14 јуни 2023, Скопје – Системско решение, заеднички усвоено и дефинирано со синдикатите, е единствено одржливо решение кое ќе обезбеди раст на платите на вработените во јавниот сектор. Парцијални или индивидуални решенија ќе го оневозможат тоа системско решение, коешто е неопходно во правец на континуиран раст на платите.
Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во изјава за медиумите и посочи дека во таа насока, во рамки на Економско-социјалниот совет се водат интензивни разговори со цел усогласување и дефинирање на методологијата.
„Во рамки на Економско-социјалниот совет интензивно дискутираме со синдикатите со цел изнаоѓање решение со кое ќе се воспостави методологија и кое ќе претставува системско решение што ќе ги заштити вработените во јавниот сектор и нивниот стандард во однос на инфлацијата. Се работи на усогласување и потпишување Општ колективен договор, кој ќе важи за сите вработени во јавниот сектор. Процесот е дефиниран, преговорите се водат и очекуваме да се усогласиме со цел да се заокружи целиот процес и методологијата“, истакна министерот и посочи дека договореното решение ќе има транзиторна примена, односно период на приспособување.
Тој нагласи дека платите на вработените во јавниот сектор имаат раст и оваа година, а таквиот раст ќе продолжи и во иднина токму преку системското решение што ќе биде заеднички утврдено со синдикатите.
Додаде и дека е клучно да се има системско решение, кое ќе го дефинира статусот и ќе го заштити стандардот на вработените, а воедно ќе ја следи продуктивноста на нашата економија.
Според министерот станува збор за системско решение, исто како што се и решенијата за минималната плата и за пензиите. Покрај разговорите за Општиот колективен договор паралелно се работи на законско решение за платите во јавниот сектор. Она што се работи, како што наведе министерот, е во насока граѓаните и стопанството да имаат ефикасна и професионална јавна администрација.