Вести|

19 јули 2022, Скопје – Законското решение, кое го подготви Министерството за финансии, а е во насока на поголема заштита на граѓаните кои ги користат услугите на финансиските друштва доби зелено светло во Собранието на РС Македонија.

Со Законот се обезбедува значително поголема заштита на граѓаните корисници на услугите на финансиските друштва и зголемување на довербата во финансиските друштва, и тоа преку  утврдување на максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот,  укинување на можноста за земање кредит за затворање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво, укинување на можноста трговските друштва што поседуваат дозвола или лиценца согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри да можат да бидат кредитни посредници на финансиско друштво, односно да нудат кредитни производи.

Исто така, согласно законските измени во иднина финансиското друштво нема да може да склучи договор за потрошувачки  кредит, ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60% од износот на одобрениот кредит. Поконкретно надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги и тие нема да може да бидат повеќе од главницата на кредитот.

Финансиските друштва ќе имаат обврска да воспостават систем за управување со кредитен ризик, којшто се однесува на оценување на кредитната способност на клиентот за враќање на кредитот како и оценка на загуба на финансиското друштво поради неможност клиентот да ги намирува своите обврски во договорениот износ или рокови.

Законот го зајакнува и надзорот врз работењето на финансиските друштва, по примерот на другите регулатори, а за што ќе биде пропишан и донесен посебен правилник. Исто така, предвидени се и глоби од 8.000 до 10.000 евра за непочитување на законските одредби.

Дополнително,  измените ја зајакнуваат регулаторната рамка за работење на финансиските друштва на пазарот во Република Северна Македонија, а со цел тие да претставуваат сериозни финансиски институции кои нудат алтернатива на банкарското работење, а не само друштва кои нудат краткорочни кредити на населението.

Позначајна промена се однесува на зголемување на износот на основната главнина за основање на финансиското друштво од 100.000 евра на 500.000 евра, при што таа не може да биде обезбедена од заеми или кредити.  Законските измени пропишуваат и дека дозволата ќе му биде одземена на финансиското друштво ако во рок од една година му се изречат две мерки, односно глоба или привремена забрана за вршење активност.

Измените на Законот произлегоа од потребата за зајакнување на регулаторните барања и стандарди што треба да ги исполнуваат финансиските друштва, чиј број  значително се зголеми, а се зголеми и бројот на корисници на потрошувачки кредити што тие ги издаваат.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *