13 септември 2023, Скопје – Капиталните расходи, заклучно 11 септември, се остварени во износ од 26 милијарди денари или за 136% повеќе во однос на лани. Континуирано се работи на зголемување на сумата за капитални расходи во Буџетот, но и на подобрување на нивната реализација заради мултипликативниот ефект што го имаат во економијата, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими, во гостувањето во „Дневникот“ на националниот сервис МРТВ. Бесими истакна дека пренасочувањето на дел од средствата од капиталните расходи со цел зголемување на платите во јавниот сектор и пензиите е од оние проекти каде што динамиката на реализација го дозволува тоа, како и дека значајни заштеди се прават и на ставката стоки и услуги.
Министерот наведе дека во изминатите неколку години се воведени повеќе буџетски механизми за подобрување на реализацијата на капиталните расходи од страна на институциите. Еден од нив е механизмот КАПЕФ, со кој се поставуваат тримесечни таргети и доколку некоја институција потфрли во реализацијата на капиталните расходи, неискористените средства се резервираат.
„Треба да се истакне дека при прераспределбата на средствата во Буџетот се намалуваат ставките на одделни проекти, согласно динамиката на реализација. Ова се главно средства од развојни програми на странски кредитори. Доколку кон крајот на годината динамиката на реализација забрза, ќе се повлечат средства“, посочи министерот за финансии. Тој потенцира дека во последното тримесечје од годината, како и секоја година, се очекува забрзување на реализација на капиталните расходи.
Со прераспределбата на средствата во Буџетот се обезбедуваат 4,25 милијарди денари за зголемување на платите за 10% и за К-15 во износ од 10.000 денари за 106.000 вработени во јавниот сектор. Исто така, се обезбедуваат 3,5 милијарди денари за ново зголемување на пензиите за 336.000 пензионери. Министерот Бесими посочи дека во Буџетот се направени значајни заштеди во ставката стоки и услуги, иако тоа можеби не се гледа во крајната бројка заради зголемувањето на средствата за набавка на лекови и учебници.