Вести|

2 јули 2023, Скопје – Прва причина зошто граѓаните да инвестираат во граѓанската обврзница е поволната каматна стапка, а втора причина е сигурноста на инвестицијата. Но, со граѓанската обврзница се проширува и инвестициското портфолио преку развиен пазар на капитал, што е трета причина за инвестирање. Борбата со сивата економија е четврта причина, додека  инвестирањето во подобро утре, во економски раст и развој е петта причина која ја наведува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна.  Со купонска камата од 5% и рочност од две години, граѓанската обврзница во моментот е една од најповолните хартии од вредност на пазарот, со добивка од 10% на вложената сума за две години. Државните хартии од вредност се и најсигурен инвестициски инструмент, бидејќи државата стои зад нив како издавач и ја гарантира нивната сигурност и сигурноста на приносот.

„Граѓанската обврзница има купонска камата, што значи дека каматата којашто државата му ја плаќа на имателот се исплаќа на повеќе пати, во согласност со утврдените рокови во Проспектот. Во случајот со граѓанските обврзници понудени на оваа аукција, каматата ќе му се исплати на имателот на 20.7.2024 и 20.7.2025 година. Тоа значи дека доколку некој сега инвестира 100.000 денари, државата ќе му исплати камата по 5.000 денари на наведените датуми, или вкупно 10.000 денари за две години, што е 10% од вредноста. При истекот на рокот на обврзницата, државата му ја враќа на граѓанинот целата сума што ја инвестирал. Една обврзница има вредност од 10.000 денари, и тоа е минималниот износ што може да се инвестира“, пишува Бесими.
Граѓаните сега ќе можат да ги ползуваат овие придобивки преку инструмент кој е дизајниран специјално за нив. Граѓанските обврзници нудат сигурност и од друг аспект, а тоа е заштита на заштедите на граѓаните од ефектите на инфлацијата.

„Процедурата за инвестирање во граѓанска обврзница е исклучително едноставна. Граѓаните треба да појдат во некоја од комерцијалните банки и да поднесат барање за учество на аукцијата, а потоа и да го уплатат износот за кој сакаат да купат обврзници. Барањето треба да биде доставено до банката најдоцна еден ден пред одржувањето на аукцијата. По завршување на аукцијата, барателите склучуваат договор и обврзницата се запишува на нивно име, а потоа, како што доспеваат роковите, им се исплаќа каматата“, пишува министерот за финансии.

Првата аукција на граѓански обврзници кај нас ќе се одржи на 13 јули. Граѓаните ќе можат да поднесуваат барања до 12 јули. На аукцијата ќе бидат понудени обврзници во вкупен износ од 600 милиони денари.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *