3 септември 2023, Скопје – Разликата од чекалницата на ЕУ до влезот во Унијата е за 21,8 пати повеќе средства од фондовите кои ќе ѝ станат достапни на земјава по влезот во ЕУ. Според грубите пресметки, членството во Унијата ќе донесе дополнителни 2.868 евра по глава на жител во земјава, односно дополнителни 5,2 милијарди евра за пет години, што е на исто ниво со Буџетот на нашата земја за 2023 година. „Ова се средства со кои ќе можеме да имаме подобра инфраструктура, подобри услови за живот, повеќе средства за работа на нашите претпријатија и подобар животен стандард за нашите граѓани“, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна.
Тој посочува дека како што земјата се доближува до Унијата, така се отклучуваат повеќе фондови, развојни и структурни. Прави споредба помеѓу Кохезиониот фонд, наменет за членките на ЕУ, и претпристапните фондови на ЕУ – ИПА. Кохезиониот фонд е наменет за поддршка на земјите членки на ЕУ, кои имаат бруто-национален доход (Gross National Income) понизок од 90% од просекот на ЕУ-27. Со средствата од Кохезиониот фонд се поддржуваат проекти од областа на животната средина, како и трансевропските мрежи во областа на транспортната инфраструктура.
„Во периодот од 2021 до 2027 година, Кохезиониот фонд го користат Бугарија, Чешка, Естонија, Грција, Хрватска, Кипар, Латвија, Литванија, Унгарија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка и Словенија или околу 128 милиони жители на Унијата. За периодот од 2021 до 2027 година, преку овој фонд, на овие земји им се достапни 392 милијарди евра, или според груби пресметки околу 3.000 евра по глава на жител (со вкупно население – 128 милиони жители). За истиот период, на земјите кандидати или потенцијални кандидати за членство во Унијата им е достапен претпристапниот фонд – ИПА III (2021-2027), во вкупен износ од 14,2 милијарди евра. Според груби пресметки, со ИПА III се обезбедуваат по околу 140 евра по глава на жител за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција (со вкупно население – 103 милиони жители). Сумарно, разликата од чекалницата на ЕУ до влезот во Унијата е 2.868 евра по глава на жител, односно 21,8 пати повеќе (3.006/138=21,8)“, пишува Бесими.
Министерот истакнува дека ЕУ предвидува и многу други дополнителни фондови за своите земји членки. Буџетот на ЕУ, за периодот 2021 – 2027 година е проценет на околу 2.000 милијарди евра, додека средствата се насочени кон поддршка на областите: Климатска и дигитална интеграција; Заеднички пазар и иновации; Кохезија, отпорност и заеднички вредности; Природни ресурси и околина; Миграција и управување со граничниот простор; Соседство и свет и Европска јавна администрација.
Во својата најнова колумна, министерот за финансии ја најавува и третата годишна конференција на Скопје економски и финансиски форум (СЕФФ), која годинава е посветена на дискусијата за ефектите и моментумот за приклучување на ЕУ. Бесими најави присуство на високи претставници на Европската комисија, европските развојни банки, меѓународни финансиски институции како Светската банка и ММФ, УСАИД, претставници од владите во регионот, дипломати, но и претставници од бизнис-секторот, академската јавност итн.