14 септември 2023, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска се сретна со регионалната директорка за Западен Балкан на Светската банка Шиаочин Ју, која на покана на министерот Бесими е дел од говорниците на Годишната конференција на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ), која Министерството за финансии ја организира трета година по ред.
„СЕФФ како иницијатива на Министерството за финансии дава можност за обединување и дебата помеѓу креаторите на политиките и политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската и експертската јавност и бизнис-заедницата, со цел да се покренат идеи и иницијативи кои за нас, како институција, имаат многу важен придонес во креирањето на мерките и политиките насочени кон економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст“, рече министерот Бесими кој ѝ се заблагодари на регионалната директорка за прифатената покана за учество во дискусијата на Конференцијата.
Тој потенцира дека Групацијата на Светската банка е клучен партнер на земјата во креирањето и спроведувањето на реформите и проектите што со нејзина поддршка се реализираат преку утврдената Рамка за партнерство. Проектите се насочени кон подобрување на општинската инфраструктура, изградба на патишта, модернизација на земјоделството, подобрување на енергетската ефикасност, како и спроведување реформи во социјалната сфера и основното образование.
На средбата стана збор и за новата Рамка за партнерство, којашто е во финална фаза и се очекува нејзино одобрување на крајот на годината. Фокусот на новата програма за периодот 2024 – 2028 година е зајакнување на човечкиот капитал, заштита на животната средина и одговор на климатските промени.
Министерот посочи на активностите што ги презема Министерството за финансии во насока на одржување на макроекономската стабилност и прудентно управување со јавните финансии, фискална консолидација и примена на поставените правила со новиот Закон за буџети.
Конференцијата на СЕФФ на тема „Европа ДА, Европа СЕГА“ ќе се одржи утре во Скопје. Регионалната директорка за Западен Балкан Шиаочин Ју ќе се обрати на панел-дискусијата посветена на Европската и регионалната интеграција, заедно со вицепремиерите Бојан Маричиќ и Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Бен Нупнау, потоа претставникот од Амбасадата на САД во земјава Ерик Мејер и претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет Бојан Стојановски. Конференцијата ќе ја отворат премиерот Димитар Ковачевски, министерот Бесими и еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, којшто е и главен говорник на СЕФФ годинава.