12 септември 2023, Скопје – Во рамки на платформата за дискусија на јавни политики – Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), основана од страна на Министерството за финансии, на 15 септември ќе се одржи годишната централна дебата, односно Третата годишна конференција, на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“. Конференцијата ќе ја отворат министерот за финансии, Фатмир Бесими, премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан. Целта е транспарентна и инклузивна дискусија на релевантни теми, во време кога пред нашите граѓани се отвораат бројни нови можности за повисок стандард, понапредни услови за живот, сигурност и перспектива преку евроинтеграцијата.
На Конференцијата ќе говорат високи претставници на европските банки – Европска инвестициска банка, Банка за развој при Советот на Европа и Европска банка за обнова и развој, на меѓународните финансиски институции – Светска банка и ММФ, УСАИД, но и претставници од владите во регионот и земјава, дипломати, претставници од бизнис-секторот, академската јавност итн. Ќе се одржат четири панел-дискусии: „Забрзување на европската и регионалната интеграција“; „Унапредување на окружувањето за економски просперитет“; „Геополитика и политика“ и „Глобални трендови и бизнис можности“.
СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии за обединување и дебата помеѓу креаторите на политиките и политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската јавност, бизнис-секторот и други експерти, со цел креирање синергија на идеи и иницијативи за економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст. Оваа платформа е резултат на заложбата за транспарентен и инклузивен дијалог со сите општествени чинители од земјата, регионот и пошироко, имајќи предвид дека инклузивноста е основа за носење одржливи решенија.