Вести|

8 септември 2023, Скопје – Владата на РС Македонија ги финализира преговорите за обезбедување финансиски средства од  Банката за развој при Советот на Европа – ЦЕБ.  Барањето е веќе доставено до Банката, до крајот на овој месец се очекува да бидат финализирани условите, а до крајот на годината и одобрени од страна на Банката. Ова беше соопштено на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со гувернерот на ЦЕБ, Карло Монтичели и вицегувернерот на ЦЕБ, Томаш Бочек во Париз.

„Банката за развој при Советот на Европа е една од водечките меѓународни финансиски институции во земјава, која поддржува инвестиции во јавната и социјалната инфраструктура, но воедно го поддржува и приватниот сектор, особено малите и средни претпријатија. Оваа нова кредитна линија е насочена токму кон поддршка на малите и средни претпријатија и на дел од широката лепеза проекти на кои работи Владата и со други финансиски институции, а сѐ со цел да се поддржи нивната ликвидност и зелените инвестиции во период на криза“, рече министерот Бесими.

Тој посочи дека станува збор за 50 милиони евра за домашните компании, кои ќе бидат пласирани преку Развојната банка и претставуваат надополнување на веќе постоечките производи кои со поддршка од Владата исто така се пласираат преку Развојната банка, а се насочени кон поддршка на компаниите.

Инаку, Банката веќе одобри грант од 1,1 милион евра од Фондот за зелени социјални инвестиции, со кој ќе се финансира поставувањето фотонапонски централи на училишни објекти во земјава, коишто се реновирани исто така преку проект поддржан од оваа финансиска институција.

Соговорниците ја потврдија успешната соработка помеѓу РС Македонија и ЦЕБ, која досега учествуваше во реализацијата на девет проекти во јавниот сектор во износ од 264 милиони евра. Поддршката е насочена во здравствениот сектор, образованието, во секторот правда, потоа за изградба на социјални станови, како и поддршка на мали и средни претпријатија, а во наредниот период се очекува забрзување на динамиката на реализација на проектите како резултат на преземените реформи во делот на јавните финансии.

На средбата стана збор и за стратешката рамка на Банката во наредниот период и иницијативата за зголемување на нејзиниот капитал, што ќе овозможи зголемени активности на Банката за периодот 2023-2027 година во земјите членки, а на што РС Македонија, како членка, даде позитивен одговор.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *