Вести|

13 јули 2023, Скопје – Процесот на издавање на првата емисија на граѓанска обврзница беше успешно завршен со денешната аукција на која беа запишани граѓански обврзници во износ од 1.448.030.000 денари, што е двојно повеќе од она што беше објавено со Проспектот за граѓанската обврзница во износ од 600 милиони денари.

„Интересот за овој нов иновативен производ на финансискиот пазар беше навистина голем. Граѓаните го препознаа својот интерес и ја искористија можноста да инвестираат во производ кој за нив е безризичен, сигурен и носи атрактивен принос, штитејќи ја вредноста на нивните пари во момент на висока инфлација“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој додаде дека придобивките од воведувањето на овој инструмент на пазарот се повеќекратни и дека покрај бенефитите за граѓаните, инвестирањето во него значи дека на тој начин придонесуваат за раст на домашната економија, бидејќи средствата од граѓанската обврзница ќе се пласираат преку Буџетот во веќе планирани развојни проекти. Дополнително ќе влијае и врз намалување на сивата економија, затоа што ќе ја активира готовината што граѓаните ја чуваат надвор од системот.

На аукцијата учествуваа 1.283 граѓани со уплатени 1.448.030.000 денари. Минималниот уплатен износ за учество на аукцијата изнесуваше 10.000 денари. Максималниот износ не беше предвиден. Процесот на поднесување барање и уплатата на средствата се одвиваше преку шалтерите на деловните банки. Овој процес заедно го спроведуваа Министерството за финансии и сите деловни банки во земјата.

Со аукцијата се заокружува процесот на издавање на граѓанската обврзница, а сега следува постапката за евидентирање на граѓанските обврзница во Централниот депозитар за хартии од вредност. Приносот по основ на камата на граѓаните ќе им биде исплатен на 20 јули 2024 година за првата година и на 20 јули 2025 година за втората година, кога ќе им биде вратен и целиот вложен износ. Каматната стапка за оваа емисија на граѓанска обврзница изнесува 5% годишно и таа е фиксна за двегодишниот период на важност на обврзницата. Тоа значи дека граѓаните кои инвестирале во граѓанска обврзница ќе добијат 10% принос од инвестираниот износ.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *