15 јуни 2023, Скопје – Владата на РС Македонија обезбеди нови 100 милиони евра од Европската инвестициска банка, наменети за малите и средни претпријатија за надминување на предизвиците што произлегуваат од енергетската и економската криза. Вчера во Собранието беше усвоено законското решение за гаранција за Договорот за заем на овие средства, подготвено од Министерството за финансии.
„Со овие средства се излегува во пресрет на бизнис-заедницата за обезбедување свеж капитал за малите и средни претпријатија, како и за средно пазарно капитализираните претпријатија, но воедно се наменети и за проекти за зелена транзиција согласно економските мерки на Владата на Република Северна Македонија за заштита на потрошувачите и компаниите од енергетската криза. Ова е од големо значење за надминување на проблемите што произлегуваат од светската енергетска и економска криза којa директно го погаѓа работењето на малите и средните претпријатија. Со овие средства се обезбедува поддршка за нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството, зголемен извоз и зелена транзиција, како и за задржување на конкурентната позиција на компаниите“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Кредитната линија ќе се пласира преку Развојната банка на Северна Македонија, а за крајните корисници средствата ќе бидат достапни преку деловните банки и тоа со поволна каматна стапка и подолги рокови на отплата. Компаниите ќе можат а ја користат оваа кредитна линија за обртни средства и за инвестиции со цел обезбедување свеж капитал и ликвидносна поддршка.
Ова е седма кредитна линија од ЕИБ што се реализира преку Развојната банка на Северна Македонија. Со неа вкупната поддршка на Владата кон приватниот сектор изнесува 650 милиони евра. Таа претставува продолжување на активностите на Владата за поддршка на стопанството преку Развојната банка на Северна Македонија. Во стопанството претходно беа пласирани средства од кредитните линии, дел од пакетот антикризни мерки, достапни по поволни услови.
Дополнително, со усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај ЕБОР по Договорот за заем за финансирање на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, фаза 2“, се овозможува пренамена на средства од заемот од ЕБОР за заокружување дел од градежните работи на железничките коридори 8 и 10. Заемот од ЕБОР, покрај за градежни работи за изградба на железничката линија од Бељаковце до Крива Паланка (фаза 2), вклучувајќи и обнова на постојните делови од линијата, ќе се користи и за финализирање на изградбата на железничката линија од Куманово до Бељаковце (фаза 1), како и за подобрување на железничката пруга на Коридорот 10. Пренамената на средствата од обезбедениот заем од ЕБОР се овозможи со доделениот грант за реализација на овој проект од Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ.