10 јуни 2023, Скопје – Нови можности „да ја донесеме ЕУ дома“ се отворија минатата недела, кога претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, го објави новиот план за доближување на земјите од Западен Балкан до Европската Унија и за нивна економска поддршка. Планот може да се сфати како подадена рака кон земјите од регионот, чиј процес на пристапување низ годините беше проследен со голем број предизвици. Како што посочи и самата Фон дер Лајен на форумот ГЛОБСЕК во Братислава, „новиот пристап на ЕУ не е само да бара од партнерите да направат чекор кон ЕУ, туку и ЕУ да направи голем исчекор кон нив, а заедничка цел е забрзување на процесот“.
Ако се суди според најавата, со планот треба да се почувствуваме како дел од Унијата, преку повеќе поволности што им се овозможуваат на земјите од Западен Балкан и нивните економии. Ова е мошне охрабрувачка порака, особено во еден специфичен период кога на европска почва се води војна, оптимизмот во регионот околу влезот во ЕУ варира, а на национално ниво исправени сме пред политичко премреже. Истовремено, сите сме исцрпени од неколкуте напоредни глобални економски кризи со кои се соочивме во изминатите три години. Треба да го искористиме позитивниот моментум од аспект на процесот на пристапување кон Унијата, но и од аспект на тоа „да ја донесеме Европа дома“ со цел ползување на придобивките од членството дури и пред да станеме членки.
Четири столба за развој на Западен Балкан
Согласно најавата на претседателката на ЕК, новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и нивно приближување до Европската Унија се базира на четири столба: 1) Приближување до единствениот пазар на ЕУ, 2) Регионална економска интеграција, 3) Забрзување на фундаменталните реформи и 4) Стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови. Најавениот пакет има навистина широк опфат и економските придобивки од него се многукратни. Земјите од Западен Балкан ќе имаат можност многу порано да ги почуствуваат бенефитите од главниот двигател на економскиот успех на Унијата – заедничкиот пазар. Најверојатно, најавениот пристап ќе се однесува на еден негов поголем сегмент, односно на дигиталниот единствен пазар, преку кој се врши размена на стоки и услуги преку дигитални канали. Тој вклучува области како е-трговија, кибер-безбедност и олеснување на платежните услуги и трговија со стоки. Заедничкиот регионален пазар може да помогне во забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ, но исто така, регионалната економска интеграција е суштинска и за отклучување на огромниот економски потенцијал на регионот што го прави истиот поатрактивен за странските инвеститори. Ист е случајот и со претпристапните реформи, бидејќи владеењето на правото и ефикасното и кредибилно правосудство се позитивен сигнал за странските инвеститори, додека зелената транзиција и обезбедувањето енергетска одржливост се клучни за стабилноста и одржливиот раст. Итно е потребен раст на инвестициите во регионот со што ќе се подигне стандардот на живеење и воедно ќе се потпомогне и кон приближувањето до ЕУ. Како што беше споменато, планирано е зголемување на претпристапните фондови за земјите од Западен Балкан, кои ќе ја стимулираат економската активност и ќе креираат дополнителен фискален простор.
Планот на ЕУ и националниот План за забрзан економски раст
Евроинтеграциите се моја постојана инспирација и како автор. Многупати сум се осврнал, како преку економската теорија, така и преку емпириски анализи, на придобивките од заедничкиот европски пазар, значењето на членството за странските инвеститори, поттикнувањето на конкурентноста на домашните фирми, подобрувањето на условите за водење бизнис, значењето на претпристапните фондови за економијата и условите за живеење итн. „Да ја донесеме Европа дома“ е аксиомот од кој отсекогаш сум се водел и залагал при креирањето и спроведувањето на политиките, имајќи ја предвид крајната цел на интеграциите – обезбедување економски напредок и благосостојба за нашите граѓани. Во оваа насока е и нашиот План за забрзан економски раст кој се темели на истите премиси и ја има истата цел. Имајќи го ова во вид, а воедно заинтригиран од новопретставениот план на ЕУ за Западен Балкан, оваа колумна ја посветив на споредбената анализа на двата плана и стратегијата што треба да ја спроведат, како и на синергијата што може да произлезе од напоредното спроведување на националниот и европскиот развоен план.
Пред сè, ако ја анализираме структурата на планот на ЕУ, таа е насочена кон економско зајакнување и поврзување на регионот, подобрување на конкурентноста на економиите и зголемување на инвестициите. Доколку се разгледа националниот План за забрзан економски раст, може да се заклучи дека голем дел од структурата е иста како и целите. Преку имплементацијата на двата плана, поддршката на Европската Унија и јасната перспектива за крајната цел, „носењето Европа дома“, односно обезбедувањето благосостојба за граѓаните, нема да изостане.
Економско поврзување и единствен пазар
Несомнено, најголема придобивка и двигател на економскиот развој на ЕУ е единствениот пазар од половина милијарда потрошувачи, преку кој ЕУ стана трговска суперсила. Единствениот пазар на ЕУ овозможува слободно движење на стоки, услуги, граѓани и капитал, без царини, квоти и визи и слободен трансфер на капитал за физички и правни лица. Заедничкиот пазар поставува заеднички вредности и стандарди, им помага на фирмите да растат и ја поддржува иновативноста. Заедничкиот пазар бара сите да произведуваат според истите правила и стандарди, што креира доверба кај потрошувачите за квалитетот на производите, како и доверба во производствениот процес од аспект на запазување на правата на работниците и од аспект на заштита на животната средина. Од друга страна, единствениот пазар е шанса за компаниите, особено за малите компании, да привлечат нови потрошувачи и инвестиции за да продолжат да растат и понатаму. Ова е многу значајно и од аспект на синџирите на добавување кои овозможуваат полесен пристап до нови добавувачи. Истовремено, единствениот пазар е дел од одговорот за решавање на глобалните проблеми, како што се климатските промени, преку развој на циркуларна економија и ползување на придобивките од дигиталната револуција, како и иновативни решенија.
Теоријата на компаративните предности на Давид Рикардо вели дека секој треба да го произведува она за што има компаративни предности, за да преку таквата специјализација се постигне поголема продуктивност и намалување на трошоците по единица производ. Од друга страна, според теоријата на компетитивни предности на Мајкл Портер, а согласно ендогентите теории на раст, движечка сила на растот се иновациите, човечкиот капитал, инфраструктурата и финансискиот капитал. Гледајќи низ призмата на нашата економија, со излегувањето на европскиот пазар нашите претпријатија ќе можат да ги користат придобивките од понудата на компаративните предности и од постигнувњето економија од обем при производството, но, исто така, ќе бидат поттикнати кон усовршување на своите производи и кон иновирање, што ќе ги направи поконкурентни. Притоа, Владата со инвестиции во подобрување на инфраструктурата, зајакнување на човечкиот капитал и поддршка на инвестициите и иновациите во приватниот сектор ќе придонесе кон подобрување на конкуретноста на нашата екномија, поттикнување на инвестициите и забрзување на економскиот раст. Тука, секако, би го додал и доброто владеење, како во однос на владеењето на правото, така и во однос на зајакнување на капацитетот на институциите и подобрување на квалитетот на јавните услуги. Според овие премиси, националниот План за забрзување на економскиот раст содржи механизми за поддршка на конкурентноста и иновативноста на домашните претпријатија преку овозможување пристап до финансии и фондови, како и други инструменти за поддршка на извозот и развојот на компаниите.
Кога станува збор за регионалното поврзување треба да се спомене дека Западен Балкан во изминатите две децении забележа значаен економски и општествен прогрес, а со популација од 17,6 милиони граѓани, како пазар претставува предизвик за малите економии во развој коишто го сочинуваат. Иницијативата за поврзување во еден пазар пости низ годините наназад и досега се направени одредени чекори. Сепак, имајќи ги предвид придобивките што можат да произлезат од понатамошна интеграција на пазарите во регионот, ЕУ го поставува прашањето за единствен пазар на Западен Балкан како столб во планот за развој на регионот. Пристапот до нови потрошувачи, јакнењето и пристапот до нови синџири на добавување, намалувањето на трошоците за извоз и јакнењето на конкурентноста на производите во регионот, зголемувањето на атрактивноста за странските инвеститори како единствен пазар – сите овие фактори би влијаеле врз економското јакнење на регионот и поттикнување на економскиот раст. Оттаму, како и во случајот со единствениот пазар на ЕУ, придобивките од поврзување во регионот не треба да се занемарат, напротив, тие се важен фактор во понатамошниот развој на земјите од Западен Балкан, како и услов за продолжување на нивниот европски пат. Од аспект на националната политика, мултилатералните иницијативи за поврзување во регионот остекогаш биле прифаќани со ентузијазам, додека од аспект на поддршка на компаниите за пласман на регионалниот пазар, како и во претходниот случај со европскиот пазар, имаме повеќе алатки со кои би ги поддржиле за настап на истиот.
Структурни реформи
Кога станува збор за структурните реформи за унапредување на системот и администрацијата за демократско општество и пазарна економија, ќе напомнам дека мерките и политиките што ги предвидовме и ги спроведуваме за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст се во насока и на добро управување, односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Од исклучителна важност тука е концептот за фискална одржливост, за кој се залагаме и за кој имаме одделен акциски план, а во тој контекст и одржување на макроекономската и финансиската стабилност. Тука се и мерките за поттикнување на фискалната децентрализација, обезбедување локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.
Истовремено, дејствуваме и во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, подобрување на пристапот до финансии и адаптација на технологиите и модернизација на земјоделството.
Од аспект на поддршката на конкурентноста на фирмите, покрај финансиската поддршка, ќе ги споменам и мерките што се преземаат во однос на развојот на човечкиот капитал и адекватноста на понудата на пазарот на трудот. Преку сеопфатна стратегија за развој на човечкиот капитал во земјава се третираат сите области што придонесуваат кон подигнување на неговиот квалитет, преку инвестиции во образованието, здравството и социјалната заштита. Исто така, преку активните мерки на пазарот на трудот и континуираното подигнување на фондовите наменети за нив се дејствува врз зголемување на адекватноста на работната сила според актуелната потреба на компаниите.
Дополнители фондови од ЕУ и инвестиции
Последен и многу значаен столб во Планот за раст на ЕУ, но и во националниот План за забрзан економски раст е поттикнувањето на инвестициите, како приватните, така и јавните, кои ќе придонесат за креирање нови вредности, поттикнување на економската активност и обезбедување подобри услови за живот за граѓаните и економски развој. Во таа насока, ЕУ најави нови фондови што ќе бидат достапни за Западен Балкан, а коишто ќе имаат цел економски развој на регионот. Иако сумата на фондовите не беше спомената, без сомнение ЕУ низ годините дава огромна поддршка и е партнер за развој на Западен Балкан. Ако го погледнеме само примерот на нашата земја, во изминатите 30 години поддршката на ЕУ за нашата земја се проценува на над 3,3 милијарди евра преку грантови и макрофинансиска поддршка.
Дискутирајќи за нашиот национален План за поддршка на економскиот раст, ќе напомнам дека во него е предвидена амбициозна среднорочна рамка од 4 милијарди евра во јавни инвестиции, главно крупни инфраструктурни проекти, кои би повлекле двојно повеќе приватни инвестиции, како резултат на мултипликативниот ефект на Планот. Во рамки на стратегијата за мобилизација на капитал, покрај развојните фондови на меѓународните организации, планирани се повеќе финансиски инструменти за мобилизација пред сè на домашниот капитал за развојни цели, меѓу кои и развој на пазарот на државни хартии од вредност.
За подадената рака
На крајот на моето излагање на оваа тема, навистина кусо со оглед на ширината на проблематиката, би заклучил дека пред нас е историска шанса за решавање на еден децениски порив, на една цел, како и долгорочно обезбедување подобар живот за нашите граѓани. Препознаената шанса е половина од остварената цел. Треба да ја прифатиме подадената рака од ЕУ, да работиме на подобрувањето на условите за живот во нашата земја, „да ја донесеме Европа дома“ и да станеме дел од неа. Тоа ќе го направиме само со јасна цел и со поставување на националните пред личните интереси. Водење добра политика значи секогаш да се има предвид економијата, бидејќи економијата е пресудна за квалитетот на живот на нашите граѓани.