за генерирање средства ќе се користат и хартиите од вредност издавани од државата, за кои повеќепати имам пишувано. Нови инструменти за финансирање на развојот се зелените обврзници, развојните и проектните обврзници, граѓанските развојни обврзници и развојните обврзници наменети за дијаспората. Тие ќе обезбедат капитал за развојни проекти, како и можност за дополнителни грантови од Европската комисија и други развојни меѓународни институции.

 

Седум милијарди евра тековно инвестициско портфолио на среден рок

А сега малку поконкретно за инвестициите. И покрај кризата, годинава продолжуваме со заложбата за зголемување на инвестициите во трајни вредности коишто ќе придонесат за економски раст и развој. Годинава, капиталните инвестиции од Буџетот изнесуваат околу 800 милиони евра, или скоро двојно повеќе во однос на претходната година. Овие инвестиции ќе се финансираат со буџетски средства, преку ИПА фондови и со заеми. Портфолиото на јавни проекти коишто се спроведуваат во соработка со меѓународните финансиски институции, во следниот седумгодишен период се проценува на околу седум милијарди евра (дополнително на ова се и проекти финансирани од Буџетот).

Во однос на патната инфраструктура, покрај четирите нови автопати ќе продолжи и  изградбата на делницата Ранковце – Крива Паланка, потоа делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, како и на западниот дел од патниот Коридор 8, Кичево – Букојчани и Кичево – Охрид. Предвидени се средства и за изградба на автопатската делница Скопје – Блаце. Дополнително, преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе се изработи урбанистички и основен проект за поврзување на Тетово со Призрен, Р. Косово. Годинава, за инвестиции во патната инфраструтура предвидени се околу 250 милиони евра.

Во однос на железничката инфраструктура, во 2023 година предвидено е да заврши реконструкцијата на Коридорот X, со поддршка на ЕБОР. Со овие активности ќе се подобри протокот на патници и стоки на оваа делница, ќе се намалат трошоците за одржување и ќе се осигури поефикасен и посигурен сообраќај. Предвидени се и средства за изградба и рехабилитација на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридорот VIII, односно Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Како што беше најавено неделава од страна на Железници на РСМ Инфраструктура, ќе се распише и тендер за последниот потег на пругата до Бугарија. Среднорочно, потврдено е и финансирањето на железничката пруга Кичево – Лин (Албанија) од страна на ЕБОР и ЕИБ. Годинава за овие активности се предвидени околу 39 милиони евра.

Во делот на енергетиката, ќе продолжи изградбата на гасоводната мрежа и интерконекторот со Грција. Воедно ќе се работи и на заокружување на гасоводниот преносен систем на ниво на цела држава на среден рок. Исто така, предвидени се инвестиции во обновливи извори на енергија, соларна енергија и ветерна енергија, при што во тек е меѓународен тендер за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ преку ЈПП. Ќе продолжи и проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините. Со ова ќе се обезбеди енергетска транзиција кон чиста енергија и зголемување на енергетската независност на земјата.

Во областа комунална инфраструктура и управување со отпад ќе продолжи, со  интензивирана динамика, изградбата на водоводни и канализациски системи во општините, финансирано од сопствени извори и средства од ЕИБ. Исто така, предвидени се средства за Регионалниот проект за управување со цврст отпад со поддршка од ЕБОР, со кој е предвидено воспоставување регионални системи за управување со отпад во Југозападниот, Полошкиот, Вардарскиот и Југоисточниот Регион. Со средства од ЕИБ и ЕБОР предвидено е да се финансира и еден од најголемите проекти во земјава од областа на животната средина – Пречистителна станица за отпадни води Скопје. Со средства од ИПА ќе продолжи и рехабилитацијата и надградбата на пречистителните станици во Кичево, Битола и Тетово.

Во текот на годината ќе продолжи реализацијата на повеќегодишниот успешен Проект за подобрување на општиниските услуги преку спорведување капитални проекти, чија единица за реализација функционира во рамки на Министерството за финансии.

Во здравствениот сектор планирани се инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи и набавка на медицинска опрема, меѓу кои и реконструкција на општата болница во Кичево.

Во областа на образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите, како и инвестиции во спортска инфраструктура. Со цел подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, како и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување преку изградба на нови и пренамена на веќе постоечки објекти за предучилишни институции, во 2023 година продолжува реализацијата на Проектот за унапредување на социјалните услуги.

Предвидени се и значителни капитални инвестиции за рурален развој, изградба на хидросистеми и за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Треба да се стремиме кон концептот „да ја донесеме Европа дома“ на нашиот пат кон ЕУ. Овој концепт ќе придонесе за унапредување на животниот стандард на нашите граѓани и реализација на нашите стратегиски цели во поглед на евроатлантските интеграции. Сè она што е погоре напишано е во функција на оваа заложба, односно преку СМАРТ стратегии побрзо да се реализираат зацртаните цели. Инвестициите во инфраструктурата секако се дел од паметното управување, бидејќи инвестициите во инфраструктурата имаат мултипликативен ефект за економијата и многукратни придобивки за граѓаните и општеството.

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *