5 јули 2023, Скопје – Граѓанската обврзница е иновативен производ на домашниот финансиски пазар, наменет пред сѐ за граѓаните и е во нивен интерес. Тој е транспарентен и им нуди можност на граѓаните, во овој период кога имаме висока инфлација, да вложат во безризична инвестиција со прилично добри приноси.
Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во гостување во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител. Тој потенцира дека постапката за купување на обврзниците е едноставна и граѓаните може да ја извршат во сите деловни банки, со средствата што ги имаат на сметките или со готовина.
„Станува збор за иновативен производ на нашиот финансиски пазар, наменет пред сѐ за граѓаните и во нивен интерес. Со него, во време на релативно висока инфлација, се штити вредноста на парите, во смисла на тоа што носи поволни приноси. Воедно, станува збор за безризична инвестиција, бидејќи ќе може да го прошират инвестициското портфолио освен во депозити во банка и акции, сега и во државни обврзници и истовремено ќе можат да тргуваат со нив, зависно од потребите на секундарниот пазар, односно на Берзата или преку шалтерите на банките. Тоа ќе биде една можност и граѓаните да придонесат во развојот на финансиските пазари, бидејќи ќе можат да купуваат покрај со своите средства во банките и со готовина, што ќе помогне во намалувањето на сивата економија. Поточно, она што е заштеда надвор од системот ќе влезе во банкарскиот систем и ќе го поттикне развојот. Граѓаните, исто така, ќе бидат дел и од развојните проекти на државата, односно ќе партиципираат во финансирањето на развојните проекти“, рече министерот и додаде дека во граѓанската обврзница може да инвестираат сите граѓани, државјани на РС Македонија, а тоа значи и нашите граѓани од дијаспората.
Потенцира дека постапката за купување е многу едноставна и дека се врши преку шалтерите во банките, како и сите други услуги што се нудат. Во процесот се вклучени сите банки, а граѓаните може да се обратат на шалтерите во периодот од 9 до 14 часот, до 12 јули. Аукцијата ќе се одржи на 13 јули, а по неколку дена ќе се изврши регистрирањето во Депозитарот на хартии од вредност.
Министерот наведе дека за купените обврзници граѓаните ќе добијат камата од 5% годишно, која ќе биде исплатена на 20 јули 2024 за првата година и на 20 јули 2025 за втората година, по што ќе им биде вратен и целиот инвестиран износ, односно, на крајот ги добиваат инвестираните пари и остварениот принос од каматата.
Ова е прва емисија на граѓански обврзници издадена на вредност од 600 милиони денари, но, како што најави, ќе бидат запишани обврзници на целиот износ за кој ќе има интерес. Граѓанската обврзница како инструмент континуирано ќе се нуди на пазарот и граѓаните ќе може да инвестираат во него и во иднина.
Според министерот, граѓанските обврзници нема да влијаат врз депозитите на граѓаните во банките и дека станува збор за транспарентен процес. „За купување граѓанска обврзница ќе се применуваат сите прописи и процедура за контрола што веќе ги спроведуваат банките. За овој инструмент нема нови поволности надвор од она што се стандарди за спречување перење пари“, истакна министерот, потенцирајќи дека овој инструмент е имун на политички изјави и дека е во интерес на граѓаните.