14 јуни 2023, Скопје – Продолжување на фискалната консолидација, постепено намалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг, поттикнување на економската активност преку капитални расходи и инфраструктурни инвестиции и подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места се очекуваните резултати од среднорочните проекции содржани во Фискалната стратегија на РС Македонија за периодот 2024-2028 година, што ја подготви Министерството за финансии, а ја усвои Владата на последната седница.
Фискалната стратегија ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Таа е изработена во согласност со новиот Закон за буџети, со кој се утврдени фискалните првила, дизајнирани и усогласени со фискалните правила на ЕУ, а со цел фискалната политика да биде одржлива на среден рок.
„Фискалната стратегија е значаен документ кој ги поставува среднорочните насоки по кои ќе се води фискалната политика во наредниот период. Клучни елементи на среднорочната фискална политика се редизајнирање на буџетската политика и фискална консолидација, коишто се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија“, истакнува министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Во наредниот среднорочен, петгодишен период продолжува определбата расходите да бидат во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст, исполнување на интегративните процеси на Република Северна Македонија за влез во ЕУ и обврските што произлегуваат од членството во НАТО.
Согласно Фискалната стратегија, со исцрпување на негативните ефекти од последователните шокови се очекува нормализација на глобалните движења, намалување на инфлациските притисоци и зајакнување на економската активност кај нашите главни трговски партнери што ќе придонесе кон зголемување на надворешната побарувачка и поповолен амбиент за инвестирање.
Продолжува определбата за фискална консолидација и етапно намалување на буџетскиот дефицит од 4,6% во 2023 година, на 3,4% во 2024 година, 3,0% во 2025 и 2026 година, 2,8% во 2027 година за да дојде до 2,5% во 2028 година. Фискалната консолидација ќе продолжи преку поддршка на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и со зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии. Фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, коишто се предуслов за подобрување на економските перспективи, но и на животниот стандард. Среднорочните фискални проекции имаат силна развојна компонента, со значајно учество на капиталните расходи во БДП со над 5% на годишно ниво, а воедно претставуваат и клучни елементи на јавните финансии. На среден рок се практикува златното правило во јавните финансии: капиталните расходи ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата на Буџетот ќе се раководи според принципот „вредност за вложените пари“ (“value for money”), при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот. Планираните средства укажуваат на интензивирање на инфраструктурните проекти, односно инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, потоа во земјоделството, културата, спортот, правосудството, но и за заштита на животната средина. Реализацијата на капиталните расходи и инфраструктурните проекти во приоритетните области, во согласност со владините политики, се очекува да генерираат позитивни мултипликативни ефекти врз економскиот раст на среден рок и да ја забрзаат реалната економска конвергенција кон европските економии.
Обезбедување одржлив економски раст и развој со Фискалната стратегија е главен приоритет и на даночната политика, којашто е насочена кон унапредување на ефикасноста и ефективноста во наплатата на приходите, зголемување на даночна транспарентност, подобрување на квалитетот на услугите и намалување на административниот товар.
Со Стратегијата се очекува зачувувањето на макроекономската стабилност и фискалната одржливост да создаде поповолни услови за динамизирање на економската активност и постигнување просечна стапка на раст од 5% во периодот 2024-2028 година. Притоа се очекува просечниот годишен раст на приватната потрошувачка да достигне 3,5%, на јавната потрошувачка 1%, извозот се очекува да го одржи солидното ниво и има проектиран раст на 8,5%, а воедно се очекува и продолжување на позитивните движења кај странските инвестиции и раст на просечната плата од 6%,
Фискалната стратегија ја изработува Министерството за финансии, притоа имајќи ги предвид стратешките приоритети на Владата на РС Македонија и предлозите на матичните буџетски корисници. Оваа година Министерството за финансии, на својата веб-страница, првпат објави план со временски рокови за подготовка на Фискалната стратегија. Среднорочната фискална стратегија e во согласност со среднорочните фискални цели и стратешки приоритети на Владата и овозможува следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели. Еден од најголемите приоритети на Владата е подобрување на управувањето со јавните финансии и зајакнување на среднорочното буџетирање за наредните 5 години. Тоа е дел и од процесот за пристапување на земјата во ЕУ.