Вести|

15 септември 2023, Скопје – Европската Унија е како машина за конвергенција на економии во развој во развиени економии и тоа за кус период од деценија или две. Ова се должи главно на инјектирањето средства преку структурните фондови, но и на новите можности што се отвораат преку инвестициите, структурните промени и пристапот до единствениот пазар. За побрза конвергенција на регионот кон просекот на приходите по глава на жител во ЕУ, треба да се поттикнува водењето зелена економија и зелени бизнис-модели,  инвестициите, особено во поврзувањето и инфраструктурата, но и да се поддржат малите и средни претпријатија. Макроекономската стабилност нема да ја забрза конвергенцијата, но без стабилност не може да има раст. Ова беа главните пораки на втората панел-дискусија на Скопскиот економски и финансиски форум „Пазари, институции и економски просперитет“.

Модератор на панел-дискусијата беше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој се осврна на значењето на евроинтеграциите за забрзување на развојот на земјите од Западен Балкан, но и на значењето на човечкиот капитал за подобрување на конкурентноста на економиите. Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, истакна дека поврзувањето треба да започне прво на национално, потоа на регионално и на ниво на ЕУ, како и дека развојот на земјите секогаш треба да се става на прво место пред сѐ останато. Бектеши нагласи дека стратешкиот пристап е од суштинско значење во постигнувањето на долгорочните цели, односно иако администрациите се менуваат, стратегиските интереси секогаш треба да бидат исти во интерес на развојот на земјата. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, говорејќи за синергијата при заедничкиот настап и поврзувањето на регионот, истакна дека со заедничко барање и координиран настап на земјите од регионот, ЕУ го вброила Коридорот 8 во еден од главните европски коридори.

Во врска со конвергенцијата на земјите од регионот, беше истакнато дека на почетокот на 2000-тите години  регионот брзо напредувал кон просекот на ЕУ, но по Глобалната економска криза развојот забави. Томас Бочек, вицегувернер на Банката за развој при Советот на Европа и Матео Колангели, директор на ЕБОР за Западен Балкан ја истакнаа потребата од зајакнување на инвестициите во јавната инфраструктура, образованието, работната сила, со социјален фокус, додека шефот на Канцеларијата на ЕИБ во земјава, Бјорн Габриел го посочи значењето на зелената енергија и поддршката на бизнис-секторот, особено на малите и средни претпријатија. Од аспект на развојот, и Живко Мукаетов, генерален менаџер на „Алкалоид“, ги истакна предностите за компаниите извозници во земјите членки на ЕУ во однос на другите земји, акцентирајќи дека влезот во ЕУ ќе придонесе за поттикнување на домашниот извоз. Жак Миниан, шеф на Мисијата на ММФ, го истакна значењето на одржувањето макроекономска стабилност за економскиот развој, но и одржувањето ниско ниво на буџетски дефицит и задржување на развојната компонента на Буџетот. Главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, Иваило Изворски, исто така, ги истакна инвестициите како движечка сила за конвергенција и развој, а нагласи дека тие можат да се постигнат со инвестиции во човечки капитал и дигитализација за забрзување на економскиот раст.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *