Вести|

17 јули 2023, Скопје – Сто милиони евра макрофинансиска поддршка за РС Македонија денеска е одобрена од страна на ЕУ. Ова претставува поддршка на патот кон членство во ЕУ, поддршка за реформите и најзначајно – поддршка на политиките во време на криза.

„Помошта од ЕУ претставува потврда на сѐ она што го преземаме како политики откако претходно беше потврдено и од меѓународните финансиски институции. Станува збор за 100 милиони евра со кои ЕУ го поддржува планот на земјата во справувањето со енергетската криза и реформите од евроинтегративниот процес“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој додаде дека оваа помош доаѓа како резултат, според наводите од ЕУ, на силната посветеност што Владата ја покажа во спроведувањето на понатамошните реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година.

Предложената помош од ЕУ ќе се користи за покривање на финансиските потреби во текот на 2023 и 2024 година, но притоа поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи насочени кон фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно приватните партнерства, деловното окружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата.

Станува збор за средства од пакетот којшто ЕК го воспостави во време на корона-кризата. РС Македонија во 2020 и 2021 година користеше 160 милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *