24 јули 2023, Скопје – Финансирање мерки за справување со кризата е основната карактеристика на данокот за солидарност, кој не е општ и е наменетза финансирање антикризни мерки во Буџетот и за него е дискутирано на јавна расправа со сите засегнати страни, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими на седницата на Комисијата за европски прашања, каде што ова законско решение е на дневен ред.
„Она што го прави специфичен овој данок, кој е вонреден и еднократен, е тоа што тој не е неутрален, општ данок како другите системски даноци коишто го финансираат Буџетот, туку точно се знае неговата намена и затоа средствата се насочени во програмата П1, за справување со корона-кризата, но и за други мерки коишто се поврзани со кризата. Тоа е дефинирано и во Законот за извршување на Буџетот со кој експлицитно се пропишува дека средствата ќе се користат за поддршка на антикризни мерки и на тој начин потранспарентно ќе биде прикажано каде ќе се трошат овие средства“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека аспектот на солидарност на овој данок е и едно од начелата на Уставот, односно член 8 и член 33 во кои е дефиниран принципот на солидарност, како и дека сите граѓани и правни субјекти се должни да ги плаќаат јавните давачки утврдени со закон.
Министерот потенцира дека токму заради таа солидарна карактеристика, овој закон доби поддршка во процесот на подготовка во кој беа вклучени сите засегнати страни и бизнис-заедницата. Како што посочи, минатата година во декември, во неколку наврати беа организирани јавни расправи на кои присуствуваше и бизнис-заедницата која даде свои предлози кои потоа беа прифатени и сега се составен дел од Предлог-законот којшто е во собраниска процедура.
Тој додаде дека покрај широките консултации, креирањето на ова решение е во согласност со регулативата на Советот на ЕУ 2022/1854, којашто е искористена и од другите земји членки на ЕУ, како Хрватска и Унгарија, каде што покрај енергетскиот опфатени се и други сектори.
„Со ова се дава една основа за солидарна поддршка на Буџетот, од кој, во овие 3 години од почетокот на корона-кризата па досега, се потрошени речиси 2 милијарди евра токму за таа намена. Оваа година ЕУ ни додели 80 милиони евра грант и 100 милиони евра буџетска поддршка по поволни каматни стапки, па затоа е особено важно и ние како земја да покажеме респонзивност на ефектите од кризата. Оттаму сметам дека овој данок, кој е вонреден и еднократен, се однесува токму за таа намена, поточно да се даде поддршка во овие услови кога финансиските пазари се толку скапи, а притоа да не ги оптоваруваме идните генерации со заеми и со камати, а воедно да се поддржат стопанството, преку мерки за мали и средни претпријатија, и граѓаните кои веќе беа поддржани по неколку основи во однос на енергетската криза. Така на пример, само по основ на примена на повластените стапки на ДДВ кај електричната енергија за домаќинставата се дадени 70 милионии евра“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.