Вести|

25 мај 2023, Тиват – РС Македонија ја задржува макроекономската стабилност и останува посветена на реформскиот процес, истовремено справувајќи се со предизвиците од енергетската и ценовната криза. Минатата година, ваквите политики овозможија ММФ да ни обезбеди пристап до Инструментот за претпазливост и ликвидност, со цел справување со кризата и одржување стабилност на среден рок. Кризата е менаџирана од страна на Владата и јавните финансии се одржуваат на стабилно ниво. Воедно, кризата ги искачи високо на приоритетната листа прашањата за обезбедување енергетска ефикасност, диверзификација на изворите на енергија и одговор на климатските промени.

Ова беше посочено на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер, одржана на маргините на состанокот на Конституенцата на ММФ и Светската банка во Тиват.

„Спроведовме значајна реформа во управувањето со јавните финансии. Донесен е новиот Закон за буџети и веќе се работи согласно со поставените фискални правила во него, односно тие се преточуваат во Буџетот и во Фискалната стратегија, со постепена фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит“, истакна министерот Бесими.

Тој потенцира дека како дел од новиот концепт во јавните финансии е и даночната реформа, којашто е позитивно оценета и од Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка и од Европската комисија.

„Даночната реформа значи воспоставување нов модерен и правичен даночен систем, со ревидирање на даночните преференцијали. Законските решенија на кои работевме минатата година и кои беа утврдени во текот на широкиот инклузивен процес, се веќе доставени во Собранието, каде што се очекува нивно усвојување во најбрз можен рок“, посочи министерот.

Осврнувајќи се на кризата и потребата од фискална поддршка за надминување на предизвиците што произлегуваат од неа, истакна дека дел од активностите што се насочени кон енергетска ефикасност и диверзификација на енергетските извори имаат забрзана динамика и дека тоа во иднина ќе ја намали потребата од директна поддршка од Буџетот. Справувањето со предизвиците што произлегоа од енергетската криза и од климатските промени е дел од приоритетните политики на Владата во наредниот период и ќе биде составен дел од буџетската политика. За таа цел, се бара пристап и до програмите на меѓународните финансиски институции и фондови коишто ќе ја забрзаат  енергетската транзиција и ќе влијаат врз климатските промени.

На средбата учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која присуствува и на состанокот на Конституенцата во Тиват.

Покрај со Камер, министерот Бесими во Тиват ќе се сретне и со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани и со регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора.

Во рамки на состанокот на Конституенцата, министерот Бесими утре ќе учествува на панел-дискусијата на тема „Стремеж за економска стабилност/Фискална консолидација и затегнување на монетарната политика – кој е оптималниот микс на политики?“. На темата ќе дебатираат гувернерите  на централните банки на Молдавија, Ерменија и Романија, а свои обраќања ќе имаат и претседателот на Банката на Холандија, Клас Кнот и директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *