Вести|

16 јули 2023, Скопје – „Владата никогаш не беше „спротивставена страна“ во преговорите за плата со синдикатите. Таа беше менаџер во процесот на утврдување оптимален исход. Активно водевме преговори со синдикатите, но воедно ни беше важно да понудиме соодветно решение пред ММФ, за да согледаат и тие дека предлогот има фискална издржаност и дека нема да направи притисоци врз макроекономската стабилност“, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна посветена на воспоставувањето систем на индексирање на платите во јавниот сектор. Министерот истакнува дека за првпат од осамостојувањето утврдено е системско решение за платите во јавниот сектор, коешто е во интерес на вработените, чии плати континуирано ќе растат, што е во интерес и на фискалната одржливост и зачувувањето на макроекономската стабилност.

„Најважната одлука што ја донесовме е системското решение за индексирање на платите во јавниот сектор со просечната плата на ниво на економијата во рамките на номиналниот раст на БДП. Усогласувањето на платите во јавниот сектор од март 2025 година ќе се врши такашто просечната плата ќе се множи со коефициент. Со овој чекор ќе добиеме еден реален систем на плати, усогласени со состојбите на пазарот на труд, кој ќе биде праведен и транспарентен за целиот јавен сектор. Имаме транзициски период од околу две години за имплементација на ова решение, што е сосем доволен период со оглед на тоа дека станува збор за крупна реформа, а сите активности поврзани со неа треба беспрекорно да се спроведат, вклучително и измена на законската рамка, на општиот колективен договор, но и да се утврдат коефициентите“, пишува Бесими и додава дека ние, најверојатно, ќе бидеме првата земја во светот која платите во јавниот сектор ќе ги индексира со просечната плата, што ќе обезбеди континуирано прилагодување на платите преку следење на движењата на пазарот на труд и продуктивноста.

Понатаму истакнува дека целта на Владата е платите да растат, како во јавниот така и во приватниот сектор, и тоа да биде придружено со раст на продуктивноста и на бруто-домашниот производ. Наведува дека во изминатите пет години, имајќи ги предвид барањата и потребите во јавниот сектор, имаше повеќе покачувања на платите, како за целиот јавен сектор така и за одделни дејности, како образование, детска грижа, здравство, судство, култура, АРМ, МВР, ДЗР, структури на ИПА, државна управа итн. Притоа пораснаа платите и во приватниот сектор, што најдобро се огледа од податоците за просечната плата, која во изминатите 5 години е повисока за 50%.

„Јавниот сектор, особено државната администрација, може и треба да биде важен чинител во промените за економски развој. Јавниот сектор е служител на приватниот сектор и негова должност е да обезбеди услови за развој и конкурентност на приватниот сектор. Оттаму, покрај систем на достојно вреднување на јавните работници, неопходно е да се направи оптимизација. Тоа би значело функционална анализа за оптимално искористување на капацитетите и унапредување на квалитетот на услугите што ги нуди јавниот сектор. Рационализацијата нема да значи отпуштања на вработените, туку добро поставена програма со поволни и атрактивни мерки за трансфер на вработените во приватниот сектор, каде што веќе се чувствува потребата на пазарот на труд за поголем број работници, а од друга страна влијае врз конкурентноста и растот на економијата“, посочува Бесими.

Инаку, со решението коешто Владата го усогласи со синдикатите, со септемвриската плата годинава сите вработени во јавниот сектор ќе добијат покачување од 10% на постојните плати, што следува по усогласувањето од 5% во март по основ на минималната плата. До крајот на годината, на сите вработени во јавниот сектор ќе им биде исплатен и регрес за годишен одмор за 2023 година во износ од 10.000 денари, додека од следната година, според општиот колективен договор, регресот ќе се дефинира на минимум 30% од просечната нето-плата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *